Доминација или демократија?

07.05.2020 12:51
Доминација или демократија?

По однос на дебатата за тоа дали Гоце Делчев бил Бугарин и за што се залагал во својата борба, бидејќи тоа стана клучна тема за односите меѓу нас и Бугарите, како и за нашите евроинтеграции, еве една хипотетичка ситуација.

Според некои бугарски извори, десетици илјади македонски државјани побарале и добиле и бугарско државјанство. Општо е познато дека за добивање бугарско државјанство мора да се даде изјава дека лицето кое бара државјанство се чувствува како Бугарин и мора да го „докаже“ своето бугарско потекло. Критериумите за тоа што се прифаќа како „доказ на потеклото“, не се баш познати. Како и да е, да претпоставиме дека некој од тие што се родени во Македонија, а потоа побарале и добиле и бугарско државјанство ќе добие, на пример, Нобелова награда и ќе стане една од клучните историски фигури. Која земја ќе смее да ја слави таа личност како дел од сопствената историја? Да речеме, за стотина години, кога лицето нема да биде живо, ќе постои доказ во бугарските архиви дека тој/таа се декларирал/а како Бугарин/Бугарка и врз основа на тоа Бугарија ќе инсистира насекаде да пишува дека тоа е личност од бугарската историја. И со тоа да ги условува односите меѓу државите. И како тоа може рационално да се реши?

Не мора ни толку да е хипотетичка ситуацијата. Имаме и конкретна, прилично слична ситуација во Србија и Хрватска. Имено, и Србите и Хрватите го слават Никола Тесла како дел од сопствената историја. Ситуацијата не е идентична, но е доволно слична. Во Хрватска Никола Тесла се нарекува хрватски научник, од српско потекло (а во јавниот дискурс акцент се става на „хрватски“), додека Србија се противи на тоа да биде нарекуван хрватски научник. Бугарите спорат со нас за тоа како Делчев го чувствувал сопствениот идентитет и какви идеали имал. Имено дали се борел за бугарската кауза во Македонија или се залагал за македонска автономна кауза, како и за која држава е поважно неговото наследство, за Македонија или за Бугарија?

Србија и Хрватска не се некој пример за сјајни меѓусоседски односи, но не гледам дека Хрватска го поставува именувањето на Никола Тесла како услов во преговорите на Србија со ЕУ. Си дозволуваат, макар и со негодувања, да не се согласат околу толкувањата за улогата на Тесла во нивната историја.

Секој национален наратив (без исклучок) се заснова на селекција на настани, личности и процеси кои ја оформуваат идејата за посебноста на нацијата, наспроти наративите на другите. Но, тие наративи иако посебни, не мора да бидат нужно исклучиви. Процесите на помирување во втората половина на 20. век кај големите држави во Европа се состојат и во преиспитување на наративите кои содржат омраза и нетрпеливост кон другиот. И тоа освен што е легитимно е и пожелно кога во 21. век се трудиме да создадеме постнационален наратив во рамките на ЕУ.

Разговорите меѓу нас и Бугарија треба да се фокусираат на тоа како да се обликуваат тие наративи за да се отфрли исклучивоста, негативните стереотипи и омразата, а тоа со добра волја може да се направи. Но наметнување хегемонистички позиции не може да доведе до зближување бидејќи ќе се создаде нова фрустрација и нови основи за постојан сомнеж. Ефектот ќе биде сосема спротивен ако се инсистира на таква ексклузивистичка рамка како што наметнува бугарската политика (преку својата комисија).
И ако се навратиме на славењето личности од историјата, ова воопшто не е уникатна ситуација меѓу нас и Бугарија туку е повеќе правило, отколку исклучок низ Европа. Освен примерот на Никола Тесла, има и други историски личности што се важни за повеќе држави и кои се споделени, секој на свој начин. И за нив имало спорови.

Еден класичен пример е спорот за етничкото потекло на Адам Мицкиевич кој е важен и за Полска и за Литванија. Некои Срби инсистираат на српското потекло на Шандор Петефи (под името Александар Петровиќ), но несомнена е неговата важност за унгарската култура и национална борба. Според други извори немал српско потекло. Русија и Украина исто така имаат сопернички наративи за споделената историја пред создавањето на украинската република во рамките на СССР. И јазикот е исто една од темите на несогласување.

Очигледно е дека националните наративи според својата природа се меѓусебно тензични и треба да се навикнеме на повеќе толкувања за исти личности или настани, барем додека националните наративи не ја изгубат својата мобилизирачка моќ и не станат помалку битни за државите и луѓето кои живеат во нив. Се веруваше дека Европската Унија треба како краен производ да го даде пост-националниот период, но тоа очигледно е далеку од реалноста. Кога и дали тоа ќе се случи е предмет на постојани и живи социолошки и филозофски дискусии, но до тогаш мора да се научиме да живееме со разликите и да ги намалуваме основите за конфликт.

Сепак има одредени граници до каде може да се „растегнува“ различното читање на историјата. Дел од таа работа е и непријатна, зашто секој треба да се погледне себеси и да ја преиспита и улогата на сопствената земја во одредени периоди од блиското минато. Германија е одличен пример за тоа како се прави историско соочување и со срамните моменти од сопствената историја. Но, и во Германија како и во други земји во Европа има ревизионистички наративи за блиското минато, посебно за улогата на нацизмот и холокаустот. Ревизионистичките идеи за прогонот на Евреите, на пример, се живи и во Полска и во Унгарија . Тоа е, меѓу другото, производ и на политичките борби и поларизации, а не само на „различно“ читање на историјата.

Од таа перспектива, инсистирањето целиот фокус и енергија меѓу нас и Бугарија да се троши на една личност од историјата како Гоце Делчев, а притоа под тепих да се ставаат многу побитни теми од уште поблиското минато имаат, според мене, многу попрагматична цел. Имено, Бугарија и до ден-денес не ја признава својата улога на окупатор во Македонија во Втората светска војна и до ден-денес негира дека го организирала истребувањето на Евреите од Македонија. Тоа, меѓу другото, е јасно видливо со барањата да се бришат референци од историјата каде што бугарската власт во тоа време се нарекува окупаторска. Со барањето да се стави датум на почеток на македонскиот идентитет во 1944 година, всушност бугарскиот естаблишмент сака да ја споделиме и историјата од Втората светска војна, односно да се релативизира учеството на бугарската држава во злосторствата, бидејќи, според нивното читање на тие настани, бугарската држава учествувала во ослободителна војна, а не во завојувачка. И оттука, и одговорноста за злосторствата кои се случиле за време на војната треба да бидат и споделени. Но, бугарска окупација имаше и во југоисточна Србија. Дали Бугарија денес од Србија бара ревизија на српската историја која вели дека во тој период дел од нејзината територија бил под бугарска окупација?

Потоа, Бугарија постојано зборува за македонска историја создавана со декрети, притоа обидувајќи се да интервенира во историјата токму со декрети. Во изјавата кон Одлуката на Европската Комисија за отпочнување преговори со Македонија и Албанија, Бугарија нагласува дека пред таа да се согласи на преговарачката рамка меѓу ЕУ и Северна Македонија, нејзин услов ќе биде Северна Македонија во документите на ЕУ да може да се нарекува само Република Северна Македонија, а не и Северна Македонија скратено, бидејќи името Северна Македонија наводно означувало и дел од бугарската суверена територија. Таа исто така инсистира на употреба на терминот „јазик на Република Северна Македонија“ и на тоа дека ниту еден документ на ЕУ не смее да се толкува како признавање на некаков си „македонски јазик.“

Бугарија во документот исто така бара Македонија да не поддржува никакви организации кои ги бранат правата на македонско малцинство во Бугарија, вклучувајќи го тука и Советот на Европа (!); потоа Македонија да изјави дека „не постои ни историска ни демографска основа за малцински статус за која било група граѓани на територијата на Бугарија“, а притоа истовремено бара гаранции дека луѓето во Македонија што се чувствуваат како Бугари ќе бидат заштитени од дискриминација. Со други зборови, Бугарија со своевиден декрет бара забрана на споменување каков било македонски идентитет во Бугарија и гаранција за штитење бугарски идентитет во Северна Македонија.

Во Изјавата таа исто така инсистира на заедничка историја до 1944 година, иако не објаснува никаде зошто токму до 1944 година кога се знае дека тогашна Вардарска Македонија била во рамките прво на Србија, а потоа на Кралството СХС и Југославија од 1912-13 до 1944 година. Врз основа на што се темели таа „заедничка историја“ од 1912 до 1944 година? Тоа нè навраќа на темите за бугарското соочување со темните страни од својата историја и оправдувањето за ревизионистичкиот наратив, сега и преку Изјава додадена на документи на Европската Унија.

Тоа се несомнено непријатни теми за Бугарија која преку својата предност како членка на Европската Унија сака да изврши притисок еднаш засекогаш да се избришат од сеќавањата и мрачните делови од нејзината историја. Така што, проблемот не е дали ќе го славиме Гоце Делчев заедно туку дали Бугарија ќе собере сили да го преиспита и своето мрачно минато, а не да го брише на начин што ќе го наметнува својот наратив во историографијата на соседна држава, кој за жал, сè уште е ревизионистички за настаните од блиската историја.

Колажи: John Stezaker

Извор: Либертас