Преценета идеја: работа од дома

13.05.2020 00:44
Преценета идеја: работа од дома

Ова го пишувам од импровизираниот бункер во мојата трпезарија - во тренерка ја совладувам храната за итни случаи. Извршувам еден куп работи, но почнува да ме нервира недостатокот на стимулација. Поминаа часови (денови?) откако бев во интеракција лице в лице со човечко битие кое не е член на моето семејство и полека ме фаќа клаустрофобија.

Меѓу бројните последици од коронавирусот е оваа со која се соочени луѓето како мене: оние кои работат во канцеларии сега се избркани оттаму.

Иако епидемијата донесе проблеми, ова е возбудлив момент за оние што сакаат да работат од дома - оние кои се во принуден карантин сега можат да насетат како ќе изгледа чудесната иднина без канцеларии.

Мет Муленвег, шеф на софтверската компанија Автоматик, во коронавирусот гледа една светла точка. Во неодамна објавениот блог напиша дека пандемијата би можела „да им пружи прилика на бројни компании најпосле да изградат култура која ја подразбира одамна неопходната флексибилност на работата“.

Едно време и самиот се колнев во работењето од дома: нема превоз! Нема колеги кои го одвлекуваат вниманието! Свежо подготвен ручек дома!

Сепак, истражував „за“ и „против“ за потребата да ја напишам оваа книга за човечкиот опстанок во доба на вештачка интелигенција и дојдов до сосема поинаков заклучок: повеќето луѓе би требало да работат во канцеларии да ги избегнуваат осаменичките договори за работа од дома.

Работата од дома е добра опција за новопечените родители, луѓето со пречки и другите кои не им се прилагодени на традиционалните канцелариски простори. Не мислам дека би требало да ги игнорираме препораките и луѓето принудно да работат во канцеларии додека трае пандемијата и мошне сум сочувствителен кон оние кои се вработени во ресторани и другите работници за кои работата од дома никогаш не била изводлива опција. Но за оние кои се доволно среќни да можат да работат од дома, без разлика дали заради коронавирусот или инаку, следуваат неколку предупредувачки реченици.

Љубителите на работењето од дома се повикуваат на истражувања како она кое во 2014 година го спроведе Николас Блум, професор на Универзитетот Стенфорд во Калифорнија.

Тој ги посматрал вработените во една кинеска туристичка агенција кои работат од дома и утврдил дека тие биле 13 проценти поефикасни од своите колеги кои работат во канцеларија.

Меѓутоа, истражувањето исто така покажува дека она што го добиваат луѓето што работат од дома во однос на продуктивноста, го губат на потешко мерливите поими како што се креативноста и иновативното размислување. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои работат заедно во иста просторија имаат тенденција да ги решаваат проблемите побрзо од оние кои работат оддалечени, а при работењето од дома трпи кохезивноста на тимот.

Оние што работат од дома исто така практикуваат пократки паузи и поретко одат на боледување, а многумина наведуваат дека имаат потешкотии во одвојувањето на работата и животот дома.

Тоа е добро ако сте газда кој сака од своите вработени да извлече уште малку ефикасност, но е помалку идеално ако сте некој што се обидува да постигне некаков баланс помеѓу работата и слободното време. Работата во изолација е самотна, што ја објаснува популарноста на co-working просторите како што се West Work и The Wing.

На пример, Стив Џобс беше познат противник на работењето од дома и веруваше дека вработените во компанијата Епл најдобро работат кога случајно ќе налетаат едни на други.

„Креативноста доаѓа од спонтаните средби, од случајните разговори“, зборуваше Џобс. „Наидувате на некого, го прашувате што работи, велите ’Уау’, и набрзо и самите готвите секакви идеи.“

Да, докажано е дека превозот до работното место нѐ прави помалку среќни и дека отворените канцелариски простори ги прават речиси невозможни обидите да се концентрираме, но времето што го поминуваме со другите луѓе ни нуди прилика да ги изразиме квалитетите како емпатијата и тимската работа. Тоа се вештини кои не можат да се автоматизираат.

„Постои елементот на социјална интеракција кој е мошне важен“, истакна Ласло Бок, извршниот директор на стартапот за човечки ресурси Хуму.

Слики: Hannah Bruton

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото