Магијата на зборовите

06.05.2020 00:59
Магијата на зборовите

Веројатно никогаш не сте размислувале за броењето и редните броеви - тоа е вештина која се усвојува во најраното детство и секој говорник на својот мајчин јазик ја користи сосема спонтано. Но, кога ќе почнете да откривате други јазици и култури ќе сфатите дека ни броевите не се толку лесни. Да речеме, во кинескиот годините се изговараат така што броевите се читаат по ред: 2019 - „два, нула, еден, девет“.

Нештата се уште понеобични со францускиот. Сѐ е мошне вообичаено до бројот 69, а потоа станува мошне збунувачки. Да речеме, бројот 77 се изговара како „шеесет-десет-седум“. Поголемите броеви се уште понеразбирливи зашто се воведува и множењето, па 99 се изговара како „четири-дваесет-десет-девет“. Тоа е последица на таканаречениот „вигезимален“ систем во кој основа е бројот 20, а го преземале од баскискиот јазик, заради што немаат зборови за броевите 70, 80 и 90. На француската говорна заедница во Швајцарија, пак, ѝ било доста од оваа „ментална гимнастика“ и смислиле нови зборови за овие бројки за да си го олеснат животот себеси и на другите странци.

Кога е во прашање необичното броење неизоставни се и старите абориџински јазици кои ги зборуваат уште мал број староседелци во Австралија. Така, да речеме, во јазикот Валпири кој го зборуваат само уште околу 3 000 луѓе (што го става во редот најголеми абориџински јазици), броењето се врши на следниот начин: еден, два, многу. Бидејќи никогаш не се занимавале со трговија, кај припадниците на овој народ никогаш не се ни појавила потребата да развиваат каков било посложен систем на броеви.

Во еден од најпознатите абориџински јазици, куку јимритру (пред сѐ, по тоа што од него потекнува зборот „кенгур“), говорниците немаат зборови за лево и десно. Наместо овие просторни одредници (егоцентрични) тие ги користат географските (геоцентрични) одредници: северно, јужно, источно и западно. Така во разговор со некој припадник на овој народ можете да ја слушнете следната реченица:

„Непријателот пријде од северната страна и ме нападна. Ја зедов секирата во западната рака и се завртев кон него. Со источната рака во која беше секирата (ја смени ориентацијата после завртувањето) го удрив над западното око...“ Ист начин на ориентација во просторот применуваат и тенџапанските Маи, староседелци од Средна Америка, во својот целталски јазик. Постои и анегдотата за момчето, припадник на овој народ, кое со врзани очи во мрачна просторија било во состојба со стопроцентна точност да одреди каде се наоѓа некоја страна на светот.

Уште еден интересен јазик во Америка е јазикот на народот Навахо, а најинтересен е односот кон неживите и живите битија кој допира во доменот на филозофијата. Имено, во тој јазик е невозможно несвесното битие да изрши каква било активност над свесното битие, ниту битието од пониско ниво да изврши активност над битието со повисоко ниво на свест. Па, така, е невозможно да се каже: „Ме удри автомобил“, зашто автомобилот не може ништо да му направи на човекот. Затоа се вели: „Го удрив автомобилот и ги скршив раката и ногата“. Исто така, на човечкото битие ништо не може да му направи ниедно животно, зашто тоа е на повисоко ниво на свест од животното. Можете само да замислите како изгледа една приказна за борба помеѓу човек и животно во кое погинал човекот...

Овој јазик има и четврто лице кое се користи како почесно во приказната за некоја личност, а задолжително кога се зборува за две лица од кои едното е на повисока општествена положба. Како што се развивал јазикот на Навахо Индијанците во 19 век во опкружување на англискиот јазик, многу зборови биле усвоени со таканаречено калкирање - преведување позајмени зборови, но и со помош на описни едначења. Така, да речеме, зборот „тенк“ на навахо јазикот се изговара како „возило кое ползи и со чија помош се создаваат големи експлозии и на кое се седи на високо“. Интересен е и зборот „hozho“ кој често се преведува како убавина, но впрочем означува склад на убавина, мир, рамнотежа, среќа, задоволство, исполнетост, божествено, здравје и симетрија, што повеќе е филозофски концепт отколку обичен збор.

И другите јазици имаат слични интересни зборови кои се многу тешки за преведување. Така во холандскиот постои придавката „хезелих“ која вообичаено се преведува како „пријатно“, „опуштено“ или „весело“, во зависност од приликите, но опфаќа сѐ - од удобно до пријателско, од опуштачко до друштвено. Тоа е чувство кое го имате кога ќе сретнете пријател што не сте го виделе долго, кога поминувате време со семејството или пеете со друштво во кафеана.

Да речеме, во германскиот го имаме зборот „fernweh“ (носталгија за место каде не сте биле никогаш), во јапонскиот „аригатамеиваку“ (некој ви направил услуга иако тоа не сте го сакале ниту сте го барале, која тргнала наопаку, заради што сте западнале во неволја но мора да ѝ се заблагодарите на таа личност заради општествените обичаи), и уште илјадници слични примери кои го одразуваат духот на некој народ, неговата култура и начелата кои се толку длабоко вкоренети во неговата колективна свест што добиле и сопствен збор.

Во индонезискиот јазик среќаваме интересна појава: иако јазикот изобилува со префикси, наставки и додавки, нема начин да се формира множина со нивна помош. Таа се прави така што зборот се повторува или пред зборот се додава зборот „пара“. Значи, „буку“ е книга, а „буку буку“ или „пара буку“ - книги. Покрај тоа, Индонезијците ретко ја користат заменката „јас“ и „ти“ зашто таквото обраќање се смета за непристојно, особено во присуство на личности кои не се премногу блиски и вообичаено се обраќаат во трето лице или зборуваат за себеси на ист начин:

Зоран: „Што би сакал да прави Марко денес?“

Марко: „Марко би сакал да оди во кино“.

Во источна Азија постои уште едно интересно својство на јазикот - многу е важно со каква висина на тоналитет ги изговарате зборовите, зашто во зависност од тоа може да има поинакви значења. Така, во мандаринскиот кинески, зборот „ма“ може да значи „мајка“, но и „коноп“, „коњ“ или „пцуење“ (дури и конкретни грди зборови кои нема да ги споменуваме), во зависност од тоа со која висина и брзина сте го изговориле. Потребно е да се биде мошне музикален за во Кина да не изјавите нешто како: „Мојот коњ ме роди кога имал само 20 години“.

Некои јазици имаат и сосема непознати гласови за нас со кои се мачиме при изговарањето. Доволно е само да се сетиме на англискиот „th“, холандските тригласни „ij“ или „ui“ или германските гласови (умлаути) па веднаш да се испотиме. Но, тие индоевропски случаи не се толку тешки колку, да речеме, јазикот силбо кој се зборува на Канарските осторви. Во него секоја самогласка или согласка е свиреж, а се разликуваат по висината и должината на тонот, како и по испрекинатоста. Тука се и неколку јазици кои се зборуваат во Африка кои содржат таканаречени „кликови“ за кои е потребно многу време за да се совладаат. Тоа се звуци кои наликуваат на имитирање галоп на коњ или клокотење на вода кои се создаваат со вовлекување и испуштање воздух од устата со поместување на јазикот кон непцето и усните напред-назад.

Јазиците се непрегледно богатство на човештвото кое сведочи за народите, нивните култури и начинот на живот. Затоа е тажно што во денешното време на глобализација сѐ повеќе јазици исчезнуваат затоа што нивните говорници во потрага по подобар живот почнуваат да живеат во опкружувања каде се зборуваат други јазици, а нивните потомци после неколку генерации го забораваат јазикот на предците и тој природно изумира. Со секој нов научен странски јазик пред нас се открива цел свет со нови можности, начела и филозофии, и ние стануваме почовечни жители на светот кои можат да ги разберат другите народи и нивните животни гледишта, а доаѓаме во можност и со нив да ги објасниме нашите. На тој начин создаваме мостови помеѓу луѓето и нивните култури и не треба да ги жалиме времето и напорот за да научиме што повеќе странски јазици. Колку повеќе знаеме, толку повеќе и вредиме.

Слики: Yevgenia Nayberg

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

ОкоБоли главаВицФото