Панда во сонда, то ест дрон

15.05.2020 17:58
Панда во сонда, то ест дрон

 

Си живееле една панда и една анаконда, далеку далеку, во Уганда, на една хациенда.

 

Веднаш до нив, во таа далечна далечна земја, на друга хациенда ‒ ама и таа доста оддалечена ‒ живееле сестрите близначки, Линда и Белинда.

 

Што правеле пандата и анакондата? Седеле на тремот пред својата куќичка и разговарале.

„Имам сон да патувам во сонда, како мојата духовна мајка, Лајка“, ѝ рекла пандата на анакондата.

„Ах, Лајка е легенда, навистина“, рекла анакондата.

„Со чмаење во леген, да, не се влегува во легенда, права си, анакондо“, рекла пандата.

„Не сум баш права туку склопчана.“

„Склопчана анаконда панда во себе закопчала и животот ѝ го окончала.“

„Неее! Како можеш и да помислиш такво нешто, пандо?! Па ние сме иста банда.“

„Но ти не го делиш мојот сон, анакондо?“, прашала пандата.

„Искрено не. Подобро е да те згмечи пегла отколку да те набутаат во тегла; или во леген, да, сеедно“, одговорила анакондата.

„Ама таа тегла е летечка, сонда“, рекла пандата.

„Сонда ко летечка ротонда, да ти се заврти целата глава“, рекла анакондата. „Не е тоа моја агенда.“

 

 

А што правеле, за тоа време, Линда и Белинда?

Славеле роденден. На својата огромна хациенда, далеку далеку од погледите на љубопитните, под една голема тенда, Линда и Белинда ги собрале своите братучетки Аманда, Миранда, Јоланда и Росанда, кои живееле во не баш блискиот град.

„Тендава е ко ротонда, толку кружна и голема и раскошна, да ти се заврти целата глава“, рекла Аманда.

„Аман, да!“, рекла Линда.

„Молам?“, рекла Аманда.

„Извини, Аманда, ѝ зборам на Белинда“, рекла Линда.

„Аман бе Линда“, се уфрлила во тој момент и Миранда.

„Молам?“, рекла Белинда.

„Не ти зборам тебе, Белинда, туку на Линда“, рекла Миранда.

 

А што правеле за тоа време пандата и анакондата?

„Иста банда сме?!“, реторички прашала пандата.

„Се разбира“, рекла анакондата. „Не можам да ѝ бидам контрабанда на една панда.“

„Ако ми станеш контрабанда ќе добиеш прекоманда, анакондо“, рекла пандата.

„Добро, не ми се заканувај. Но една анаконда не може да дели сон да биде набутана во сонда, па макар и летечка.“

„Епа тоа си е мојата чивија, од мала: да летам во летечка чинија“, рекла пандата.

 

 

За тоа време Линда и Белинда го отворале роденденскиот подарок од своите братучетки, Аманда, Миранда, Јоланда и Росанда.

„Леле, дрон!“, се израдувала Линда.

„Да, да, четирите собравме пари и ви ја купивме оваа корисна летечка машина, не баш од најмалите, за нашите најмили близначки“, рекла Аманда.

„Да можете да ја надгледувате хациендата“, рекла Јоланда.

„Дронот можете да го праќате да ви пазари, во не баш блиската самопослуга или аптека“, рекла Миранда.

„Можете и да сликате, животни, на пример, со дронот, и да ни ги испраќате фотките“, рекла Росанда.

„Ајде сега да го летаме“, рекла Белинда. И навистина, дронот набрзо полетал, ене го, барем триесет метри над куќата на Линда и Белинда.

 

Се разбира, панда и анаконда, од својата хациенда, не толку блиска (ама и не толку далечна, оти сепак соседна) го виделе не баш малиот дрон, и не баш безвучен.

„Ене ти летечка чинија“, рекла анакондата.

„Чинија во надолна линија, чинам...“, рекла пандата.

И, глеј, дронот набрзо се спуштил! Речиси до местото кајшто си седеле и муабетеле двете животни!

 

 

„Што направивме, Белинда?!“, прашала Линда, збунето гледајќи го џојстикот.

„Мислам дека го слетавме дронот во соседниот двор, кај нашите комшии“, рекла Белинда.“

„Еве ви го упатството за управување со дронот“, рекла Росанда.

 

„Е па, пандо, еве ти шанса! Од небо падната! Качи се на дронот!“, рекла анакондата.

Пандата, се разбира, не била баш решителна; иако дронот изгледал интересно, со разни шарени светленца и вентилатори, прашање е дали ќе може да издржи една панда.

„Ајде, пандо! Ако си предебела, дронот нема да полета, и пак сме си раат.“

И тогаш пандата решила: анаконда страв мене нестрав – и се качила на дронот! И полетала! Во тивката квечерина, со безбројните светленца на сите страни, со тивкото бруење на дронот, со ветренце во ушите, пандата сосема се опуштила и уживала.

 

 

За тоа време Линда и Белинда го проучиле упатството и ги притиснале копчињата за враќање на летечката машина. И стварно, набрзо, ете го дронот во воздух, одново, на барем триесет метри од крововите на куќите. Но...

„Нешто има врз дронот!“, извикала Јоланда.

„Ако падне врз кровот ќе ни го смачка домот!“, извикала Линда.

„Вонземјанин!“, извикала и Миринда.

„Не се тревожете“, сталожено им рекла пандата на шестте жени, откако дронот се спуштил. „Примете ме ко комшиска чинија. Или панда со панделка.“

На овие зборови жените се разведриле и виделе дека со дронот допатувала сосетката панда, а не вонземјанин.

„Нашите енергии се соединија околу оваа летечка чинија, пандо“, рекла Линда и ја поканила пандата да седне крај блиската свечена синија, веднаш крај дрвото пинија, окитено со роденденски светулчиња.

„Баш ви е убав дронот, пардон дворот, со сите тие пинии и глицинии...“, рекла пандата.

„Еве и чинија за вас, пандо, знаете, славиме роденден“, рекла Белинда.

„Линда и Белинда храната овојпат доста ја зачинија“, рекла Јоланда.

„Братучетките обвинија и сочинија протестно писмо, за зачинетата храна“, иронично рекла Линда.

„И се извинија, за искреноста“, рекла Миринда.

Откако пријатно си поразговарале, откако пандата и ним им признала дека отсекогаш ѝ било сон да патува во сонда, ушушкана и згрижена, а сепак храбра и не баш незагрижена – дошло време да се оди дома.

„Добро, дронот не е сонда, пандо, но дали би сакале да ве вратиме дома по летечки пат?“, прашала Линда.

„Ох!“, рекла пандата. „Тоа би било величествено!“

„Еве, во чинија ќе ви ставиме и малку храна за вашата друшка анаконда…“, рекла Белинда.

„Не многу, ве молам, за да не ми се сруши летечката чинија“, шеретски рекла пандата.

 

 

И еве ги, набрзо, одново во дворот си седат панда и анаконда, и разговараат за неверојатното искуство низ кое штотуку поминала пандата.

„Воопшто не е пропаганда“, рекла пандата. „Горе е волшебно, иако не бев многу високо, вистина… Ги видов нашите хациенди, не баш блиското село, дури и далечниот град!“

 

А што правеле, за тоа време, Линда, Белинда, Аманда, Миранда, Јоланда и Росанда?

Пиеле коњак, кокта, оранжада и миринда, и пушеле цигари вирџинија! Кои, како скромна благодарница, анакондата им ги испратила во истата чинија. По летечката чинија, т.е. дронот.

 

Слики: Генадиј Калиновски (Геннадий Калиновский) - Мери Попинс, 1978 г. (според приказната на П. Л. Траверс)

ОкоБоли главаВицФото