До победата и по неа

11.05.2020 09:55
До победата и по неа

Иронијата на објавувањето поштенска марка од страна на Пошта на Северна Мaкедонијa по повод Денот на Европа (или во народот одбележуван и како Ден на победата над фашизмот) каде е исцртана некоја Хрватска чии територии се протегаат во границите на три нејзини соседни држави, ме потсети на уште еден, за жал подзаборавен настан од периодот откако со ова јавно претпријатие раководат кадри на Bashkimi Demokratik për Integrim - BDI, а на некој начин е поврзан со денешниот ден.

Во јануари 2013 година, во пожарот што ги зафати просториите на централата на „Македонска пошта“ беше уништено едно од најзначајните дела на Борко Лазески, македонски академски сликар, еден од првите апстрактни автори во Македонија. „Фреската за НОВ“, која со право може да се каже и негово животно дело, му ја донесе и Сојузната награда 4-ти Јули за животно дело. Уништени се пет големи кубистички фрески со мотиви од Народноослободителната борба во Македонија, создадени во 1981 година. Направени во техника акрил, тоа се пет круга од по пет квадратни метри.

До денес никој не презеде одговорност, никој не беше казнет нити пак се направи некаков обид да се направи реконструкција на делата. Главната сала на поштата, иако се наоѓа во строгиот центар на Скопје, денес е руина, еден тажен спомен или епилог на негрижата кон културното наследство. Упорно се поставуваат несоодветни кадри на раководни позиции, а нивното незнаење се прикрива со молчење, со игнорантски однос. Да не заборавиме дека модерната македонска држава се потпира на плеќите на НОБ, на АСНОМ, на желбата на генерации за сопствена држава, нивната храброст и одлучност овде да постават темели на некаков систем, организација. Генерацијата на Лазески го остави својот печат во историјата. Што ќе оставиме ние?

 

ОкоБоли главаВицФото