Кон претставата „Венера во крзно“

15.05.2020 14:19
Кон претставата „Венера во крзно“

Фотографии: Јелена Белиќ

„Венера во крзно“
Режија: Ивана Ангеловска
Сценарио: Дејвид Ајвс
Улоги: Благој Веселинов и Ивана Павлаковиќ
Театар Навигатор Цветко


Драмата „Венера во крзно“ од Дејвис Ајвс е остроумна студија на меѓучовечките односи. Таа подразбира дека во суштината на секоја комуникација лежат комплицирани односи на моќ чие длабинско промислување бара интелектуална и емотивна деликатност. Да се стави на сцена овој текст, да се исполни атмосферата со она ниво на интензитет кое текстот го бара, успешно да се оствари тој остар, интензивен продор во специфична психологија, бара многу зрел уметнички тим.

Режисерката Ивана Ангеловска и актерите Благој Веселинов и Ивана Павлаковиќ, судејќи според резултатот на сцена, сочинуваат беспрекорен механизам за отелотворување на мрачната магија на текстот. Во финалното дело евидентни се соработката, складноста и меѓусебната поддршка кои се клучни предуслови за да добиеме претстава која знае каде цели, како да стигне дотаму, и го остварува тоа со заносна леснотија.

Режисерот Томас Новачек (Благој Веселинов) пробува да го приспособи за на сцена прочуениот роман „Венера во крзно“ на Сахер-Мазох, кој бил основата од која Крафт-Ебинг во втората половина на 19 век започнал да го проучува мазохизмот како сексуална девијација. Претставата се отвора додека Томас се подготвува да си замине дома исфрустриран после денот исполнет со очајни аудиции за улогата на хероината. Одеднаш, половина час по завршувањето на термините за аудициите, како вртлог откинат од бурата што владее надвор, накисната и несредена, се втурнува Ванда, и некако успева да го убеди мрзоволниот Томас да ја прими. Штом почне да чита, Томас е забезекнат од нејзината совршена трансформација од маничен динамизам во елегантна воздржаност и тој сфаќа дека улогата ѝ прилега како создадена за неа.

Оттука, продолжуваат со читањето на текстот, па постепено се заплеткуваат во комплицирана комуникација, се губат заведени во лавиринт од огледала исполнет со агресивни одблесоци, ненадејни мултиплицирања, подвојувања и несигурност во расудувањето. Делото ја следи структурата „претстава во претстава“, при што со прогресирањето на приказната ликовите се инвертираат и стопуваат и станува сѐ поматно кој всушност зборува и кому му се обраќа.

На почетокот на претставата односот на моќ помеѓу двата лика е предвидлив: арогантниот режисер настојува да ја оформи младата актерка. Но Ванда одбива да биде немоќна, напротив, се покажува дека таа на мистичен начин поседува клучни сознанија за него. Недофатниот идентитет на Ванда е едно од централните прашања во претставата. Томас е заведен и инспириран од нејзината флуидност и едновремено настојува да ја пробие и да ја запоседне. Неуловливата Ванда, која се расејува по сцената и прелетува преку линиите, со својата динамичност го турка Томас надвор од неговата ригидност, од комфорот на неговите илузии и од неговата компулзивна потреба да ја повторува својата фантазија. 

Мазохистичката релација е совршена подлога за истражување на интерперсоналните динамики на моќта. Затоа, авторот не ја користи драмата на Сахер-Мазох само како сижеен катализатор, туку врши пресликување на нејзините конститутивни елементи во ликовите на Томас и Ванда и нивната релација. Низ претставата постојано се отвораат, како кутии во кутии, нови нивоа на релацијата фикција-реалност, двојството кое е суштинска одлика и на самата психологија на мазохистичката врска, при што таквата динамика вклучените субјекти свесно и согласно ја менаџираат.

Ликовите на Томас и Ванда се тешки за владеење поради тоа непрекинато менување, прелевање, пречекорување. Сепак, Веселинов и Павлаковиќ се трансформираат со леснотијата со која ги менуваат костумите. Павлаковиќ на сцена е снажно енергетско јадро, нејзината Ванда зрачи со страст, харизма и магнетизам. Со нежен замав си ја преуредува појавата и брзо ги зема формите на трите лика на спектарот: од дрската и симпатична актерка Ванда, во истоимената сурова господарка кај Сахер-Мазох, во ликот на божицата Афродита како идеалот - и сите нивни преклопувања.

Наспроти експресивноста и екстремите на Ванда, ликот на Томас е посуптилен. Веселинов брилијантно се препушта на неговата психологија; секоја негова најмала гестикулација и мимика се знаковито податливи за истражување на бурните внатрешни конфликти на ликот. Ликовите на Томас и Ванда постојат во меѓусебен континуитет, и без фантастичната хемија помеѓу Веселинов и Павлаковиќ тоа би било недофатно.

Јасно е дека одредниците доминантен/субмисивен (но и машко/женско, субјект/објект) никако не се фиксирани дихотомии туку се во постојано лизгање по спектарот, постојано преговарање на позициите и правилата на игра, постојано упаѓање и испаѓање од улогите. Во бројните пресврти во динамиката на моќ, театарската сцена се претвора во локација на еден вид иницијациски обред за Ванда, заокружен со необичната финална сцена.

Ни публиката не е заштитена од игрите. Безбедната, дистанцирана позиција на гледачите е разнишана со прелевањата меѓу фикцијата и реалноста во кои и гледачите се вовлечени. Категоричното владеење на актерите со физичкиот простор и нивната невербална интеракција со публиката - едновременото потврдување и игнорирање на нејзиното присуство - се едни од повозбудливите алатки за креирање на таквата нелагодност.

Додека сите чекаме (жедно, нетрпеливо, с’клетно) пак да се отворат театрите, за одново да се препуштиме на камшиците на театарџиите, веројатно и вака, разговарајќи за делата, можеме да обезбедиме некаков континуитет. А „Венера во крзно“, блескав пример од нашиот современ театар, мами копнежи и во овој необичен, испразнет период. Штом пак се придвижиме, силно ве охрабрувам да ја погледнете барем два пати.