Гнилеж во средиштето на „селебрити“ културата

14.05.2020 12:57
Гнилеж во средиштето на „селебрити“ културата

Америка е во криза, но на познатите личности им оди многу добро. Тие ни упаѓаат во домовите, нè потсетуваат дека треба да останеме дома и да „бидеме позитивни“, како и на тоа дека „сите сме обединети“.

„Мојата супермоќ е останувањето дома“, кажала Гал Гадот, ѕвездата од филмот „Wonder Woman“, додека се снимала во својата гардероба која зафаќа простор колку цела една голема соба. Кога Џенифер Лопез објави снимка на целото семејство „затворено“ на огромниот имот на Алекс Родригез во Мајами – тоа ја полуди јавноста.

„Сите те мразиме“, беше само еден од карактеристичните коментари кои беа постирани како одговор на нејзината објава.

Една од општествените последици на коронавирусот е разбивањето на култот кон славните личности, како познати амбасадори на меритократијата: тие ја претставуваат американската потрага по богатство преку талентот, шармот и напорната работа. Но сонот за класната мобилност исчезнува кога општеството се затвора, кога економијата почнува да подзастанува, кога бројот на починатите почнува да се зголемува.

Ова е време кога мора да е многу тешко да си славен. Познатите личности не припаѓаат на најтесниот круг на најбогатите луѓе во Америка, нето вредноста на Џенифер Лопез е само мал процент на она што го поседува шефот на „Амазон“, Џеф Безос, но нивната задача е поврзувањето со широката јавност со речиси непристојна достапност на нивните животи. „Селебрити“ културата ги глорификува не само заради нивните перформанси или нивните лични карактеристики, туку и заради нивното богатство: нивните неверојатни роденденски забави за децата, колекциите на автомобили, нивните пластични операции, нивните имоти. Можноста да го гледате (или да го гледате и мразите) овој спектакл на неумереноста функционираше како бизарен начин за намирување на нееднаквоста.

Но овој пакт се заснова врз можноста „селебрити“ личностите лесно да се движат помеѓу елитите и широката публика, истовремено да бидат и многу амбициозни и приемчиви. И навикнати сите да ги фалат заради „користењето на нивните платформи“ за „подигнување на свеста“ за јавното добро.

Никогаш не било толку лесно да се пробуди, но и да се злоупотреби нашата свест. Познатите личности имаат публика составена од трауматизирани луѓе кои се приковани за интернет, чиишто очи се обидуваат да најдат каква било смисла во хоророт што се случува надвор од нивните домови, но многу блиску. Наместо тоа, ја добиваат Мадона која се капе во када полна со ливчиња од рози.

Една од ирониите на овој момент е дека иако се чувствуваме помалку како ѕвезди од кога било, тие, се чини дека се чувствуваат повеќе како нас - или барем, онака како што тие мислат дека мора да се чувствуваат обичните луѓе. Деџенерис „лудува“ заради тоа што мора да остане во нејзиниот огромен дом; Кети Пери изгубила поим за деновите што ги поминува во нејзината голема куќа.

Сепак, ако во оваа ситуација веќе ќе им обрнуваме внимание на славните личности, тогаш нивниот придонес нека биде или шармантен или толку пореметен што ќе ни ги одвлече мислите. Дури и ако опаѓа моќта на вистинските славни личности, расте вредоста на вистинскиот забавувач. Дајте ни ги Пати ЛуПон на џубоксот и Јо-Јо Ма на виолончело.

Дајте ни ја Бритни Спирс, која стана една од ретките селебрити линости со став за неопходноста од радикална општествена промена. Неодамна, Бритни на Инстаграм го објавила манифестот на интернет уметничката Мими Жу.

„Ќе се храниме меѓусебно, ќе го редистрибуираме богатството, ќе штрајкуваме“, пишува, меѓу останатото во овој манифест. „Заедништвото е посилно од ѕидовите“.

Бритни Спирс стана невообичаена фигура која нè води низ карантинот, но таа улога ѝ прилега: во изминатите 12 години, другите водеа сметка за секој нејзин чекор. Кога зборува за изолација и осаменост, таа знае за што зборува.

Слики: Cari Vander Yacht

Извор: New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото