Знаете ли воопшто кој век сме, вие, ограничени, задрти бедници и лицемери?

16.05.2020 18:12
Знаете ли воопшто кој век сме, вие, ограничени, задрти бедници и лицемери?

Здраво „Уставен суде“,

Ако воопшто можете да се наречете со тоа име. Се гадам од себе си, и од тоа што живеам во Македонија, и што сум сведок на време во кое закон за заштита од дискриминација, во заштита на човековите и уставните права на СИТЕ свои граѓани, може да биде поништен од група сервилни и конзервативни сподоби, облечени во одори на „уставното право“, кои својата одлука ја образложија со пропусти при изгласување на законот. И дали е воопшто важно кој се е одговорен за овој „пропуст“?

Во дисфункционални држави, дистрибуцијата на одговорности во заштита на правото не постои. ММЕ кој прв почна, е само уште едно разводнување на темата, и замајување на јавноста. И обид никој да не ја преземе одговорноста. Затоа е важно посочувањето на една адреса, и затоа го пишувам ова, обраќајки ви се вам, „одважни“ уставни судии.

Знаете ли воопшто кој век сме, вие, ограничени, задрти бедници и лицемери? Сте чуле ли за Универзалната декларација за човекови права од далечната 1948-а, или за Европската конвенцијата од 1950-тата? Пред цели 70 години е тоа, ало? Преведена на повеќе од 500 јазици. Знаете ли зошто се донесени тие документи, токму тогаш, во поствоени услови на тотално разрушени светови, по втората светска војна? За НИКОГАШ повеќе да не се повтори, такво масовно непочитување и деградирање на човекот, било каде и од било кого? Знаете ли на кое високо место (член 1 и 2) стои правото на недискриминација во тие документи? Стои пред правото на живот и лишување од слобода.

Знаете ли дека вашата одлука, во 2020 година, седумдесет години потоа, не се мери само според тоа колку е уставна процедурата, што ја прекрши со непотпишување/ неодобрување/ една марионетска фигура од наш бивш претседател, туку дека е од рангот на срамно проблематизирање на универзалните човекови права, оние, што НИКОЈ веќе нема мандат да ги доведува во прашање, во никаков контекст, со никаков закон, никаде во светот? Во цивилизираниот свет. Знаете ли дека за тоа и НЕ ТРЕБА ЗАКОН, а вие го отфрливте заради уставно прекршена процедура, заради претходно прекршено уставно право, заради претходно (не)утврдено лудило.

Има ли уште некој што не знае дека човековите права се вродени права? Само треба да се родиш и ги имаш. Не се стекнуваат, не се делегираат и само во исклучителни ситуации смеат, да се ограничат. И само некои од нив. НИКОГАШ тоа не се однесува и на правото на еднаквост и недискриминација?

Само ние во оваа одвај одржлива Македонија, трошиме месеци и години од најпродуктивното време на образовани, храбри и ретки поединци, за вие, што незаслужено ги заземате највисоките и најзначајните позиции на одлучување да си играте курташак, да повредувате и да одземате можности за заштита на ПРАВА, во име на заштита на уставноста? Каква мизерија, каква иронија.

Со оваа одлука, Вие го поништивте правото на заштита од дискриминација, и тоа во услови на криза, во која нееднаквостите се изоструваат до неподносливост. Или помисливте дека токму кризата е најдобриот момент за оваа одлука? Да седнете како тетки на кафе муабет, и да донесете „уставна одлука“ за заштита на традиционалните вредности и спас на семејството, наместо за заштита на човекот, член на истото тоа семејство? Колку празно, банално и срамно неуко.

Зошто вие на 14.05 не отфрливте непрописно донесен закон. Вие ги исклучивте од рамноправен третман и пристап до сите ресурси на заедницата и државата, најранливите, најмалку моќните, најмалку снаодливите, најсиромашните, оние што имаат потреба од зајакнување и поддршка десетпати посилна и подобро организирана, од сите останати. Нив ги отфрливте. Ромите, ЛГБТИ младите, посебните, маргинализираните, и по сите други основи, РАЗЛИЧНИТЕ. Тие ви пречеа. Не се тие ни многу, ниту можат да ја пореметат вашата идилична и искривена слика на семејните вредности. Сепак решивте дека треба да ги фрлите на буниште.

Ги охрабривте насилниците да бидат уште понасилни. Им дадовте алатка и признание, и терен за работа, почнувјаќи од вашите „идеални“ домови, преку училиштата до улиците. Ги охрабривте да го земат „расчистувањето и редот“ во свои раце, и да ги дозавршат валканите работи, за вас.

Глупави сте, површни и тажни, зашто не разбирате дека насилствата немаат граници, и дека еднаш востановените насилни и несанкционирани обрасци на однесување, непречено се шират, секогаш кон послабите, од различните и маргинализираните, до сите останати и помалку силни, кон жените, и децата. Не разбирате дека сте и вие во тој кош, како и сите ние. Но вие сте и креаторите...

Не го знаевте тоа, ограничени уставни судии? Или, мислевте ако уште малку го оддложите процесот на еманципација и развој на заедницата, во името на вашите кусогледи, малограѓански сфаќања, дека ќе дишете послободно, или ќе им се допаднете на политичарите, кои секогаш подобро живееле и се снаоѓале во жабокречина и услови на хаос, одошто на свеж воздух и слобода.

Но, вашите надежи се јалови, се разбира, не затоа што ќе победи правдата, туку едноставно затоа што ве прегазува времето. Вие сте последните примероци на лажни бранители на правото, и сте во изумирање, барем на позициите што ги узурпирате сега и овде. Значи, НЕМА ДА ВИ УСПЕЕ, кои и да сте, зад кого и да се криете, и со кого и да сте поврзани, во оваа срамна одлука.

 Слики и скулптури: Jade Yumang

ОкоБоли главаВицФото