Питонот-удав, и уште три други песни

08.05.2020 11:08
Питонот-удав, и уште три други песни

Питонот-удав

Си бил еден питон што сакал да дави
за сè што наводно знаел да прави.
По патот ја сретнал шарката кутра
– тој ден му била првата жртва.
Штом тој ја видел, фатил да збори
за тоа како божемски знаел да твори:
ем поет, ем сликар, ум без пандан,
во средно ги прочитал и Хегел и Кант!
И за скара бил махер, бил мајстор по дома,
знаел до детаљ сè за корона.
„Слушај ме сега јас да ти кажам“
тоа му била најчестата фраза.
Шарката не можела веќе да слуша:
„Удав си ти, ме држиш за гуша!“
„Не знаеш да цениш, ти отровна змијо!“
Викнал и киднал зад првиот свиок.

Иако навредата била смешна и бедна,
шарката извлекла поука вредна:
„Јас да ти кажам“, „Слушај ти сега“
штом тоа чуеш – фати и бегај.


Гладната лама

Крај богата софра седната беше
гладната лама и полнеше меше.
Си мезеше сласно – да ти е милина! –
без да си мисли ич на тежина.
Плуцкаше гласно, мљацкаше страсно
лапкаше еднакво и посно и масно.

Крај софрата помина крмакот сам.
Ѝ рече: „Ламо, зар не ти е срам?
Ти госпоѓа не си ако вака си буташ!
Дамата не јаде, а камоли плука!
Никогаш ти не ќе најдеш маж!
А ќе настегаш кила, и во години стаж!
Дамите пазат на својата линија
и носот не им е пикнат во чинија!“

„Мене ми збориш што јадеш ко свиња,
гровташ кај стигнеш и се бањаш во тиња?
Имам амбиции да бидам јас дама
кo ти што би бил свинска салама.
А со ваква забелешка не си ни прв!“

Му рече, го плукна, и му заврти грб.


Љубовниот бивол

Си бил еден бивол што љубел да љуби
На страдање нејќел време да губи.
Љубел тој сè – дал вол бил ил крава,
љубов тој бивол безусловно давал!
Бакнувал волно, нежно се галел,
сите животни среќни ги правел.
Се шлапкал во кал, мирисал рози,
со шармот освојувал и јарци и кози.
Но старецот-желка направил фрка,
па фатил тој сите со гнев да ги брка.
А биволот рекол: „Кому ли пречам?
Напротив – од љубовни болки јас лечам!
Ах, дојди ти желко, јас да те бакнам!”
„Море марш ти оттука пред да те акнам!“
старецот-желка на сиот глас рикнал,
а потем во оклопот тврд си се пикнал.

Во мракот свој скриен, си плачнал од мака
зашто во младоста тој недоволно сакал.


Сината птичка

Сината птичка си леткала в шума,
црцорела „Колку е животот убав!
Со моќта на умот дојдов до среќа!
Изговор друг да чујам јас нејќам!“

Под камен видела преплашен глушец.
Му рекла: „Зошто си, момче, ти стуштен?
Пушти си крилја, летај ко мене!
учев јас како – ќе ти текне и тебе!“

Потем ја сретнала страшливата срна.
Ѝ рекла: „Судбината не ти е црна!
Доста се плашиш од ловец, од волк!
Испеј им песна, скрши ти молк!“

Крај потокот брз ја нашла и Меца,
изгладнета, слаба, со три мали деца.
„Што си ти Мецо морна и сува?
јади, па легни – добра мисла те чува!“

Но не дочека одговор птичката пуста.
Меца си зина – и ја пикна во уста.


Илустрации: Јана Јакимовска
Извор: Чудна шума

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото