12. Неутрални граѓани

22.05.2009 14:31
716.jpg

Кога во 1996 година се појави книгата на Даниел Голдхаген „Доброволните џелати на Хитлер“ таа предизвика многу контроверзи затоа што во неа се тврдеше дека: 1. бројот на убиените Евреи им бил познат на повеќето Германци; и 2. дека одбивањето да се учествува во геноцидот над Евреите не бил казнуван ниту со смрт, ниту со каква било неправда.[1] Отворањето на Штази-архивите во Германија го потврди истото – дека оние што одбиле да соработуваат со тајните служби на комунизмот не претрпеле никаква лична штета. Моралните избори биле возможни, особено за интелектуалците. Проблемот е дека интелектуалците најчесто се слуги на државата и парично се зависни од неа, тие се истурената рака на машинериите на образованието, воспитувани да ги поддржуваат професионалните и етичките кодови на апстрактната државна машинерија.

Овие увиди ги даваат на показ параметрите под кои е можно да се случат масовните злосторства. Масовните злосторства се возможни само со премолчена соработка на сите со сите, а таа е обезбедена преку идеолошкиот штит. Бирократската машинерија на комунизмот, слично како фашизмот и капитализмот, се засновала на употребата на „голото месо“, на безимените бирократски штрафчиња. Тие не се кодошите, ниту жртвите. Тие се таканаречените - неутрални граѓани.

Социјализмот беше кадарен да ги изнедри големите злосторства затоа што го чуваше идејата дека е најдобриот систем на светот. Иван Катиќ пишува: „Малите злосторства се прават од користољубие или од навика. Големите од верба и убедување. Само големите идеалисти прават големи злосторства без каење, идеалите ги ослободуваат од грижата на совеста.“ Ако интелектуалците во страшните режими најчесто знаеле или претпоставувале што се случува, тогаш прашањето гласи: зошто, забога, комунистичките режими никогаш не доживеале сериозен отпор, иако беа начелно поддржувани само од фанатиците, од садистите и од циниците? Титовиот режим најчесто доживувал вербален отпор, во кругот на најтесното семејство – таму си можел да го мразиш Тито, да си ироничен кон слетовите, одвратна да ти е системската неправда, да се залагаш за национални прашања и сл., но никогаш и надвор од домот.

Кога обвинителите во Нирнберг им ги поставија на сведоците против Ајхман прашањата: „Зошто не протестиравте? Зошто се качивте во возот? Петнаесет илјади луѓе стоеја таму, а стотици чувари ве гледаа – зошто не се побунивте, не се растрчавте или зошто не ги нападнавте?“,[2] Хана Арент со право вели дека прашањата се сурови и глупави. Целиот триумф на садистичката структура на СС-овците се базирал на таков тип измачување што потоа жртвата да дозволи самата да биде одведена до јамата без протест, самата да се одрече од секаков квалитет на човечки отпор, како што кажува еден поранешен затвореник на нацистичките логори „системот кој ги уништува жртвите пред да стапат на губилиштето е... неспоредливо подобар за држење на цел народ во ропство“. [3] Најдобро е да создадеш таков систем, во кој луѓето доброволно ќе одат како „кукли кон сопствената смрт“. Во комунизмот, режимот го уништувал суштинскиот отпор на ист начин како и нацизмот, затоа режимот начелно се одвивал без поголеми потреси.

Студиите за затворската тортура го потврдуваат истото. Тортурата во најопшта смисла воопшто не функционира, од оној што го измачуваш никогаш не можеш да добиеш никаков релевантен податок, тортурата се одржува како мит, со причина. Во книгата „Тортура и демократија“ (2007) Дариус Реали вели: „(Т)ортурата не е корисна за собирање информации. Луѓето мислат дека тортурата била ефикасна за Гестапо, на пример. Не била. Тоа што го правело Гестапо така застрашувачки ефикасно била неговата зависност од соработката на народот. Шпионите се главната причина за долгогодишното уништување на отпорот во Европа, и сите го знаеле тоа, но позгодно било да се каже дека Гестапо го извлекол тоа од нас – тепајќи нè.“ [4] Овие два увида, во извесна смисла, ги „рехабилитираат“ неутралните граѓани. Неутралните граѓани биле свесни, не биле без знаење, но исто така, тие знаења не можеле да им бидат од суштинска корист за критичкиот отпор. Режимот се базирал на системско утепување на отпорот.

Жижек ја издвои следната реченица од Марксовиот „Капитал“ како најтемелна дефиниција на идеологиите: „Не знаат, но го прават тоа“ (They do not know it, but they are doing it). Но оваа реченица не е доволно прецизна. Луѓето не биле политички несвесни на принцип на слепило, тие секогаш претпоставувале дека нешто се случува, но одбирале да не реагираат. Сметам дека поточна дефиниција за идеологијата е дијалогот од „Чекајќи го Годо“ на Бекет. Кога Естрагон нервозно му вели на Владимир: „Ти велам дека не сум направил ништо“, Владимир смирено одговара: „Можеби не си. Но важен е начинот како го правиш тоа“. Водачот на идеологијата е Владимир, „неутралниот граѓанин“ е Естрагон. Идеологијата најнапред те анестезира ништо да не правиш, а отпосле те утешува дека твоето ништо неправење - е сосема во ред. Тој спој од две идеолошки тупаници меѓу кои е стиснат „неутралниот граѓанин“, како и неговата нервозна реакција, е она што ја чини идеолошката перница во која е удобно залулкан нервозниот „неутрален граѓанин“.


Социјализмот како „ослободена територија“


Италијанскиот марксист Масимо Фини веднаш по паѓањето на Берлинскиот ѕид за југословенските медиуми напиша: „Се надевам дека Источните Земји нема просто да го повторат капитализмот, дека ќе најдат некое трето решение. Протестантската логика на која почива капитализмот не е таква каква што ја замислува Истокот, туку подразбира големи цени. Кои се тие цени? Може да се сведат на една – несреќа. Најбогатата капиталистичка земја на светот, САД, е најголем корисник на психофармацевтски производи. Секој втор човек е длабоко несреќен... Истокот ги сонува туѓите соништа. Богатите самопослуги на Запад се сон и на самите западњаци.“ Фини не беше осамен со оваа теза. Веќе по 1945 низ цела Европа имаше масовно одбивање на капитализмот,
[5] комунизмот за западните левичари остана да биде валиден „експеримент“ во кој останаа загледани, очекувајќи го идеолошкото „решение “ и во долгите децении по Втората светска војна.

Она што тогашните југословенски читатели, измрцварени од искуствата на социјализмот и неспособни за „нов одговор“, не можеа да го видат во меланхоличните редови на Фини, поради логиката на сопствената жовијална желба (сакам и јас да ги видам прво тие самопослуги, и јас прво да ја купам мојата лименка кока-кола) беше самата желба на Фини, неговата сопствена истоштеност од учеството во проектот наречен капитализам. А не ја видоа ниту удобната левичарска летаргија на Фини – „новиот одговор“ нека се бара на друго место, додека јас си продолжувам со мојот релативно просперитетен живот. „Третиот пат“ ќе го бараат утепаните од „Третиот свет“. Веројатно најлошата услуга што некому може да му ја направите е на смртна постела да му кажете дека животот го поминал во погрешна населба. Секако, тоа може да се толкува и како врв на просветлувањето. Постапката на Фини, според концептите на Лакан, би се свела на т.н. економија на желбата на другиот, што Лакан ја кажува вака: „Желбата е секогаш желба на другиот.“ Фини халуцинира дека комунистите имаат подобар живот од капиталистите. „Не ви требаат нашите преполни самопослуги, тие се лага, кај вас гледам нешто подобро.“

Но и за комунистичките граѓани важеше истата логика на халуцинирање – сакам и јас да ја држам мојата лименка кока-кола. Во тоа југословенскиот комунизам, кој немаше ригидна забрана за западните книги и филмови, во однос на луѓето од т.н. Источен блок, парадоксално, само ја зголемуваше анксиозноста на граѓаните. Желбата, знаеме уште од Фројд, го сексуализира предметот. Лименките кока-кола во Југославија за првпат се појавија на Олимпијадата во Сараево, лименката што ја држи светскиот шампион по карате, отвора најургентно барање за сексуализација. Тој не е само светски шампион во карате, туку е светски шампион во секс на најдолги патеки. Треба да се сетиме на Лакановата формула за љубовта. „Љубовта е да го увериш другиот дека го поседува она што ќе те допотполни, значи да се увериш себеси дека може да продолжиш да не го препознаваш токму она што ти недостасува.“ [6]

Во посакувањето секогаш има некаква лага. Има празни желби и има луди желби, има желби за забранетото, но сите без исклучок се желби на Другиот. Западот го сакаше комунизмот затоа што тоа беше желбата на Ленин. Истокот го сакаше капитализмот затоа што тоа беше сонот на Вилсон. Свеста ја доживаваме како престиж, но свеста не е престижна, кога нешто посакуваат, луѓето го посакуваат она што Другиот го има.

Тоа е објаснувањето зошто Југославија, за левичарските интелектуалци од Запад, покрај Куба и Никарагва, беше еден тип реализиран идеолошки сон, „ослободена“ територија – „ослободена“ и од сталинистичката диктатура и од нехуманиот капитализам.[7] Тоа е парадоксот на Фини. Живеам во социјализмот, а го посакувам капитализмот и обратно – тој парадокс е суштински вграден во идеолошкиот свет. За западните левичари, Југославија беше Аркадија, нема слободни избори, но нема ни потрошувачко општество, луѓето слободно патуваат, имаат пристап до западните книги и филмови, не чекаат пред амбасади за виза, имаат евтина струја, но прашањето е дали тоа ја исклучува тоталитарната власт? Ако сте работеле како издавач на списание во 1980-тите во Југославија и ако сте побарале совет од авторитетите дали нешто смеете да објавите, тие ви одговарале: „Ние сме самоуправно општество, мислете со своја глава!“ [8] Тоа редовно значи – мислете со наша глава. Цензурата е скриена, но политичката диктатура врз индивидуалната мисла сеедно е ригидна - самоцензурата, оттука, е главниот погон што го движел системот.

Југославија го немаше дури ни либерализирачкиот период што можел да и’ парира на чехословачката историографска ренесанса од 1964-1969, кога Чехословаците отворено прозбореа за нивните гулази и чистки. [9] Југословенските историчари не можеа јавно да си го признаат гулазите и политичките затвореници сè до средината на 1980.[10] Официјалниот историчар Бранко Петрановиќ во 1979 пишува дека мора да се потиснуваат списанијата на опозицијата затоа што „земјата е сè уште во револуционерни процеси и промени“.[11] Тито ја уништуваше опозицијата во советски стил и само Југославија немаше „скромна“ транзициона фаза кон социјализам, карактеристична за другите земји на Источна Европа меѓу 1945 и 1947.

„Неутралните“ граѓани и ден-денес се горди што Југославија го избегнала „Сталиновиот скут“, но и суровата капиталистичка акцелерација, дека Тито вовел партиципативна демократија, малцински права... итн, дека македонскиот социјализам ни ја донел државноста (кога нешто те конституира, тешко е да го критикуваш), дека луѓето чувствуваат носталгија, ако не по Титовиот систем, тогаш барем „по младоста“ и го имаат секое право над сопствената меморија и слично.

Кога ќе се појават критиките до Титовиот режим, денес, тие редовно се дочекуваат или како импулс на глобализацијата или се сметаат за десничарски национализам. И најголемите либерали во Македонија ја прогласија за „контроверзна“, Резолуцијата 1481 на Советот на Европа за „Потреба од меѓународна осуда на злосторствата на тоталитарните комунистички режими“ од 2006, нарекувајќи ја небулоза извадена од „малиот мозок на бриселските бирократи“. Кога во март 2007 македонскиот парламент даде зелено светло за првиот Закон за лустрација, одговорот на јавноста беше двоен. За опонентите на лустрацијата, комунистичките шпиoни само ја вршеле валканата работа во еден систем, и самиот неправеден. Тие велеа дека шпиoните може да бидат само онолку виновни колку што се виновни и т.н. „неутрални“ граѓани кои знаеле дека постоела практика на шпионирање, па сепак не сториле ништо против неа. Меѓу јавните повици против лустрацијата во Македонија, можеше да најдат и траги од извесна носталгија по УДБ. Тоа значи дека опонентите на лустрацијата веруваа дека македонското КГБ било само некаков неважен упад во приватноста на луѓето во однос на сегашниот, омнипотентен, а сепак апстрактен и анонимен увид во човечката интима, карактеристичен за капиталистичкиот паноптикум.

И, на прв поглед се чини дека не е лесно да се направи добра репрезентација на Титовата Југославија, кога се знае колку точно Сталин не чинел. Вистинската вредност на живеењето во Титовата Македонија ќе стане видлива само откако ќе се отворат темните страници на контраразузнавачките служби, и тоа смирено, не на принцип на сеирџиство или од глад за озборување. Тито и Сталин си сличат затоа што со исти методи ја уништија опозицијата за да ја воведат власта на единствената Комунистичка партија. И тоа се случувало со многу политички грешки, индивидуален хорор и политички жртви. Сегашниот бран на носталгијата по комунизмот може да се употреби не за да се ослободат луѓето од своите мемории, туку за да се „ослободат“ самите мемории, да се ослободат спомените кои досега беа забранети од колективното сеќавање. Потребата да се велича социјалистичкото минато е можеби нужна, но таа е и корисна, затоа што со неа се извлекуваат порелевантни знаења за минатото, со повеќе (досега забранети) податоци на увид.

Личните спомени се вредна алатка за етичка иднина. Луѓето имаат тенденција да се сеќавааат на „тоа тогаш“ главно така како што тоа изгледало за нив. Но секој од нас има различна верзија на минатото. За некои, живеењето во комунизмот било ера на среќно детство. За другите меѓу нас, тоа значело искуство од затвори, екскомуникација и терор кон членовите на нивните семејства. Денес во Македонија се останати околу 15.000 полициски досиеја. Тие заедно со членовите на нивното најтесно семејство, не прават повеќе од 50.000 политички малтретирани граѓани и нивни наследници во времето на Титовиот режим. Таа бројка не е голема, но не е ни мала. Тоа се оние луѓе, кои не ја делат светлата слика за минатото, нивните спомени се разликуваат од приказните на среќните семејства.

Она што недостасува, во сите случаи, е идеолошка конфронтација со Титовиот режим, и тоа во двојна смисла - и во термините на транзициската правдина, но и во анализата на оној специфичен човечки инженеринг што бил потребен за да се воспостави таа идеологија, но и реал-социјализмот, како разлика помеѓу социјалистичката платформа и несимпатичната стварност. Овој потфат е важен, не само затоа што се случија изборни победи на преименуваните комунистички партии во повеќето земји на поранешна Југославија, потоа во Полска, Унгарија, Бугарија, туку затоа што комунизмот е сè уште валидна политичка опција - во февруари 2008 на Кипар, земја-членка на Европската Унија, победи опцијата на реал-комунизмот, таа изборно легитимна победа покажува дека на комунизмот треба да се смета не само како на минато, акутна сегашност, туку и како на можна иднина.

Последниве две години еден дел од македонските блогови отворија дебати за местото и улогата на Тито, Сталин, Мао... а се отворија и левичарски блогови со марксистичка ориентација, и во нив мноштво хуманистички, манифестни пораки (солидарност, обединување, слобода...), а што е подопадливо од тоа? Во мај и јуни 2008, кога се славеше јубилејот од студентските демонстрации од 1968, повторно стана актуелно мотото „Да бидеме реални, да го бараме невозможното“. Малкумина знаат дека оваа реченица не беше на демонстрантите, туку на Лакан, големиот конзервативен психоаналитичар, кој неколку години пред револуционерната 1968, од клупа ги обработуваше француските студенти во парадоксите на психоанализата, им велеше дека можат, дека светот нуди невозможности, бидете реални! Им ја даде целата поддршка кога мотото го извадија на улица. Но малкумина знаат дека нивниот учител, веќе истиот ден, попладнето, им рече: „Како хистерични баби го барате својот господар, ќе го добиете“. Во екот на прославата на јубилејот, во јуни 2008, мотото на Лакан го слушнав во едно ток-шоу на Сител телевизија. Реченицата на Лакан стана славна, демонстрациите пропаднаа, но и луѓето добија господар.

 

[1] Rayfield, Donald (2005): Stalin and His Hangmen, op. cit., xx.
[2] Арент, Хана (2003): Ајхман во Ерусалим, Темплум, Скопје, 20.
[3] Исто, 21.
[4] New Scientist, 23 februari, 2008, 44-45. Michael Bond “I Walk in Ghosts and Shadows”, 45.
[5] Fowkes, Ben (1995): The Rise and Fall of Communism in Eastern Europe, Second Edition, MacMillan Press LTD, 2.
[6] Lacan, Jacques (1986): Četiri temeljna pojma psihoanalize. XI Seminar, Naprijed, Zagreb, 144.
[7] Žižek, Slavoj (2006): The Universal Exception, op. cit., 45.
[8] Славој Жижек, Недељом у два, интервју на ХТВ, Загреб, 3 февруари, 2007.
[9] Во Чехословачка историчарите уште во доцните 1960-ти открија шокантни детали и ги објавија во Извештајот на Комисијата за истраги од 1968. Тие ги опишаа првите жртви од редовите на номенклатурата која се допишувала со Сталин за да се ликвидираат локалните водачи.
[10] Fowkes, Ben (1995): The Rise and Fall of Communism in Eastern Europe, op. cit., 47.
[11] Исто, 208, фуснота бр. 57.

 

Илустрации: Мартин Мекмареј

 

Другите делови од фељтонот можете да ги видите на следниве линкови

11. Кремлинологијата како симптом

10. Пет забелешки за природата на анализите што следат

9. „Нема ништо, нели?“

8. Потрага по „патолошкиот“ вишок смисла

7. Феноменологија на кодошот

6. Колку едно живо суштество може да издржи?

5. Тврдо крило

4. Садизам

3. Биографии на пријателите

2. Интимист (Досие 5622)

1. За емоциите што останаа во еден автобус

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото