Медиум на друм (78): Кога телото станува медиум

16.05.2020 17:02
Медиум на друм (78): Кога телото станува медиум

Местото каде што точно се ситуираат точките на пресек меѓу пластичната експресија, активизмот и искуството на заедништво:

„Театарските декоратери мораат да го постигнат следново: на едно стварно животно место да се поверува во театарот. Оти театарот нè учи себе да се посматраме од одреден агол; наспроти различните процеси нè учи да стекнеме критичен став и способност, во однос на смислата на тие процеси, брзо да ги ситуираме општествените групи кои уште немаат јасни контури.“ ( Bertolt Brecht, “L’architecture de scene”, стр. 771)

(...)

Перформативната димензија на настаните останува одлучувачка. Поделбата на активностите, предимството на дијалогот и расправата и самоорганизацијата го актуелизираат ветувањето на некоја заедница, сега и овде, која се темели врз интензитетот на спрега, врз духот на заедништво, врз чувството за споделување и размена, врз креативноста на јавно место. „Комуната се формира секојпат кога некој, излегувајќи од сопствената кошула, престанува да смета само на самиот себе и ги одмерува своите сили со реалноста“, можеме да прочитаме во манифестот „Надоаѓачката побуна“ (Comité Invisible, L’Insurrection qui vient, Pariz, La fabrique, 2007, стр. 90).

„Комуната, тоа е она што се случува кога битијата ќе се соберат, разберат и решат заедно да тргнат на пат. Комуната е можеби одлуката која ја носиме во моментот кога имаме намера да се разделиме. Таа е радост на средбата која преживува токму во нејзиното гасење. Таа е онаа која ни овозможува да кажеме ’ние’, и која тоа го прави настан.“

Во таа смисла, окупациското движење, како она во Гези паркот во Истанбул, споделува едно од ветувањата на филмот: создавање ефемерна заедница, која е обединета со времето на една претстава. „Ние“, како што знаеме, е наслов на манифестот на Киноксите објавен 1922 и инспириран од футуризмот ( Dziga Vertov, “Nous”, u Articles, projets, превод Sylviane Mossé i Andrée Robel, Pariz, UGE, стр. 89). Во таа смисла зборот филм ја задржува својата учинковитост привикувајќи го длабинскиот однос помеѓу медиумот и формацијата на некое „ние“ или некоја заедница.

Иако понекогаш прибегнува кон говор и расправа, и развива облици на директна демократија мобилизирајќи ги телата во јавен простор, окупациското движење исто така е склоно и кон употреба на друштвените мрежи, информацискиот релеј, дигиталната поврзаност. Тоа не се обидува да ја вреднува присутноста од онаа страна на посредувањето, во виталистичка смисла, туку, наспроти тоа, ја претпоставува артикулацијата помеѓу присутноста и виртуалноста, импровизацијата и техниката.

Инкорпорирајќи ја техниката, самото тело станува емитер, проектор, екран односно микрофон. Се сеќаваме дека на Occupy Wall Street демонстрантите механички ги повторуваа зборовите на говорникот, сегмент по сегмент, од едно место до друго, како во игра на стомакозборство, така што човекот станува микрофон, во обид да ја компензираат забраната за користење мегафон. Телото и самото стана перформативен инструмент.

Џудит Батлер неодамна инсистираше на телесната изложеност како карактеристика на некои политички собири, која создава сцена, на која нешто, стварно или виртуелно, може да се појави. Тука не станува збор за афирмација на присутноста на некој прекарен живот во веќе конституираниот јавен простор, вели таа, туку за производство на некој нов јавен простор со перформативен чин. Во таа смисла, настанот е неодвоив од неговото посредување.

„Уличните сцени добиваат политичка снага дури тогаш ако и со нас во живо комуницираат, визуелно или акустички, а медиумите не се тука само за да известат за сцената или просторот, тие се нејзин конститутивен дел: дури можеме да речеме дека медиумите се сцена или простор, во нивните проширени и репродуктибилни визуелни или акустични димензии.“ (Judith Butler, Notes Toward a Performative Theory of Assembly)

Истанбул, 10.06.13.

 

Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Ристо Аврамовски
Извор: Érik Bullot: Film i njegov dvojnik, Multimedijalni institut, 2018.


Медиум на друм (77): Хана Арент - Тоталитарната пропаганда

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото