ФФФ Пролетни онлајн миграции (21–31 мај)

04.05.2020 11:58
ФФФ Пролетни онлајн миграции (21–31 мај)

 

 Под мотото ИДЕИ, СВЕТОВИ Филозофскиот Филмски Фестивал пролетва ќе го започне своето 10. роденденско издание. Основачот на надалеку познатата естетичка лабораторија на Филозофскиот факултет во Скопје, хрватскиот (и тукашен) филозоф, Павао Вук-Павловиќ, воедно претставува и еден од најважните мислители на плуралноста на световите. Зашто светот не е еден, а уште помалку единствен. Колку ли прилега нашиот свет пред три-четири месеци (пред да започнат корона премрежјата) со овој којшто сега го сведочиме/живееме? Светот изграден на идејата за опстанок и заштита, драматично се разликува од оној изграден на идејата за слобода. Целото човештво е исправено пред предизвикот да замисли свет/светови што ќе бидат подобри и поправедни. Филозофијата и филмот како расадници на умноста и имагинацијата (идеите и световите) можат многу да помогнат во ова, зашто тука тие се на свој терен...

Еве ја добрата вест – Фестивал, сепак ќе има! Среде општата дефлација на културни настани, и кога главнината од нив се откажани или пролонгирани за подобри времиња, тимот на Филозофскиот Филмски Фестивал (ФФФ), како независна културна иницијатива, вложи вонредни напори да не се повлече целосно пред пандемијата и пред сите неможности што произлегоа од оваа криза. ФФФ ќе го прослави својот 10. роденден со хибридно издание – во време на предвидениот термин (21-31 мај), понудувајќи ѝ ги на културната јавност ФФФ ПРОЛЕТНИТЕ ОНЛАЈН МИГРАЦИИ, односно онлајн издание по примерот на бројни фестивали низ целиот свет, додека остатокот од програмата (Официјалната селекција на долгометражни филмови, Ревијалната програма „Филм-философија“, Меѓународната конференција „Филозофија и филм“, Едукативната програма и ФФФ Караванот), во кои се предвидени бројни филмски остварувања и многу домашни и странски гости и учесници, ќе биде пренасочен наесен (точните датуми наскоро ќе бидат јавно објавени).


ФФФ ПРОЛЕТНИТЕ ОНЛАЈН МИГРАЦИИ се плод на солидарно партнерство меѓу Филозофскиот Филмски Фестивал (организиран од страна на Филозофското друштво на Македонија), Кинотеката на С. Македонија и македонската VoD платформа Cinesquare, со институционална поддршка на Град Скопје (добиената институционална поддршка од Агенцијата за филм и од Министерството за култура поради вонредната состојба во моментов не може да се реализира), како и неколку други поддржувачи, соработници, пријатели и вљубеници во филмот и филозофијата. Овие онлајн миграции се замислени како солидарна културна акција на креативен отпор кон ограничениот пристап на идејно профилирани културни содржини оваа пролет, но и недостапноста на културата на граѓаните поради влошената економска состојба (оттука фестивалската програма на Cinesquare ќе биде достапна бесплатно) и на поддршка на работата на режисерите, коишто, исто така, се силно погодени од ковид кризата (со доделување, за прв пат, на парична награда за победникот во Селекцијата на краткометражни филмови).


Што ќе понудат ФФФ ПРОЛЕТНИТЕ ОНЛАЈН МИГРАЦИИ?
Тука, пред сѐ, влегува, веќе споменатата Селекција на краткометражни филмови, односно дваесеттина краткометражмни остварувања од целиот свет по избор на селекторот д-р Дејан Здравков и според двата клучни критериуми за овој единствен фестивал во светот од ваков вид: уметничкиот квалитет и филозофската податливост/релевантност. Победникот од страна на трочленото стручно жири ќе ја добие наградата (статуетка) „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм и соодветна парична награда. Освен тоа, жирито на еден од филмовите ќе му додели плакета за новооснованата награда „Стефан Сидовски – Сидо“, во чест на нашиот професор, филозоф и филмофил, и соработник на Фестивалот од самите почетоци.

Во рамките на онлајн изданието ревијално ќе бидат прикажани и неколку краткометражни, среднометражни (за прв пат на Фестивалот) и долгометражни (документарни) филмови, и електронски ќе биде достапен еден темат „Филозофија и филм“ на националното списание Филозофска трибина (како мал дел од издавачката дејност на Друштвото и Фестивалот). Покрај филмовите, за задржување на специфичната фестивалска магија и фестивалското искуство, преку различни социјални платформи, ќе бидат организирани повеќе модерирани активности: интервјуа, Q&A со режисери, видео излагања, Zoom-трибина за ковид-19 кризата и состојбата на филмскиот сектор кај нас, а секако и неколку изненадувања. Накратко, десетина дена дестилиран културен воздух полн со „обични и необични идеи“ и мноштво „храбри нови светови“.

www.philosophicalfilmfestival.mk