Култренинг во Кино Култура

09.05.2020 00:12
Култренинг во Кино Култура

Здружението Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата во рамки на програмата во Кино Култура простор за современи изведувачки уметности и култура во 2020 година продолжува со програмската активност КУЛТРЕНИНГ - часови по современ танц и движење наменети за граѓаните.

КУЛТРЕНИНГ како редовна активност се организира во Кино Култура, но поради ситуацијата со корона вирусот и мерките за спречување на внесување и ширење, програмата во месеците април, мај и јуни се реализира онлајн, во форма на интерактивни часови со користење на дигитални платформи, на кои бесплатно може да се приклучат сите заинтересирани граѓанини.

Реализацијата на програмата на Локомотива во Кино Култура е поддржана од Министерството за култура  и Општина Центар.

КУЛТРЕНИНГ Онлајн часовите во месеците април и мај се реализираат во соработка со домашните танцовите уметници и педагози Ивана Коцевска, Христина Ангеловска и Валентино Апостоловски. Ваквата адаптација ќе овозможи поддршка и континуитет во работата на домашните уметници, од една страна, и можност за сите заинтересирани, да учествуваат и ги посетуваат интерактивните часови бесплатно секој понеделник, среда и петок во 19 часот.

Ивана Коцевска, Христина Ангеловска и Валентино Апостоловски го споделуваат својот личен пристап кон телото, просторот и имагинацијата. Тројцата танцови уметници и педагози работат на свој специфичен начин за достигнување на флуидност, координација и форма на телото на заинтересираните учесници.

Повеќе за „Култренинг“ програмата:

„BodyFlow Dance“ со Ивана Коцевска

Балетскиот педагог м-р. Ивана Коцевска ќе го сподели со нас нејзиниот пристап кон BodyFlow Dance кој е принцип на движење на телото и претставува склоп на танцови движења во комбинација со вежби за зајакнување, истегнување, баланс, координација, правилно дишење и вежби за будење на телото! Воведување во импровизациски вежби на тема интуиција, трансформација, адаптација на се што не опкружува.

Ивана Коцевска е балетска уметничка/танчерка, кореографка и магистерка по балетска педагогија. Работи како солистка во македонската опера и балет. Завршено основно и средно балетско образование во „Илија Николовски - Луј“ во Скопје, Македонија. Изведува солистички и главни улоги во балетските претстави како што се Оревокршачка, Лебедово езеро, Заспаната убавица, Дон Кихот, Наполи, Самсон и Далила, Кармен, Жизел, Серенада, Концерто Бароко, Есмералда, Шехерезада, Кармина Бурана, Конзерваториум (Бурнвил), Ла Силфид, Лес Силфид, Агонија на срцето (Галили) и многу други. Работела како солистка во словенечкиот национален балет во Љубљана и во Вурцбург каде била поканета од Ана Вита и една година специјализира во Киев при украинскиот национален балет каде ја реализира улогата на Мирта во балетот Жизел. Нејзината прва голема продукција „МЕТАМОРФОЗА“ премиерно е изведена на 3 јули 2018 на главната сцена на Националната опера и балет со поддршка на Министерството за култура на Македонија.

„Самосвест во самоизолација“ со Христина Ангелoвска

Часовите на Христина Ангеловска во фокусот го имаат просторот, времето и мислите. Свест за самите себе како личност и за луѓето околу нас. Свест за работите што се случуваат околу нас, за времето кое поминало, минува и ќе следи.

Христина Ангеловска има дипломирано балетска педагогија за современ танц. Нејзиното искуство со кореографија го стекнала на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Работела на презентација на програмата на катедрата за балетска педагогија-современ танц – Нови тенденции/ нови современи танцови дела и автор/и/ки при УКИМ ФМУ каде е дел од тимот и сама изведува во кореографските дела „Somewhere, somehow, somebody” и „Три“ во 2019 година и „Равенка“ 2018 год. Како изведувачка и танчерка соработувала со Горан Начевски за премиерна изведба на операта „Помеѓу соништа и летови“ во 2019 и „Континуитет“, во кореографија на Марија Ристеска во 2018 год.

„Киносфера“ со Валентино Апостоловски

Часовите „Киносфера“ ги води танцовиот уметник Валентино Апостоловски, а тој ќе го сподели својот личен пристап на движење на телото и неговите динамики во однос на просторот:

Личниот простор, или Киносфера, е просторот околу нас кој е во дофатот на нашите екстремитети, без промена на местото, односно промена од точката во која стоиме. За почеток, на овие часови ќе се концентрираме на просторот околу нас, релацијата на нашето тело во однос на персоналниот и генералниот простор, но подоцна ќе го осознаеме и концептот за различни динамики на просторот.

Валентино Апостоловски е роден во Битола, Македонија. На своја 10та година, почнува да танцува Латино-американски и Стандардни танци и станува државен првак во двете насоки 11 години по ред. Во 2011 година се запишува на Танцовата Академија за Современ Танц, при универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА, Скопје, каде прв пат се среќава со современиот танц. За време на студиите и после нивното завршување, соработува како танчер и/или кореограф со голем број на локални и светски кореографи, режисери и уметници, со кои работи на различни танцови и театарски проекти.