Што ја одредува висината на платата?

18.05.2020 02:03
Што ја одредува висината на платата?

Кон крајот на март беше објавена анализата на Еуростат за факторите кои влијаат на висината на платите во земјите членки на ЕУ. Анализата се темели на податоци од последната анкета за структурата на платите од 2014 година која содржи информации од вкупно 240 000 претпријатија и 11 милиони работници во 17 членки на ЕУ. Анализата дава увид во разликите на пазарот на трудот на одредени земји членки, односно во начинот на кој одредени фактори влијаат на платата на работникот: од една страна индивидуалните карактеристики како нивото на образование, полот и возраста, но и фактори како видот на договор за работа, големината на претпријатието и економскиот сектор, од друга. Истражувачите користеле податоци за бруто платите на вработените кои работат во претпријатија со најмалку десет вработени, а ги обработиле со регресиски анализи кои се објаснети во публикацијата. Опфатени се работници од сите сектори, со исклучок на секторот на јавната управа и одбраната и задолжителното социјално осигурување.

Дел од резултатите е очекуван, како оној дека платите растат со зголемувањето на работното искуство, односно со возраста. Тој раст не е линеарен, туку забавува после одредена возраст/работно искуство, па може да се каже дека платите во одреден момент доаѓаат до точка после која стагнираат. Очекувано, тој однос е поинаков за жените отколку за мажите: во повеќето земји растот на платите е побавен за жените во однос на мажите, затоа што голем број жени не работат или работат со скратено работно време затоа што се грижат за децата, што негативно влијае на нивното работно искуство и шансите за напредување и зголемување на платата. Од таа причина платите на жените по правило го достигнуваат својот врв подоцна отколку што е случај кај мажите. Интересно е дека Хрватска е трета во ЕУ, после Словачка и Естонија, според силината на комбинираното влијание на полот и возраста врз растот на платите.

Повисокото образовно ниво, исто така очекувано, позитивно влијае на нивото на платите во сите држави. Тоа влијание е најизразено во Унгарија, Словачка и Хрватска. Тоа значи дека лицата без високо образование имаат значително пониски плати од оние со повисоко образование во овие три држави, додека таа разлика постои и во останатите земји, но не е толку изразена. Во поглед на видот на договорот за работа, платите се пониски за оние што работат со договор на определено време, во споредба со вработените со договор на неопределено време. Тој ефект особено е интензивен во Полска, Луксемубрг и Хрватска. Овој ефект не е присутен секаде, како што е случај со возраста и образованието: во некои држави видот на договорот нема значително влијание на висината на платата (Бугарија, Белгија, Естонија, Грција, Латвија, Малта и Шведска). Работата со скратено работно време исто така има негативно влијание на висината на платата, со исклучок на Данска и Луксембург.

Големината на претпријатијата позитивно влијае на висината на платите: по правило, колку претпријатието е помало, толку се помали и платите, а тоа најмногу е изразено во Романија, Бугарија, Германија, Ирска, Кипар, Чешка и Словачка. Во поглед на секторите, оние со највисоки плати се: рударството, дистрибуцијата на електрична енергија, гас, пареа и климатизацијата, информациите и комуникациите и финансиските дејности и осигурителните дејности. Од друга страна, сектори со најниски плати се дејностите за нудење сместување и подготовка и послужување храна, административните и услужните дејности, образованието, дејностите на здравствената заштита и социјалната заштита и уметноста, забавата и рекреацијата. На овие податоци можеме да им ги додадеме и оние за родовата структура на наведените сектори од 2013 година (во Хрватска) и да согледаме дека пописот на секторите со ниски плати во голема мера се совпаѓа со пописот на секторите во кои огромно мнозинство вработени се жени.

Интересно е што во речиси сите поглавја од извештајот Хрватска се истакнува како една од земјите со најмногу изразен учинок на одредени фактори врз платите (видовите договори за работа, полот, образованието, работното искуство). Овие податоци ѝ одат во прилог на тезата дека хрватскиот пазар е сегментиран, односно дека постои изразена нееднаквост помеѓу две групи работници: оние со високо ниво на образование и договор за работа на неопределено време и сите останати.

Слики: Warren Dykeman

Извор: https://www.bilten.org