Дали ова е генерална проба?

08.05.2020 02:04
Дали ова е генерална проба?

Непредвидената коинциденција помеѓу општата забрана за движење и периодот на пост сѐ уште е мошне добредојдена за оние кои од солидарност се замолени да не направат ништо и да останат што подалеку од бојното поле. Овој задолжителен пост, овој секуларен и републикански Рамазан за нив може да биде добра прилика да размислат за она што е важно и за она што е занемарливо... Изгледа како интервенцијата на вирусот да може да послужи како генерална проба за следната криза, онаква во која пренасочувањето на животните услови ќе биде предизвик поставен пред сите нас, заедно со сите детали на секојдневното постоење коишто ќе мора да научиме да ги решаваме внимателно. Како и многумина други, развивам хипотеза дека здравствената криза нѐ подготвува, наведува, поттикнува да се подготвиме за климатските промени. Оваа хипотеза треба да се испита допрва.

Она што овозможува да се случуваат две кризи сукцесивно е ненадејното и болно сознание дека класичната дефиниција на човештвото - луѓето меѓу себе - нема смисла. Состојбата на општеството во секој момент зависи од поврзаноста на многу актери, од кои повеќето немаат човечки облици. Тоа се однесува на микробите - како што знаеме уште од Пастер - но и на интернетот, законот, организацијата на болниците, државната логистика и климата. И секако, и покрај вревата која ја следи „воената состојба“ против вирусот, тоа е само една алка во ланецот во кој управувањето со залихите на маски или тестови, регулацијата на имотните права, граѓанските навики, гестовите на солидарност, во подеднаква мера се земаат предвид кога се одредува степенот на вирулентност на инфективниот агенс. Најпосле, кога од целокупната мрежа ќе се земе предвид само уште една од алките, ќе се види дека истиот вирус не делува на ист начин во Тајван, Сингапур, Њујорк или Париз. Пандемијата не е повеќе „природен“ феномен од гладта во минатото или моменталната климатска криза. Општеството одамна излезе надвор од тесните рамки на општествената сфера.

Кога веќе го споменав тоа, не ми е сосема јасно дали паралелата оди многу подалеку. Најпосле, здравствените кризи не се нови, а брзата и радикална државна интервенција засега не изгледа дека е особено иновативна. Треба само да се погледне ентузијазмот на претседателот Макрон да го преземе ликот шеф на државата, кој досега толку патетично му недостасуваше. Многу подобро од терористичките напади - кои, на крајот на краиштата, се само работа на полицијата - пандемиите кај лидерите и оние што се на власт побудуваат еден вид саморазбирливо чувство на „заштита“ - „мораме да ве заштитиме“, „вие мора да нѐ заштитите нас“ - што го зголемува авторитетот на државата и ѝ овозможува да упатува барања заради кои инаку би можела да се соочи со нереди.

Состојбава не е состојба на 21-иот век и на еколошките промени; тоа е состојба на 19-иот век и на таканаречената биомоќ. Според зборовите на покојниот Ален Десросиер, тоа е состојба на она што со право се нарекува статистика: управување со населението врз територијална решетка на која се гледа одозгора и која ја води моќта на стручњаци. Тоа е токму она што денес гледаме дека одново оживеало - со единствена разлика што тоа се пресликува од една нација врз друга, до точка на достигнување светски размери. Оригиналноста на моментната ситуација, ми се чини, лежи во тоа што останувајќи заробени дома, додека на улица постои само проширувањето на полициските овластувања и купишта коли на брза помош, ние колективно играме карикатурален облик на фигурата на биополитиката која изгледа директно излегла од предавање на Мишел Фуко. Вклучувајќи го тука и бришењето на мошне големиот број невидливи работници кои ионака се присилени да работат, за другите да можат да се улогорат во сопствените домови - да не ги спомнуваме мигрантите кои, по дефиниција, не можат да бидат изолирани во никаков свој дом. Но карикатурава е токму карикатура на времето кое веќе не е наше.

Постои огромен јаз помеѓу државата која е во состојба да каже „Јас ве штитам од животот и смртта“, односно од инфекцијата со вирусот чиј белег им е познат само на научниците и чии ефекти може да се разберат само со собирање статистики, и државата која би се осудила да каже: „Јас ве штитам од животот и смртта, зашто јас ги одржувам условите на хабитуалноста на сите живи луѓе од кои зависите“.

Размислете за тоа. Замислете ако претседателот Макрон, во духот на Черчил, најавеше пакет мерки со кои ќе ги оставеше резервите на гас и нафта во земјата, ја запреше дистрибуцијата на пестициди, го укинеше длабокото орање и, со голема храброст, го забранеше греењето во отворените делови од кафулињата. Ако данокот на гасот го покрена бунтот кај Жолтите елеци, замислете ги нередите кои би следеле после таквата најава, и кои би ја запалиле земјата. Па сепак, барањето да се заштити францускиот народ за свое добро и од смртта е многу пооправдано во случајот со еколошката криза отколку во случајот со здравствената, зашто таа ги погодува буквално сите, а не неколку илјади луѓе - и не на одредено време, туку засекогаш.

Јасно е дека не постои таква држава - а можеби е добро што е така. Она што повеќе загрижува е тоа што не можеме да согледаме како таквата држава би го подготвила преминот од една криза во друга. Во здравствената криза, администрацијата има мошне класична образовна улога и нејзиниот авторитет совршено се поклопува со старите национални граници - архаизмот за нагло враќање на европските граници е болен доказ за тоа. Во случајот со еколошките промени, односот е обратен: администрацијата е таа која мора да учи од разни луѓе, на повеќе нивоа, какви ќе бидат териториите на кои ќе се обидуваат да преживеат на многу нови начини, додека се обидуваат да побегнат од глобализираното производство. Сегашната држава би била сосема неспособна да диктира мерки одозгора. Ако во здравствена криза храбри луѓе се тие кои мораат повторно да научат да ги мијат рацете и да кашлаат во лактовите како што правеа во основно училиште, во случај на еколошка мутација, државата е таа која ќе се најде во ситуација да учи.

Но постои уште една причина зошто фигурата „војна против вирусот“ е толку неоправдана: во здравствената криза можеби е точно дека луѓето во целост „се борат“ против вирусот - дури и ако тој не нѐ интересира и ако си оди по својот пат од грло до грло убивајќи нѐ без да сака. Ситуацијата доживува трагичен пресврт кај еколошките промени: овојпат, патогенот чија ужасна вируленција ги промени животните услови на сите жители на планетата воопшто не е вирусот, туку човештвото! Но тоа не се однесува на сите луѓе, само на оние кои војуваат против нас, без да ни објават војна. За оваа војна, националната држава е подеднакво лошо подготвена, лошо прилагодена, најлошо замислена, зашто фронтовите на борбата се повеќекратни и нѐ надминуваат сите. Во таа смисла, „општата мобилизација“ против вирусот на ниеден начин не докажува дека ќе бидеме подготвени за следниот. Не е само војската таа која доцни за една војна.

Но, најпосле, никогаш не се знае; добата на постот, секуларен или републикански, може да доведе до спектакуларни трансформации. За прв пат во текот на сите овие години, милијарди луѓе, заглавени дома, го пронаоѓаат заборавениот луксуз: време да се размисли и на тој начин да се дознае што е тоа што вообичаено и непотребно ги вознемирува на сите нивоа. Да го почитуваме овој долг, болен и неочекуван пост.

Фотографии: Michaela Halvorson

Извор: https://critinq.wordpress.com