Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (15)

03.05.2020 19:00
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (15)

 

„Дијалози во еднина“, Ана Стојаноска , „Култура“

- Прво не ме гледаше. Само ме чувствуваше. Знаеше дека има нешто што седна до него, ама не знаеше што. Си ја потпрев главата на неговото рамо, како што седеше на работ на зградата, и му шепкав дека сум тука за него.Пред да ме оттргнат од него, за мене еден миг за него два-три дена можеби, почна да ме препознава. Ме праша како се викам? Му го реков истото што и тебе.Ми рече, не е важно како се викаш, само биди тука. Потоа ме бараше низ воздухот, сакаше да ме допре.Му проговорив како ти што викаш во главата и му реков дека го сакам и ќе го сакам ако постои засекогаш. Се насмеа. Не се уплаши како луѓето пред него, кога ќе им се обратев ако имаше потреба. Само се насмеа. Уште ја паметам неговата прва насмевка.И воздишката што му излезе од градите.Ми рече дека ме чекал цел живот, дека не постоела некоја друга жена што така ја сакал, а не ја знаел. Дека сум му дала надеж за живот. Дека сега почнало се да има смисла.Тогаш јас се насмеав.Не знаев дека таа смисла ќе биде и награда и казна, зашто го однесоа да го чува светот од бесмислата.А ми рече дека е обичен човек, ги чува книгите во она што го викаат Библиотека и дека сака да ги чита.„Во книгите е сето знаење и сета мудрост, сета убавина, но и сета грдосија, во книгите има многу животи и сите се вечни и смртни истовремено“, така ми шепотеше низ неговите соништа. За мене еден миг, за него цела недела. И знаев дека тогаш и таму, ние еден без друг нема да можеме да постоиме. Дека тој постои за мене. Дека јас сум тука за него.Му ја зедов дланката и му ја ставив на мојот образ, ги затворив очите и му покажав како се лета. Ми рече дека можам да му правам што сакам, дека нема ниту страв ниту лоша мисла со мене. Потоа почнав да добивам облик. Го обвиткав со крилјата кои тој не ги гледаше, туку само ги чувствуваше и ме прегрна со рацете.Можев засекогаш да останам во тие прегратки.Можев да бидам цела вечност така неподвижна.Место тоа останав да талкам цела вечност. Следниот миг за мене, ден за него, му реков дека сакам да останам во него, тој во мене, дека не сакам ништо друго освен него. Дека мојата смисла сега е тој и дека сето досега било само вовед кон него. Ме бакна токму во мигот кога почнав да добивам тело што тој го гледа. Не размислувајќи му реков дека се откажувам од сето свое само да сум со него. И тој ми рече, дека ќе ги даде сите книги и сето знаење и сета мудрост и цел живот само да остане со мене.Така останати еден во друг силно не оттргна сила.Мене ме однесе кај реката, истовремено него на крајот на светот. Не можев да видам што е со него. Сите способности што ги имав ги немаше.Потоа ми ги откорна крилјата.Викав, испуштав крици, урлав, се дерев, плачев, викав, немав глас, урнав три планини со гласот, неколку лавини уништија планински села, јас викав и викав.За тоа време го оставиле таму и му рекле дека ќе се спаси само ако јас го најдам и да ја зачува смислата на светот.Дека може да ме види само во неколку соништа и дека потоа ќе е се празно. Дека ако не го најдам, ќе исчезне и тој и смислата на светот, дека со мене ќе се гостат долу и дека треба јас да знам да му помогнам. Дека ако го сакам, ќе го најдам и ќе му помогнам. Им рекол дека знае дека ќе го најдам и знае дека го сакам. И дека тој ме сака толку многу што се откажува од се што има само јас да сум со него. Од неговите зборови трите света се измешале, а јас те најдов тебе. „Ќерката на дрвосечачот“, Наде Стојилковиќ, „Сакам книги“

Беше сама, сосема сама на овој свет, на улица, во непознатиот град за неа. Каде да оди? Кому да се обрати за помош?Луташе цело попладне по некои мали,споредни улички и не забележувајќи каде се движи. Темнината го совлада денот. Светилките во градот се палеа една по една и ја заменуваа дневната светлина. Денот, дваесет и седми по ред во октомври, беше студен. Дана беше загрната само со кусото, есенско палтенце, со тенка блуза под него, и црни, сомотни пантaлони на себе. Едно време и пристуде, и се чинеше дека студот и влегува во коските.Беше преморена од предолгото одење.

Несвесно, патот ја врати во улицата од каде што тргна тој ден. Единствената личност на која можеше да помисли беше тетка Ценка. Се срамеше од помислата, ама мораше да оди кај неа. Се молеше само Александар да не е дома, да ја најде сама и да и ја каже својата мака.

И така беше.Тетка Ценка нешто работеше по кујната и кога ја виде Дана на вратата, срдечно и се насмевна: „Влези, душо, влези...“, и довикна и веднаш се сврте кон шпоретот.

Одеднаш како нешто да ја помести од место. Ја погледна повторно Дана и кога го виде нејзиниот лик, насмевката и замрзна на лицето.Пријде до неа, ја фати мајчински за раката и ја поведе до креветот. Нежно ја прегрна, а од толкава нежност на Дана повторно и бликнаа солзите и почна неутешно да плаче.

Тетка Ценка ја остави да се исплаче, лулајќи ја во скутот како мало дете. Со рацете полека и ја мрсеше прекрасната, руса коса. Стрпливо чекаше да се исплаче и да ја исфрли маката од себе.

По некое време и ја поткрена главата, и погледна одлучно во очите и и рече:

„Ајде, дете, доста беше. Што и да е, не заслужува толку плачење. Кажи ми што те мачи, па ќе ти олесни“.

Душата на Дана се отвори како што знаеше да го направи тоа само пред оваа прекрасна жена. „Трудна сум...“, прошепоте, со одвај чујни зборови. И плашејќи се дека тетка Ценка ќе помисли лошо за неа, не сакајќи да и остави ни миг сомнеж во својата чесност, веднаш додаде: „Бев силувана“.

Тетка Ценка се очекуваше, само не и тоа што го слушна. Мислеше, нешто ја потскарала Зорица, некоја беља во куќата направила, искршила нешто, што било. Само не и ова што излегуваше од устата на Дана. Запрепастено гледаше во неа неколку секунди, не можејќи веднаш да се соземе.

„Што зборуваш, Дано?!“ со неверување запраша. А веднаш знаеше дека и не треба да прашува. Знаеше дека е точно. Тоа плачење, таа болка, собрани во оваа душа, не беа од искршена чаша.

Кон Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (14)