Пантерот и папагалот, и уште две песни

02.05.2020 15:42
Пантерот и папагалот, и уште две песни

 


ВРАБЕЦОТ И ЗДРАВЕЦОТ


Што прави, што прави... Врабецот?
Малку е болен, па лета накај здравецот.

Што прави, што прави... Здравецот?
Спремен е да прими падобранец.

Што прави, што прави... Врабецот?
Со забец го грицка здравецот.

Што прави, што прави... Здравецот?
Среќен е што му помогнал на странец.

Што прави, што прави... Врабецот?
Се заблагодарува со песна и танец.



ДАБАРОТ, ДАБАРИЦАТА И ДАБАРЧЕТО


Што прави, што прави... Дабарот?
Дабарот го проглодува патот до дабарицата и ја оплодува.

Што прави, што прави... Дабарицата?
Дабарицата се подува, така заплодена, па запловува кон леглото каде што набрзо се породува.

Што прави, што прави... Дабарот?
Дабарот се порадува.

Што прави, што прави... Дабарчето?
Дабарчето најпрвин пооглодува, па пропливува, па проодува.

Што прави, што прави... Ветрот?
Ветрот продува и подува.

Што прави, што прави... Дабарицата?
Дабарицата целата е облагородена.

Што прави, што прави... Дабарчето?
Дабарчето на брегот малку поодува.

Што прави, што прави... Ветрот?
Откако подува, ветрот здувна.


ПАНТЕРОТ И ПАПАГАЛОТ, КРАЈ РАСПАРТАЛЕНАТА ПАНДА

Што прави, што прави... Пантерот?
Пантерот, во папрад, штотуку прави партал од една панда.

Што прави, што прави... Папагалот?
Папагалот, на гранка, ја гледа сцената и му вели на пантерот: „Ни папок ни панкреас не си оставил од пандата“.

Што прави, што прави... Пантерот?
Пантерот вака му одговора на папагалот: „Сценава што ја виде, со пандава, може да има свој пандан. Имено, патем, може да се случи еден пантер толку да парталоса еден досаден папагал што од него нема да остане нит пантлика нит панделка!“

Што прави, што прави... Папагалот?
Папагалот дрско му одговара на пантерот-пандур: „Седи, бе, таму, патору, папкару низаеден!, да не земам, патем, со патерица да ти го разбушавам патецот!“

Што прави, што прави... Пантерот?
Пантерот му вели на папагалот: „Иди, бре, папагалу, папај паприкаш! Патем, се шеташ низ џунглава без патен налог, а?!“



Слики: Maurice Sendak - Where the Wild Things Are (1963)

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото