Ден на македонскиот јазик

05.05.2020 15:32
Ден на македонскиот јазик

Кога бев мала често знаев да заплачам без да кажам што ми е.

Проникливоста на моите родители во моето детско и неартикулирано битие е таа која ми го сплете зборовниот пат од чувство до мисла.

За мене тоа е мајчиниот јазик.

Тргнав во училиште – во таа земја на чудата со многу отворени прозорци кон светот, со многу светови кои чекаат разбирање, споени со само една мајка која тоа го нуди – природата. “Кога би можела да ѕирнам во тој јазик на разбирање меѓу природата и сите нејзини светови…”

За мене тоа беше математиката.

Летните одмори беа ископнежнета пауза од училишните светови и нивните прозорци. Голем дел од тие одмори ги поминував на планина кај баба и дедо, далеку од градот, близу до животните, во допир со природата.

Тоа лето не понесов со себе книга, а ни било какво средство за јазично дружење. На планината немаше струја, а водата ја носевме од подалечен извор. „Ќе се дружам со природата”, си реков, „денот бргу ќе ми ја земе светлината за читање после завршувањето на таа дружба”.

Не помина долго пред да почнам да претурам низ колибата за да најдам било какво средство за мисловно лутање: весник, книга, тетратка...Сѐ што најдов беа неколку верски календарчиња, некои од нив постари од животот и смртта заедно. Јазикот на едните од нив – неразбирлив, писмото – разбирливкасто. Јазикот на другите - познат и неинтересен во тоа архаично опкружување. Дедо ми објасни дека неразбирливо-разбирливиот јазик е старословенски.

Се гледавме со старословенскиот еден цел ден, како две животни кои треба да делат простор, но сѐ уште не се подготвени да си го признаат тоа. Следниот ден јас прва попуштив – земав едно од календарчињата и почнав да го читам: молитви, правила, заповеди...

Секој ден од мојот престој на планината беше исполнет со учење нова молитва, нова листа правила, нови заповеди на старословенски. Нивната суштина и смисла на почетокот ми беа од споредно значење, но многу бргу почнав да ги споредувам истите молитви на двата јазика, опседнувајќи се со наоѓање на сите семантички дупчиња меѓу двата јазични света.

Потрагата по равенства меѓу јазичните симболи на различните светови околу мене, нивните значења и јазикот на природата (мојата и онаа математичката) е таа која ми ги дефинираше и сите животни избори.

За мене тоа е македонскиот јазик.

Моите деца често знаат да заплачат без да кажат што им е...

Слика: Оче наш на старословенски

Слични содржини

Книжевност / Став
Книжевност
Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Став

ОкоБоли главаВицФото