Ние сме пред нов почеток за кој не знаеме на што е почеток

06.05.2020 21:10
Ние сме пред нов почеток за кој не знаеме на што е почеток

 

 Со Буден разговараше Ѓорѓе Крајишник

Хрватскиот филозоф и теоретичар на културата, Борис Буден, зборувајќи за актуелната криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19, истакнува дека глобалниот систем на неоолибералната демократија е премногу закотвен во мислата за својата неминливост и дека она што сега се случува всушност е показател дека нема незаменливи и вечни облици на владеење. Оттаму, од таа верба во својата вечност, неолибералниот поредок толку панично и неподготвено реагираше на предизвикот на пандемијата. Кажано поинаку, по трагата на она што го говори Буден, се чини дека глобалните елити никако не се во состојба да ја сфатат вообичаената, но не помалку вистинита мудрост, која уште Шехерезада, наведувајќи ја како да се зборови на непознат поет, ја изговорила пред царот Шахријар: „Владееле, долго владееле / Па сепак – наскоро ќе престанат да владеат“. Оваа мисла директно и едноставно ни покажува дека нема вечна власт и дека секоја власт е порозна во мелницата на времето. Се разбира, тоа многу често се заборава во човечката арогантност, која произлегува од заслепувачкото дејство на моќта и власта.

Според мислењето на Борис Буден, кое го кажува во разговорот што го водевме по повод актуелната криза, сè почна со таканаречениот пад на комунизмот, кога каква било алтернатива на постоечкиот систем, во тој момент на неолибералниот капитализам, односно западната либерална демократија, едноставно беше избришана од хоризонтот, од главите на луѓето.

„Тоа се нарекуваше и крај на историјата. Значи, дека веќе нема ни еден систем кој може да го доведе во прашање постојниот светски поредок. Во прв ред, западниот тип на демократија. Тој хоризонт, кој тогаш се отвори, сега се затвора, зашто стана јасно дека системот е кршлив. Тоа е темелното искуство низ кое сега поминуваат луѓето, дека живееме во систем кој може да се распадне преку ноќ. Се разбира, има повеќе рамништа низ кои проблемот станува очигледен. Едно е функционирањето на самиот капиталистички систем, поточно неговата неолиберална логика. Сега се покажува дека оние кои не ја уништиле до крај својата социјална држава, кои ги одржале на некое ниво своите здравствени системи, на некој начин беа поподготвени за ситуацијава од оние кои ја следеа логиката на пазарот, таа невидлива рака која како сè сама да ќе среди. Сега таа невидлива рака никому не помага. Таа не е рака што внесува некаква логика. Туку тоа е раката на пандемијата, смртта, изложеноста, рака која произведува хаос и рака која на виделина ја изнесува неспособноста на елитите. А треба да се потсетиме дека тезата на тие елити беше дека сè ним треба да им се препушти, зашто тие ‘знаат што прават’. Во таа смисла, би рекол, се затвора еден историски хоризонт. Таа приказна што започна со големата идеолошка победа во 1989 и 1990 година – сега е завршена. И ние сега сме на почеток, за кој не знаеме на што е почеток. Може да биде почеток на нешто многу полошо од тоа што сме го доживеале кога било порано“, го објаснува Буден своето видување на актуелниот момент.


На прашањето дали сега гледа некоја можност за алтернатива, бидејќи е јасно дека глобалниот пазар и неолибералниот капиталистички поредок во целост покажаа неспособност да се носат со вакви проблеми и предизвици, овој филозоф и теоретичар на културата истакнува дека некои работи всушност веќе се случуваат во сегашноста. Според него, алтернативите се тука, но треба да се земе предвид дека покрај позитивните постојат и негативни алтернативи.

„Не станува збор само за имагинацијата на оние луѓе кои сакаат подобар, поправеден живот, повеќе еднаквост, социјална солидарност; ова е предизвик и за имагинацијата на оние кои, да кажеме отворено, сонуваат некаков фашистички поредок. И тие во сето ова ја сонуваат својата шанса“, вели Буден.

Овој филозоф и теоретичар на културата во актуелната криза гледа и шанса за луѓето во државите на некогашна Југославија кои, според неговите зборови, би требало да размислат дали имаат способност самите да се соочат со проблемите на овој свет и проблемите на животот на сите нивоа – и политички и економски. „Исто така, и во смисла на тоа дека мора на некој начин да почнат меѓусебно да се договараат за тоа како ќе се позиционираат во тој свет. Без да се мисли дека таму некаде во Европа постои некој кој знае што треба да се прави, па ќе добиеме точен одговор на прашањето што да се прави или, ако погрешиме, дека некој ќе ги поправи нашите грешки“, заклучува Борис Буден.

Колажи: Dani Sanchis
Извор за текстот: mreza-mira.net

 

ОкоБоли главаВицФото