Шпанскиот грип и други зарази ја пустошеле Македонија на крајот на Првата светска војна

09.05.2020 10:58
Шпанскиот грип и други зарази ја пустошеле Македонија на крајот на Првата светска војна

Крајот на Првата светска војна на просторот на јужен Балкан и на територијата на денешната македонска држава, освен големите воени разорувања и жртви од воените дејствија, кај локалното население бил одбележан и со појавата на епидемијата на шпанскиот грип. Болеста, предизвикана од Х1Н1 вирус на грип со необична јачина, бргу се раширила не само помеѓу војниците и завојуваните страни, кои ги водеа завршните битки на Првата Светска војна, туку и помеѓу жителите на просторите каде што се одвивале воените дејствија, а вирусот забрзано го пренесувале и војниците кои се враќале од фронтовите кон своите домови

Епидемијата, која се појавила во пролетните месеци (1918), до појавата на актуелната пандемија на Ковид 19, беше сметана за најстрашната епизода на болест во современата историја, бидејќи успеала за само 18 месеци, во временски период од 1918 – 1920 година, да зарази околу 500 милиони луѓе и да убие околу 50 милиони низ целиот свет, или околу 3 до 4 проценти од тогашната светска популација. Со оглед на тоа што светот сè уште не беше докрај излезен од дотогаш најголемата и најсмртоносна војна од светски размери, со огромен број тешко болни и ранети, ниту конечните бројки на починати од шпанскиот грип, односно шпанската треска како што уште била нарекувана, не можат докрај да се прецизираат, па така некои проценки за жртвите од оваа глобална пандемија се искачуваат и до 100 милиони починати.

МАКЕДОНЦИТЕ ЈА ДЕЛЕЛЕ СУДБИНАТА НА СРПСКАТА, БУГАРСКАТА И ГРЧКАТА ВОЈСКА

Непосредно пред започнувањето на Првата светска војна територијата на Македонија била поделена на три дела, а македонскиот народ се наоѓал под власта на Србија, Бугарија и Грција. Поголемиот дел на Вардарска Македонија, со исклучок на Струмица, бил во рамките на Кралството Србија. По започнувањето на Првата светска војна сите три држави извршиле мобилизација на население од Македонија во своите војски, при што биле мобилизирани околу 200 илјади луѓе – во српската околу 50 илјади, во бугарската околу 120 илјади и во грчката околу 20 илјади души.

27.143 македонски регрути во српската војска ги поминале албанските планини, во резервата биле мобилизирани 8.000 души од Македонија. Од нив 2.000 ја поминале Албанија, а 6.000 души изгинале по албанските планини, пишува историчарот Александар Стојчев.

Постојат историски податоци дека шпанскиот грип поминал и низ територијата на денешна Република Северна Македонија, но поради историските околности и потешкотиите со кои на сите три страни се воделе евиденциите за загинати, починати, заразени и излекувани војници и цивили, тешко било да се пронајдат и синтетизираат вкупните бројки. Поради тоа, расположливите податоци се многу скромни, а собраните сведоштва за епидемијата на шпанскиот грип од 1918 година во Македонијасе многу ретки.

На тешкотијата околу утврдувањето на реалните бројки на заболени и починати од шпанскиот грип на Балканот се укажува и во научниот труд: „Географската распространетост и смртноста на пандемијата на шпанскиот грип од 1918“ на американските автори Дејвид Патерсон и Џералд Пајл, каде се вели дека реалните бројки не можат да се утврдат „поради воени и административни пречки“. Според податоците од еден напис во бугарскиот весник Дума, пак, од шпанскиот грип починале 80.000 Бугари.

Во тоа време дури цели чети од 122-та француска дивизија беа дојдени на Солунскиот фронт со грипот. Поради ова, може да се заклучи дека на почетокот, меѓу нашите војници, експлозивната епидемија на грипот била без потешки последици. Но, со тек на времето, најверојатно поради порастот на вирулентноста на самиот вирус, како и поради имуносупресијата која кај домаќинот предизвикува белодробни компликации, а веројатно и други, таа станувала сè пожетока и потешка. Резултат на тоа била високата смртност на заболените, но за морталитетот тешко може да се зборува поради недостигот на јасни податоци од литературата, стои во воено-медицинската студија на група српски вирусолози и воени лекари.

ВОЈНИ И ЧЕТИРИ ПАНДЕМИИ

Од достапните документи, кои го обработуваат состојбите во Македонија од периодот на крајот на Првата светска војна, се издвојува студијата под наслов: „ЕПИДЕМИИТЕ ВО ВАРДАРСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА И БОРБАТА СО НИВ ЗА ВРЕМЕ НА ВОЈНИТЕ (1912-1918)“, чијшто автор е Верица Јосимовска. Во неа е даден опис на општата здравствена и санитарна состојбата во која се наоѓала Македонија и нејзиното население по заминувањето на Османлиите по Балканските војни:

Од 1912-1918 година настапил најтрагичниот период за македонскиот народ кога се случиле двете балкански и Првата светска војна и дури четири пандемии на тешки и смртоносни заразни болести. За ваквата трагедија на Македонија разбрал и целиот свет и благодарение на помошта и солидарноста што ја упатиле многу светски влади епидемиите биле запрени, а дел од населението и војската спасени. И покрај тоа, историјата на медицината забележала дека жртвите на епидемиите биле далеку поголеми од жртвите на војните.

Македонското население страдало од вековната присутност на заразните болести со најразлична патологија, кои одзеле многу животи, а ситуацијата значително ја усложниле долготрајните војни.

Во оваа студија се наведува дека според Извештајот на Американското друштво за заштита на воените сирачиња од 1918 година, помалку од 12% од населението во Маакедонија ги користело услугите на медицинската служба, од причини што или немало лекар во близината или, ако имало, неговите услуги биле многу скапи. Обично болните биле препуштени на самооздравување или на милоста на бајачките и гаталците.

Според истиот извештај, во Македонија на почетокот на 20-от век еден лекар покривал преку 80 илјади жители. Исцрпено од Балканските војни и осиромашено, месното население било повеќе склоно кон ширењето на заразните болести.

По колерата, која го десеткувала населението посебно во источниот дел на Македонија, помеѓу српските војници, но и кај локалните жители, се појавил пегавиот тифус. А, сите војски кои се бореле на Солунскиот фронт, кој бил создаден во 1916 година во јужниот дел на Македонија, биле исклучително погодени и од маларијата, која е сметана за ендемично заболување и кое со векови царувало во овој дел од Балканот. На крајот, и војниците и цивилите, ги косел и шпанскиот грип.

Ниту во спомнатата студија нема поконкретни податоци за заболените од шпанскиот грип во Македонија. Но, таа се повикува на сведоштва од локалното население, кое ја опишува состојбата на крајот на Првата светска војна во Македонија (на чија територија со години се одвивале тешки воени дејствија од таканаречениот Македонски или Солунски фронт и била прегазена и од епидемиите на заразните болести), како исклучително тешка:

Во Македонија умирала младоста, немало ергени и невести, немало свадби, ора и веселби, немало песни и насмеани лица, немало детски игри. Не останал ни град, ни село, ни улица, ни куќа неразурната. Се испустила земјата, секнал животот, немало што повеќе да се загуби.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: Вистиномер

 

Слични содржини

Квир / Книжевност / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Балкан / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Наука / Историја

ОкоБоли главаВицФото