Како нацистите го злоупотребија Бетовен

09.05.2020 15:27
Како нацистите го злоупотребија Бетовен

Во 1945 година, во Виена, операта „Фиделио“ од Лудвиг ван Бетовен беше звукот на ослободувањето – сојузниците победија во војната против нацистичка Германија. Седум години претходно, со оваа опера, која ја нарекувале „победничка“, националсоцијалистите го славеле освојувањето на Австрија.

Може да се каже дека Бетовен, како ниту еден друг композитор во историјата, низ неговата рецепција, толку силно бил инструментализиран за политички цели. Неговата музика служела како потврда на политичките ставови – и на диктаторите, како и на борците за слобода.

„За тајната на оваа музика и денес сè уште се дискутира. Меѓународното присвојување е многу слоевита културна историја за која уште не знаеме доволно и за која допрва мора да развиеме модели за нејзино објаснување“, вели музикологот Михаел Кустодис од Универзитетот Минстер.

Пропаганда со музиката на Бетовен

Националсоцијалистите го инструментализираа Бетовен за својата пропаганда. Притоа не ги интересирала само музиката, туку и епитетите кои му биле давани на Бетовен како на композитор и човек. Тој важел за титан, херој кој бил поголем од судбината – глувоста и се разбира, бил германски музички гениј.

На режимот на Хитлер му пречело тоа што Бетовен се залагал за вредностите на француската револуција - слободата, еднаквоста и братството. „Диктатурите никогаш немале голем проблем да присвојат одреден историски наратив и во краен случај, да го преобликуваат. Притоа, националсоцијализмот отсекогаш се претставувал себе си и како револуционерно движење“, вели Михаел Кустодис.

Револуционерно движење, кое, макар музички, сакало да се надоврзе на старите традиции: со личностите како Бетовен и Вагнер. Со цел да организира музички настани, министерот за пропаганда, Јозеф Гебелс ја основал „Комората за култура на рајхот“, а во нејзини рамки „Комората за музиката на рајхот“. Нејзин прв претседател бил познатиот композитор Рихард Штраус, кој служел како перјаница и реклама на диктатурата. Делата на еврејските композитори или политичките противници биле забранети и етикетирани како „изопачена музика“.

Вилхелм Фуртвенглер се поклонува пред Хитлер, 1936, Хамбург

Продолжување на културното наследство

Уште царот Вилхелм I со основањето на царството (рајхот) во 1871 година, го отвори патото за инструментализирање на културата за потребите на владата. Тој ставил крај на романтичарската претстава дека музиката и политиката се два стриктно одвоени светови. Притоа, му пошло од рака и меѓународното признание на композиторите како Бетовен, Вагнер, Брамс или Брукнер.

„Царството учествува во управувањето со културното добро и издвојува многу пари за да го развие статусот што го освои германскиот музички репертоар во концертните сали и на оперските сцени“, објаснува Кустодис.

Освен тоа, германската музика била изведувана во колониите во Африка и Кина, помеѓу останатото и за да мисионерски ги увери „странските култури“ во вредноста на германската култура.

Нацистичка пропаганда и во странство

Тоа е традиција што ја продолжиле националсоцијалистите. Германски песни биле изведувани во Бразил или Чиле, а Берлинската филхармонија, како „оркестар на рајхот“ одела на турнеи по странските држави. Диригентите како Вилхелм Фуртвенглер и Херберт фон Карајан со оркестарските дела на Бетовен, ги полнеле големите светски концертни сали.

Подоцна, во текот на војната, пијанистите како Ели Неј, Вилхелм Кемпф или Валтер Гисекинг одржувале пропагандни концерти и со сонатите за клавир на Бетовен ја јакнеле издржливоста на војниците на фронтот.

Ели Неј

Кому му припаѓа Бетовен?

Многу доцна, односно најдоцна во Втората светска војна, станало јасно дека Хитлер сакал да владее со целиот свет. Окупираните народи биле културолошки поделени. Од една страна, во текот на војната, некои стриктно одбивале да изведуваат и слушаат германска музика, а други, пак, ја свиреле токму таа музика од протест. „На Германците им било одземано правото да ги присвојуваат композиторите како Бетовен“, вели Кустодис.

Почетокот на Петатта симфонија на Бетовен, во текот на војната, бил знак за препознавање на програмата за странство на Би-Би-Си и со тоа знак на отпорот против Германците.

Еврејската студентка по музика, Фаина Фенелон, од Париз, знаела за таа политичка симболика кога била однесена во концентрациониот логор во Аушвиц и ја аранжирала петатта симфонија за женскиот оркестар. Во својата книга, таа пишува дека ликувала заради тоа што управниците на логорот не забележале за што се работи.

Судир за Бетовен на Истокот и Западот

Во првите повоени години, помеѓу Источна и Западна Германија избила идеолошка кавга за тоа кој има право на музиката на Бетовен. Во ДДР на Бетовен се гледало како на предвесник на социјализмот. „Се кажувало дека Хитлер е победен заедно со Црвената армија и заради тоа тие смеат да го истакнуваат мирољубивото и европското во музиката на Бетовен“, раскажува музикологот Кустодис.

Во Западна Германија, сојузниците биле преокупирани со процесот на денацификација на кој морало да му подлежи и диригентот Вилхелм Фуртвенглер, кој во 1942 година, со Берлинската филхармонија ја извел Деветтата симфонија на Бетовен, по повод роденденот на Хитлер

„Берлинската филхармонија заедно со диригентот Фуртвенглер, од 1948 година, повторно тргнала на турнеја директно во Велика Британија, декларирајќи го тоа како мировен проект“, вели Кустодис. Наспроти жестоката дебата за улогата на Фуртвенглер во таканаречениот трет рајх, концертите биле распродадени, а критиките биле исклучително позитивни. Луѓето повторно сакале да ги гледаат одвоено музиката и политиката.

Диригентот Херберт фон Карајан (1908-1989)

Деветтата симфонија на Бетовен во служба на политиката

По војната, Деветтата симфонија на Бетовен, пошироко во светот била перцепирана на посебен начин. Во седумдесеттите години, на властодршците во поранешниот апартхејд режим во Родезија, денешно Зимбаве, четвртиот став на оваа симфонија им служел како национална химна. Во текот на воената диктатура во Чиле, жените протестирале за ослободување на политичките затвореници со „Ода на радоста“. Во јуни, 1989 година, студентите во Кина ја пееле Одата на радоста за време на протестите на плоштадот Тјенамен.

Леонард Бернштајн ја диригирал Деветтата симфонија по повод паѓањето на Берлинскиот ѕид. Политичарите ја пееја Одата на радоста по повод обединувањето на Германија. Деветтата симфонија на Бетовен е и химна на Европската унија со нејзините вредности на слобода, мир и солидарност.

Сепак, германскиот претседател Франк – Валтер Штајмаер на отворањето на манифестацијата „Година на Бетовен 2020“, предупреди дека големата уметност е потребна, но дека може да биде и злоупотребена. Како што за време на националсоцијалистите, Бетовен бил злоупотребен заради преставувањето на супериорниот „германски човек“.

„Тоа нè предупредува да бидеме претпазливи кога станува збор за претеран, нерефлексивен патос“, рече Штајмаер.

Извор: Дојче веле на српски јазик

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Стрип / Култура / Историја
Европа / Балкан / Став / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото