Невидливо собрание во библиската земја

18.05.2020 15:08
Невидливо собрание во библиската земја

Данинг-Кругеровиот ефект е поим што во современата психолошка наука се употребува за посебен вид когнитивна фалинка кај луѓето, која најчесто се манифестира како преголема самодоверба што се темели на незнаење и неспособност да се самопроцени сопствената неспособност. Денешната психолошка наука веродостојно утврди дека овој психолошки ефект опстојува кај значителен дел од човештвото и веќе цели милениуми создава глупости, несреќи и трагедии, а понекогаш, за среќа, и комични ситуации. Негова основна карактеристика е состојба на свеста што е самозаробена во затворен круг на глупоста што не може да се самокоригира, зашто ѝ недостасува знаење и самосвест за да ја согледа сопствената глупост.

Сѐ почнало пред 25 години, во Питсбург, кога среде бел ден еден крупен и возрасен човек упаднал и ограбил две банки. Човекот не носел ниту маска ниту шапка ниту, пак, каква било опрема за прикривање на идентитетот, а откога ги собрал парите од шалтерите, на излегување од банките широко им се смеел на сигурносните камери. Кога подоцна истиот ден полицијата го уапсила крадецот, тој одрекувал секаква вмешаност во грабежите, сѐ до моментот кога полицајците му ги покажале снимките од сигурносните камери. Соочен со сопствената супериорна насмевка на снимката, на Вилер Мекартур – така се викал уапсениот ограбувач – му се пробесила устата од изненадување: „Ова не е можно, па целиот бев намачкан со сок!?“, промрморел тој неколкупати во неверица и шок. Малку подоцна, кога објаснил за што станува збор, запрепастеноста бргу се проширила низ целиот свет.

Лимоновиот сок на Вилер

Испадна дека Вилер пред грабежот внимателно го намачкал лицето со лимонов сок, убеден во волшебните својства на сокот, за кој слушнал дека во романтични времиња се користел како невидливо мастило со кое се пишувале тајни пораки помеѓу редовите на писмото, а потоа на топлина на свеќа се појавувал текстот. Вилер бил првиот ограбувач на светот кој сфатил – и ни секунда не се посомневал во тоа! – дека ако се намачка со него и внимателно ги одбегнува топлинските извори, лимоновиот сок ќе го направи и него невидлив за сигурносните камери! Полицијата направила внимателна проценка на генијалниот ограбувач на банки, при што било утврдено не само дека Вилер не бил нафилуван со халуциногена или некоја друга дрога, туку дека бил и со сосем нормални интелектуални способности. Човекот само бил во заблуда при толкувањето на информациите за лимоновиот сок и неговите „чудотворни“ својства и, се разбира, упаднал во јамката на сопствената неспособност да го согледа своето незнаење и некомпетентност.

Оваа неверојатна приказна му упаднала во очи на психологот Дејвид Данинг од универзитетот Корнел, кој заедно со својот ученик Кругер смислил цела серија експерименти кои покажале дека најнекомпетентните луѓе во секоја група имаат по правило највисоко – и најпогрешно – мислење за сопствените способности, појава што научниците ја нарекоа „лажна самодоверба“, а подоцна стана ширум позната како Данинг-Кругеров ефект. Оваа фалинка на интелектот, когнитивна слабост што автоматски се претвора во Замка 22, во којашто знае да упадне во текот на животот речиси секој човек, одреден број особено „талентирани“ луѓе ја имаат како трајно и секогаш присутно својство на карактерот. На веќе не толку големо изненадување на научниците, една од највисоките концентрации на „талентираните“ во светот, изразена како процент од вкупното население, се наоѓа – каде? Па, се подразбира каде, вие сигурно веќе и самите знаете почитувани читатели: во библиската земја на паганските антички Македонци, а каде на друго место?!?

Грешки што ги исправаме со грешки

Нашата политичка сцена е пребогата со примери за постапки и состојби на поединечен и колективен Данинг-Кругеров ефект, а неодамнешната децениска културно-историска вмровска катастрофа и последователното тетеравење на носителите на нашата државност и делегираниот суверенитет се безмалку чисти лабораториски докази за моќта и последиците на актите на невтемелена самодоверба што везден нѐ втурнуваат во грешки што се обидуваме да ги исправиме со други грешки. Примери во последната една и пол деценија има бескрајно многу, но да тргнеме од пред шест месеци.

Распишувањето на предвремени избори есеноска, според законското решение за таканаречена „пржинска влада“, беше уште тогаш грандиозна грешка, зашто таа – пржинската влада – беше првично измислена и под притисок усвоена како решение за еднократна употреба. Решение кое целеше да ја неутрализира диктатурата на Груевски барем три месеци пред изборите, со цел да ги оневозможи дотогашните тешки злоупотреби на државата и фалсификување на изборите од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Со воведувањето на „пржинската влада“ како трајно решение, не само што на глупав начин се оштетува демократијата, туку се релативизира и се нормализира претходната диктатура и сите сторени злочини во текот на деценијата, а згора и трајно се валка секоја идна демократија, зашто излегува дека кај нас криминалните влади се стандард, па организирањето на фер избори и не е можно без таа перверзна пржинска патерица.

И, како што тоа бива, грешката со „пржинската влада“ успеавме да ја зголемиме и закомплицираме со неразумното толкување на распуштањето на Собранието како дефинитивно и иреверзибилно. Потполно неуставното толкување на чинот на распуштањето како „враќање на мандатот“ (што, инаку, не постои како уставна категорија) – а не како паузирање на заседанието заради организирање на избори – се претвори, потпомогнато од пандемијата, во исчезнување на Собранието од библиската земја. Конечно, по низата на изнудени грешки, сега се обидуваме да го „спасиме“ владеењето на правото со уште една грешка – со вештачкото продолжување на вонредната состојба, само за да може да се одржи привидот на законитост на надреалниот политички и уставно-правен вакуум во кој самите со ведра самодоверба се втурнавме!?

И, во такви перверзни политички и вонуставни околности, Владата и општеството успеаја да се справат со најдевастирачката пандемија на векот на повеќе од задоволувачко ниво, како што веќе реков, споредено со која било земја на светот! Да не е науката јалнаш во врска со Данинг-Кругеровиот ефект во библиската земја? Можеби невтемелената самодоверба е основниот услов за сите големи достигнувања на човештвото? Можеби македонското Собрание се намачкало со лимонов сок? М?

Цртежи: David Álvarez
Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото