Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (16)

12.05.2020 23:11
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (13)

 „Алиџан“, Јусуф Сулејман, „Антолог“

На вишината од Топаана и Дуќанџик, ромските маала, Ромите безгласно живуркаат како куќичките од ќерпич низ кои, вековите, годините со животот и судбината си минуваа низ нив со својата постојана промена на самиот живот, како даден запис-судбина од Небото дека се заборавени како луѓе на оваа цивилизација, на оваа планета Земја низ која тие го минуваат дискот на Животот и Вистината на Судбината на универзумот, дека со раѓањето тука на Земјата, влегуваат во непосакуваниот простор на одмерувањето на минливиот пат на тоа Вавилонско време, животарење, но и субинско поигрување со самата вистина на животот, чекајќи ја смртта во некој зафрлен агол од самиот живот на оваа планета Земја.

Исто така, чекајќи под ова поднебје, сиот човечки збир тера некаков живот во остварување на судбината на универзумот во планетата Земја, заедно со Ананка и Алиџан чекајќи го последниот воз на ова губилиште...

Но, спротивно од нив, на планетата Земја, безнадежниот, изгубениот, но и самиот со себе помирениот Карабатак, осамено, но стамено, чекори по калливите улички на овој живот на вишината на Дуќанџик...

Карабатак, заљубениот, загубениот во оваа маџирска галаксија на некаков компромис, сиромашкиот постојано се вознесувал и гласно зборувал секогаш кога бил во близина на Ананка.

Тоа негово гласно збoрување во последно време сите му го припишуваа на годините, глувоста што го надваса, ама не било така. Зборувајќи гласно, Карабатак си ја олеснувал болката во својата душа што ја имал, а и маката што Ананка никогаш нема да ја има покрај себе како љубена!

Ананка, која не знае колку тој ја сака...

Ананка, која не знае колку тој ронеше и се уште рони солзи по нејзината љубов...

Ананка, која за него и неговиот живот е беспрекорна, небесен ангел на планетата Земја, во оваа контроверзна заборавена Земја Топаана, Македонија...

Ананка, која го живее најтешкиот живот на Ромите во овој дел од универзумот...Иако самата како Порталика Земска учествуваше во Судбината на ова човештво како наречница и проверувач на остварувањето на тоа Писание и Казание што е проречено за самото Човештво и сиот жив свет во него...

Ананка, која Карабатак го смета за свој помал брат...

Ананка, која секогаш за него има убав топол збор бидејќи е содругар на брат и, пријател, нејзина потпора кога му се жалеше на момчешките дофрлања од улица...



„Пустинско рандеву“, Снежана Крстеска Стојковиќ, „Просветно дело“

Ели брзаше да не задоцни на работа. Со тешкотија се симна по скалите бидејќи не беше доволно наспана и одморена. Излезе пред зградата, погледна кон небото и почувствува олеснување оти надвор беше постудено и паѓаше ситен леден дожд.

Брзајќи кон работа, одлучи дека понатаму не смее да продолжи така. Мора, поради Роберт и Николина, да биде силна и издржлива. Реши да се бори, да не се предава, да биде трпелива и да чека. Колку и да се плашеше,сега беше сигурна дека Роберт е жив.

Одеше и повторуваше на глас.

-Роберт е жив!Роберт е жив!Роберт е жив!

Низ нејзиното тело струеше нова енергија, надежта се ширеше низ секоја нејзина клетка. Одеше по патот и сакаше да запее. Да пее за нејзиниот Роберт. Чекорите и стануваа се полесни, како да лебдееше.Почна да кажува молитви, од кои доби позитивна енергија.

-Роберт ќе се врати, ќе се врати - потпевнуваше како мало девојче.

Тоа утро, непосредно пред да се разбуди, како да го слушна неговиот глас. Ги отвори очите и го виде како стои до креветот од страната на Нина. Ја милуваше по косата, беше чудно облечен и имаше долга коса. Ја погледна и се насмевна:

-Добар сум, сакана моја. Жив сум и еден ден ќе се вратам!
Ели сакаше да стане, да го праша каде е, но не успеа, тој наеднаш исчезна.

Претходната ноќ таа го повикуваше во мислите, а тој веројатно го почувствувал тоа и дојде да ги види.

Имаше уште десет минути пред седум часот кога почна да преминува преку железниот мост.Многупати го минуваа заедно со Роберт, па сеќавајќи се, почувствува топлина во срцето. Кога дојде до средината на мостот, застана. Погледна во водата и помисли на сите тие убави вечери кога се бакнуваа тука. Овој пат, за чудо, не почувствува тага. Визијата што ја имаше утрото, и донесе смирување. Чистиот воздух го вдишуваше длабоко и знаеше дека се ќе биде во ред.

Само што го помина мостот, слушна глас. Некој ја довикуваше.Се сврте и го здогледа соседот од првиот кат, кој брзаше кон неа викајќи:

-Сосетке, сосетке...

Ели застана да го причека.

-Добро утро, сосетке, многу студи утрово.

-Добро утро, соседу, нека студи, не е толку страшно.

Таа го кажа тоа некако набрзина, сакајќи да продолжи сама по патот.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото