Трилиони клети

04.05.2020 14:03

Решил слонот да отвори фирма
и ја нарекол, едноставно – „Бивна“.
Тргувал со банани и киви,
со цреши и модри сливи,
со кајсии, мушмули и манго,
со зумбули и чевли за танго.
„Чевлите се јадат?“
Како ли се садат?
– прашала овцата певливо
со гласче тенко, бевливо.
„Какво садење, какви бакрачи!
Со такви прашања не ме мачи!
Туку, продавам и торти,
ги испорачувам до порти“
– рекол слонот и кивнал
оти в студена река пливнал.
Бизнисот му цветал ко кокиче в зима,
сметката в банка му растела ко плима
и набргу добил идеја смела
да отвори фабрика цела,
да вработи соколи и врапци,
да вработи гнуа и жапци,
да стане индустријалец прав
и в петоци да јаде тартуфи со грав.
И така, слонот си фантазирал
и до небо си се идеализирал,
си замислувал дека е трилионер
дека кралот му дарил титула Сер,
дека измислил нов елемент,
дека свири во славен бенд,
дека според него нарекле планета,
дека вселенски брод в двор му слетал,
дека слоницата Сурлана
– убавица без мана
во него се вљубила
и нежно на уво му трубела:
„Слону, те сакам,
стави ми прстен на рака“,
дека научил ко џивџан да пее
и сонцето само за него грее...
И додека планови в глава си крчкал
видел еден зајко што си трчкал,
растоварен од планови и сметки,
од договори и бизнис сплетки
и си рекол: „Слону, и ти сакаш вака,
да си трчкаш слободен, без мака.
Батали титули и планети,
батали трилиони клети,
батали банки и дипломи в рамки,
батали бирократски замки.
Ти си слон, не си капиталист,
како веселиов зајко си ист!“
И ја затворил тој својата фирма
и запловил кон иднината мирна,
си затрубел на златниот тромбон
и повторно станал вистински слон.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото