Моќта за адаптација - клуч за долговековниот континуитет на македонскиот јазик

14.05.2020 13:22
Моќта за адаптација - клуч за долговековниот континуитет на македонскиот јазикна

Човековата потреба да го опише, објасни и артикулира светот што го опкружува најверно се реализира преку јазикот. Јазикот го претставува најсовршеното средство за артикулација на човековата концептуализација на светот, како материјалниот така и менталниот. Таа коцептуализација преку јазикот се реализира така што од значенската структура на јазикот (семантички континуум) се пренесуваат информации кои се кодираат во јазичниот систем (граматика и лексикон). Во граматичкиот систем тие информации се граматикализираат и стануваат показатели на одредени „граматички“ категории, додека пак во лексиконот (зборовниот состав) тие информации се лексикализираат и се вклопуваат во деривациските зборовни јадра на соодветниот јазик. На тој начин човековиот јазик се труди што поточно да ја прикаже постојано променливата концептуализација на светот. Другиот сегмент од пренесувањето информација од семантичкиот континуум е и потребата за постигнување појасна и поеднозначна комуникација меѓу говорителите, при што показателите на семантичките категории кодирани во јазикот постојано се менуваат со цел да постигнат повисока транспарентност и поголема разбирливост. Токму од нивната транспарентност зависи успешноста на комуникацијата.

Тоа значи дека секој јазик се обидува што поуспешно да ги следи промените во природата, општествено-цивилизацискиот развој, културата, социјалните и други односи, проследени со промени и во човековиот ментален свет. Затоа се вели дека „јазикот е жива материја“ и дека постојано се менува, токму поради тоа што и светот околу нас постојано се менува и со тоа ја менува нашата концептуализација и разбирање за она што нè опкружува.

Моќта да се следат промените и приспособувањето кон нив е клуч за многу работи. Така, Алберт Ајнштајн за човековата интелигенција вели: „Интелигенцијата е способност за менување“ (Intelligence is the ability to change). Секако, тоа може да се примени и на јазикот. Многу јазици што не можеле и не успеале да ги следат промените во светот што ги опкружувал или се претопиле во помоќните јазици или го намалиле својот опсег и полека сосема исчезнале. Во последните декади, со поинтензивниот развој на науките, сè повеќе почнува да се воведува уште еден елемент кој има големо влијание – а тоа е моќта за адаптација. Во тој контекст, Стивен Хокинг, зборувајќи за човековата интелигенција, го надградува ставот на Ајнштајн и вели: „Интелигенцијата е способност за адаптација за менување“ (Intelligence is the ability to adapt to change). Токму поимот адаптација влегува во една од поновите и можеби најзначајна теорија на физиката која наоѓа апликации во голем број научни гранки. Се работи за теоријата за Комплексни адаптивни системи (Complex adaptive systems - CAS).

Теоријата за комплексни адаптивни системи се базира на нелинеарната физика и се обидува да покаже дека во еден комплексен адаптивен систем единките се поврзуваат според нелинеарни и прилично непредвидливи врски, создавајќи системски групи (модели на однесување) кои потоа се поврзуваат со други такви групи и го создаваат комплексниот систем. Имено, се работи за почетно нелинеарни, односно непредвидливи интеракции меѓу единките, кои подоцна се систематизираат на различни нивоа на организација. Тоа значи дека основните карактеристики на КАС се меѓусебните врски на елементите (учесниците), нивната интеракција внатре во системот, нивната адаптација, можност да создаваат повисоки (контролни) структури, а секако една од најважните карактеристики е нивната интеракција со околината (environment) и нивната адаптивност во однос на дури и најминималните влијанија од околината. Тој претставува динамичен систем кој постојано еволуира и се адаптира кон сите надворешни влијанија, и без согледување и анализа на ’околината’ не би можеле да го согледаме во целост комплексниот адаптивен систем.

Ако го набљудуваме човековиот јазик од перспектива на KАС, а имајќи ги предвид горенаведените тези, можеме да најдеме голем број заеднички карактеристики и да го вброиме и јазикот (помеѓу многу други природно настанати комплексни системи) како еден комплексен адаптивен систем. Елементите на јазикот преку носителите (говорителите) се во постојана интеракција, се создаваат контролни структури на семантичко ниво, показателите на лексичко и граматичко ниво постојано се адаптираат, тие се во постојана конкуренција во однос на подигање на транспарентноста, а поради промените и влијанието на околината системот постојано се адаптира и еволуира.

Доколку го поставиме македонскиот јазик во рамките на теоријата за Комплексни адаптивни системи, можеме да забележиме дека голем број механизми што ја движеле долговековната еволуција на македонскиот јазик се всушност скоро идентични со оние што го карактеризираат и придвижуваат комплексниот адаптивен систем.

Македонскиот јазик, како генеалошки словенски јазик, поради разни надворешно јазични околности се нашол на периферијата на словенскиот јазичен свет. Територијата на која се нашол подолг период била контролирана од римското, византиското влијание, а најдолг период од Отоманската Империја. Народите и јазиците со кои стапил во интеракција на истата територија генеалошки биле не толку сродни (латино-романски, грчки, албански, подоцна турски...). Сето тоа го принудило македонскиот јазик постојано да се адаптира, да иновира, да еволуира со цел да постигне поеднозначна комуникација како меѓу говорителите на македонскиот јазик така и со говорителите на другите јазици на таа територија. Теоријата за Комплексни адаптивни системи вели дека неможноста за адаптација го доведува системот до разорување. Кај македонскиот јазик токму таа моќ за адаптација овозможила тој да не исчезне, туку да има целосен континуитет низ сите периоди. Иако македонскиот јазик се карактеризира со доцна литературна стандардизација во рамките на државните институции, неговиот континуитет е неспорен бидејќи преку дијалектите тој опстојувал и еволуирал без оглед на непостоењето на некакви општествено политички рамки (автономност, држава, институции, норма, ....). Гледано од лингвистички аспект, токму таа слобода во развојот на живата комуникација овозможила забрзување на јазичните еволутивни процеси.

Така, во долговековниот развој на македонскиот јазик, тој бил во постојана интеракција со другите балкански јазици и се обидувал со нив да ја споделува истата концептуализација на светот и да се адаптира на околината на сличен начин за да може воопшто да опстане толку долг период. За да не исчезне, тој морал да ја измени својата длабинска структура и да ја адаптира кон појасно и поеднозначно артикулирање на заедничката концептуализација на светот со другите балкански народи и јазици. Во тој контекст, структурата на македонскиот јазик прилично се оддалечила од своето словенско наследство и се адаптирала кон балканската околина. Тоа се огледа и во глаголскиот и во именскиот систем на македонскиот јазик. Во глаголскиот систем се појавиле нови заеднички „балкански“ модели за изразување на видот и времето, а во именскиот систем се одвивал процес на премин од синтетичка во аналитичка деклинација. На тој начин, и македонскиот и другите балкански јазици можеле на ист или сличен начин да ја артикулираат променливата концептуализација на светот, а секако и да обезбедат појасна и поеднозначна комуникација не само во рамките на својот јазик, туку и во рамките на пошироката балканска јазична заедница (Balkan Sprachbund).

Во целиот тој контекст може да ја гледаме балканската јазична заедница како еден уште поголем комплексен адаптивен систем, а токму македонскиот јазик е феноменот кој го претставува основното јадро на тој систем. Тој ги имал и ги користел сите механизми на комплексниот адаптивен систем, а поради својата поставеност (географија, културни и општествени околности), наследена структура (словенска), и другите фактори што го интензивирале контактот со другите балкански јазици, тој е најадаптивниот дел од комплексниот систем. Повеќето јазици, а со тоа и македонскиот јазик, во текот на својот развој најчесто изнаоѓаат внатрешнојазични средства кои ќе го олеснат меѓусебното разбирање. Тие средства можат да бидат од наследен словенски карактер или одраз на контактите во рамките на балканската јазична средина. Во однос на дијалектниот јазик, особено македонските западни периферни говори, може да се истакне дека балканизираната структура на македонскиот јазик овозможува одредени тенденции да се развијат во правци кои се многу поиновативни отколку во некои други (географски) блиски словенски и несловенски јазици. Можноста постојано да црпи од своите дијалекти во голема мера го забрзала еволутивниот пат на македонскиот јазик и го направила уникатен во пошироки рамки.

И во својот самостоен развој (по кодификацијата во 1945 г.) македонскиот јазик продолжил да еволуира и да се развива според правилата на комплексните адаптивни системи. Денес, глаголскиот систем на македонскиот систем е најбогат и најразвиен од сите словенски јазици бидејќи во себе ги чува наследените категории уште од прасловенскиот период, а исто така, адаптирајќи се кон околината, во својот систем ги вградил и стекнатите балкански категории. Така, во македонскиот јазик видската опозиција свршеност-несвршеност е подигната на потранспарентно ниво со префикси и суфикси, со што се создаваат видски парови разбирливи и за другите балкански јазици кои ја немаат категоријата вид. Образувањето на идното време исто така претставува заеднички модел во рамките на целата балканска јазична заедница како КАС (ќе одам, do të shkoj, va să neg). Македонскиот јазик е еден од ретките словенски јазици што силно ја чуваат опозицијата аорист-имперфект и која исто така му служи за поеднозначно определување на извршеноста/неизвршеноста на дејството во минатото. Македонскиот јазик е единствениот словенски јазик кој во својот систем ги вградил перифрастичните конструкции за изразување сложени минати времиња од типот имам дојдено, сум јаден... Во системскиот дел од лексиконот успешно се адаптираат новите глаголи изведени од туѓи зборови и тие одново се приклучуваат кон повисоките контролни структури на КАС. Од туѓите зборови како лоби, менаџер, демант се образуваат видските глаголски парови лобира-излобира, демантира-издемантира, менаџира-изменаџира. Иако се работи за туѓи зборови, тие преку суфиксот –ира се маркираат дека се од туѓо потекло, а преку префиксот –из(с) се маркираат во однос на видско-временската опозиција и успешно се вклопуваат во системот. Ако се вратиме назад во времето, ќе видиме дека истите механизми на КАС функционирале и во периодот пред кодификацијата на македонскиот јазик. Во тој период таков јазик преносник бил турскиот, а македонскиот јазик (и другите балкански јазици) на ист начин ги адаптирал и ги вградил во своите системи (бендиса-бендисува, аздиса, кандиса, ујдиса....).

Исто така, во именскиот и во заменскиот систем продолжува тенденцијата кон целосен аналитизам, односно изразување на падежните односи со препозитивни показатели кои покажуваат поголема транспарентност. Во предлошкиот систем сè почесто се јавуваат секвенци од предлози кои служат за поголемо просторно доопределување од типот: за на пазар, за во библиотека, од пред зградата и сл. Сето тоа му овозможува на македонскиот јазик да ја продолжи својата забрзана еволуција и успешно да се адаптира и да го артикулира светот што се менува. Токму тие процеси кои се одвиваат во современиот македонски јазик го покажуваат неговиот долговековен континуитет, а постојаните осцилации кои го влечеле кон хаосот (распаѓање и исчезнување) го принудувале кон постојана адаптација и реструктурирање на системот, што му овозможило да продолжи да живее и покрај сосема неповолните општествено-политички и други околности.

Сето тоа покажува дека македонскиот јазик, гледано од теоријата за Комплексни адаптивни системи, претставува стабилизиран систем, со цврсти контролни механизми и хиерархиски модели кој многу успешно се адаптира кон сите промени на околината. Кога еден комплексен адаптивен систем нема да се распадне во најнеповолни околности и со огромни осцилации предизвикани од влијанијата на околината, тој секако ќе опстане и ќе го продолжи својот еволутивен пат и во околности во кои веќе изградените заштитни механизми ќе продолжат да функционираат постојано адаптирајќи се кон околината. Средствата, елементите, на тој комплексен адаптивен систем се длабоко вградени во дијалектите на македонскиот јазик. Таму седат и наследените словенски елементи, и стекнатите балкански елементи. Системот постојано ги црпи и ги вклучува во нови јадра, создавајќи нови врски што резултира со покондензиран, поеднозначен и појасен јазичен израз.

Како и другите природни комплексни адаптивни системи, така и јазикот се стреми кон еквилибриум, односно идеална состојба, но тоа предизвикува статичност на системот и негово распаѓање. Од друга страна нелинеарноста на влезот на импулсите, слабеењето на моќта и транспарентноста на контролните структури, постојаното менување на околината и нејзиното влијание и интеракција, го водат системот кон хаотичност и повторно кон распаѓање. Токму тие осцилации меѓу хаосот и еквилибриумот му даваат гориво на македонскиот јазикот да опстанува. Зоната меѓу тие две спротивни сили (хаос и еквилибриум) е зоната која е главниот двигател на еволуцијата на КАС, а во нашив случај на македонскиот јазик. Токму тие силни осцилации биле главниот двигател на постојаната потреба на македонскиот јазик да се адаптира во интеракцијата со другите балкански јазици а истовремено и кон постојано менливата (пред сè културно-општествена и цивилизациска) околина.

Со тоа, современиот македонски јазик ни ги покажува тенденциите на забрзаната јазична еволуција користејќи ги сите можности што ги дава богатиот дијалектен корпус кој имал многувековна непречена усна традиција. Токму тој богат дијалектен корпус овозможува говорителите на современиот македонски јазик да изнаоѓаат решенија кои овозможуваат поеднозначна и непречена комуникација и меѓусебно разбирање. И во својот 'балкански' развој и во својот сегашен самостоен развој, македонскиот јазик ги користи сите овие средства со цел на што поеднозначен начин да ја артикулира концептуализацијата на современиот свет и да обезбеди појасна комуникација меѓу говорителите.

Затоа, можеме да кажеме дека клучот за континуитетот и опстанокот на македонскиот јазик е токму во неговата способност да се адаптира кон промените, да ги вгради во својот систем и со тоа да биде модел во пошироки рамки за тоа како еден јазик дури и во најнеповолни околности може да стане одржлив, еволутивен и иновативен комплексен адаптивен систем.

Проф. д-р Марјан Марковиќ е лингвист, македонист, славист и балканист. Тој е дописен член на МАНУ.

Слики: LEONARDO ULIAN - Мандала

Извор: fakulteti.mk