ЕУ река (71): Зошто е важен 9 мај?

09.05.2020 14:51
ЕУ река (71): Зошто е важен 9 мај?

На 9 мај 1945 година фашистичките фаланги, кои опустошија голем дел од планетата до тој датум, најпосле беа поразени. До крахот на воената моќ на фашистичките држави и нивните сателити и соработници беа потребни речиси шест години во кои животите ги загубија повеќе десетици милиони луѓе (проценките се движат од 50 до 80 милиони вкупни жртви, а некои проценки се дури и повисоки). Иако војната на југословенското боиште продолжи и после 9 мај, овој датум сепак ни е важен заради својот универзален одек. Нашите локални специфичности на глобално ниво немаа поголемо влијание, иако речито сведочеа за длабочината на конфликтот во рамките на југословенското општество.

Од друга страна, ни самиот 9 мај не е толку универзален како што се претпоставува често, а уште помалку е лишен од контроверзи. Имено, на 8 мај 1945 година силите на Третиот рајх потпишаа капитулација пред мешовитата советско-сојузничка воена делегација во Берлин. Иако претходниот ден во Ремс беше потпишана капитулација на германските сили на западниот фронт, одредени единици на истокот продолжија да пружаат отпор. За СССР беше неприфатливо што капитулацијата на германските сили во Ремс ја прими сојузничка воена делегација во која СССР беше застапен со пониско рангиран офицер, кој немаше ни овластување да биде таму. Затоа потпишувањето дополнително беше организирано во Берлин.

И настанот во Ремс и капитулацијата потпишана во Берлин сведочат за ривалството меѓу победниците. Не треба посебно да се нагласува колку бил значаен самиот чин на капитулација, најпрвин како завршеток на крвопролевањето, а потоа и во симболична смисла: целиот настан станал и прашање на престиж. И покрај тоа, за СССР било особено важно денот на победата да се одбележува на 9 мај, а не на 8, заради временската разлика помеѓу Берлин и Москва: капитулацијата е потпишана во Берлин на 8 мај, во момент кога во Москва веќе бил 9 мај. Од аспект на СССР капитулацијата морала да биде потпишана во центарот на фашистичката агресија - Берлин, но моментот за нејзино стапување на сила морал да се смета според времето во центарот на победата - Москва.

Сето наведено влијаело 9 мај да не биде особено уважен кај сите победнички страни во периодот на Студената војна. Дури после падот на социјализмот, во сразмерно краткиот период во кој односите на Западот и Москва не беа затегнати како во претходниот период или како што е денес, 9 мај доживеа своевидна реафирмација. На одбележувањето на Денот на победата во Москва 2005 година присуствуваа високи делегации од голем број земји, вклучувајќи ги и САД, Велика Британија и Германија, претставени од највисоки официјални лица. Универзалното значење на 9 мај, кое е неспорно како историски факт, во одредена смисла тогаш беше и формално признаено. Меѓутоа, со заладувањето на односите на Западот и Москва, со занемарувањето на антифашистичкото наследство во Европа, со своевидната монополизација на победата над фашизмот од страна на современа Русија (што многу повеќе доаѓа од антизападните ресантимани на руската политика отколку што има некаква врска со антифашизмот) - Денот на победата кој се одбележува на 9 мај е сѐ пооддалечен од својата суштина која инаку би требало да ја рефлектира.

Затоа денес, повторно, потребно е да се потсетуваме дека на тој ден, благодарение исклучиво на заедничкиот напор на сите членови на антихитлеровската коалиција, беше запрено најголемото крвопролевање во дотогашната историја, чиј значаен двигател беа расистичкото дивјаштво и ништо помалку дивјачкиот национализам, кои својот концентриран израз го најдоа во Холокаустот, како и во цела низа бестијални злосторства произлезени од национализмот. Заради денешните дневнополитички мотиви или заради путиновизмот во Русија, кој на одвратен начин го злоупотребува антифашистичкото советско наследство, не смее да се занемари општопознатиот факт дека Советскиот сојуз имаше најголеми жртви во Втората светска војна, давајќи навистина одлучувачки придонес во победата. Во таа смисла, за презир се некои современи тенденции, присутни во политичките и интелектуалните кругови на Запад и меѓу критичарите на современата руска политика, кои лесно го занемаруваат овој факт и го багателисуваат како нешто ефемерно и попатно. Неприфатливо е, како што прават многу русофили и путинофили, одлучувачкиот придонес на тогашниот СССР да го сведуваат на Русија, кога е добро познато дека во тој победнички напор и жртвување учествуваа сите народи од тогашниот СССР.

Има смисла да се одбележува 9 мај како Ден на победата зашто токму на тој датум пред највисоката делегација составена од офицери на сите победнички сили, главнокомандувачите од остатокот на германската злосторничка армада потпишаа капитулација. Така заврши светската војна на најголемиот дел од териториите на кои се водеше. Покрај тоа, со прославувањето токму на 9 мај се оддава почест токму на огромната жртва и придонесот на Црвената армија. Занемарувајќи ги наносите политички несогласувања кои тлееја во антихитлеровската коалиција и за време на војната, и истакнувајќи ги во прв план содржините важни за една важна тема од колективното сеќавање, победата над фашизмот, се чини дека одбележувањето токму на тој датум како Ден на победата, со една делумно комплицирана контекстуализација, ако не и единствено можен, тогаш секако е најправеден избор.

Избор: Никола Гелевски
Превод: Алек Кузмановски
Гиф: Александар Јосифовски
Фотографии: Евгениј Халдеј (Евгений Ананьевич Халдей, 1917 — 1997)
Извор за текстот: Пешчаник (pescanik.net)

ЕУ река (70): Патрик Гири - Збрка од минатото

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

ОкоБоли главаВицФото