1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Ниту си згазен, ниту си украден
ниту некој може да те земе
ниту си свет, ниту пак страдаш,
упорно носиш секакво бреме.
Повремено кршиш по некоја догма,
зборови нови те гушкаат меко,
звуци шириш низ населби, згради.
А разбираш ли сè секој што рекол?
Амбисот длабок е секогаш тука
едно се збори, друго се прави
и тогаш често те употребуваат
за да сечат човечки глави.
„Кутар мој јазик“, често ќе кажат,
но јас нема никогаш така да речам,
те знам подобро отколку што тие себеси се знаат
и не те употребувам глави за да сечам.
Во писмена, усна, сонувана форма
секој ден си овде, жилав мој јазик
и немој да ги послушаш ако ќе ти речат
дека некој те брише, дека некој те гази.
Само така ти велат за да бидеш гневен,
за да ги претвориш зборовите во друго
за да има што повеќе недоразбирања.
Да знае Стајнер* дека се врти кругот.
*Во својот есеј “The Hollow Miracle”, George Steiner истражува како нацистите го осакатиле германскиот јазик преку нагласена употреба на пораки на хистерија и симплифицирани слогани како замена за посложени идеи и описи.