Конфузија околу разузнавачки извештај за короната

19.05.2020 10:21
Конфузија околу разузнавачки извешај за короната

Извор: Дојче веле

Информациите за „тајниот документ“ од 15 страници сѐ повеќе стануваат противречни: првите вести во Германија зборуваа за заеднички разузнавачки извештај на таканаречените земји од групата „Пет очи“– САД, Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд, во кој Кина се обвинува дека ја спречила и одложила глобалната војна против коронавирусот. Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот министер за надворешни работи Мајк Помпео, кој е и поранешен шеф на ЦИА, дури зборуваа и за „силни докази“ за тоа дека вирусот потекнува од лабораторија во Вухан.

Од друга страна, германската разузнавачка служба БНД ги информираше членовите на Бундестагот дека таков разузнавачки документ не постои, но истовремено и дека Кина свесно ја одложила борбата против короната. Што е факт, а што шпекулација? Се работи ли за погрешни информации, или уште полошо - дали намерно се шират дезинформации?

Најважното – што мора постојано да се потенцира – е дека прво не постојат докази оти Сарс-КоВ-2 е вештачки произведен вирус! Ова е позиција скоро на сите влади и нивните тајни служби. Националниот координатор на разузнавачките служби во САД и амбасадор во Германија, Ричард Гренел, дури издаде и официјално соопштение за печат. Постои мал сомнеж – според австралиската влада 5% - дали вирусот ненамерно, односно во несреќен случај „избегал“ од лабораторијата во Вухан. Сепак, огромното мнозинство научници и влади сметаат дека вирусот е пренесен од лилјаци на луѓе.

Што има во австралискиот „разузнавачки извештај“?

Како што известуваше ДВ, разузнавачкиот извештај кој се појави во Австралија, пред сѐ ги опишува децениските истражувања на д-р Ши Женгли, директорка на Центарот за појава на заразни болести на Институтот за вирологија во Вухан. Од почетокот на овој милениум Ши со партнери од Австралија и САД ги истражува коронавирусите кај лилјаци. Веќе од 2015 година научниците предупредуваат од смртоносни коронавируси, кои е можно да се пренесат и на луѓе и за кои нема лек. Додуша во извештајот се наведени како „ризични истражувања“ (притоа дискутабилно е дали воопшто може да има истражувања без ризици на смртоносни вируси), но нема конкретни докази или индикации за вештачко потекло на вирусот, ниту за ненамерно „пуштање“ од лабораторија.

Но, во извештајот има јасни обвинувања на сметка на кинеската политика на информирање за преносот на вирусот од човек на човек, исчезнување на лекарите кои предупредуваа од коронавирусот и цензурата на интернет. Во извештајот, од она што го пренесе австралискиот „Сатрдеј телеграф“, нема изјави дека светот загубил најмалку еден месец во борбата против коронавирусот.

Тестови за коронавирус во лабораторија во Вухан

Истражувачки труд од непознато потекло наместо „разузнавачки извештај“

Овие обвинувања беа исто така новинарска интерпретација, како и тврдењата дека се работи за разузнавачки извештај на тајните служби на „петорката“. Во написот на „Сатрдеј телеграф“ ова не се споменува со ниту еден збор. Наместо тоа, авторот на текстот, Шери Марксон го нарекува извештајот „истражувачки труд“ кој е направен за западните влади. Според Марксон, англосаксонската разузнавачка алијанса само ги анализирала вестите. И двете работи се точни.

Дури преку медиумски извештаи – и во Германија – извештајот стана разузнавачки документ. Поради новинарски грешки и погрешно толкување на западните медиуми „истражувачкиот труд“ стана разузнавачки извештај на „петорката“. И ДВ пред десетина дена сметаше дека австралиската тајна служба АСИС е автор на извештајот – што очигледно било грешка.

Од друга страна, познат беше фактот дека целиот извештај се заснова на јавно достапни извори, не содржи разузнавачки информации поради што не е класифициран како таен. По објавувањето на написот во Австралија се јавија британски владини претставници со тврдење дека не знаат за постоење на ваков разузнавачки извештај. И германската разузнавачка служба БНД ги добила истите информации од своите партнери, како што ги извести пратениците во германскиот Бундестаг. Според БНД, можно е да станува збор за грешка или за намерно дезинформирање.

Погрешна информација, дезинформација или поделби?

До тука ништо не е јасно. Ако била намерно пласирана погрешна информација, се поставува прашањето: кој споделил погрешни информации и зошто? Но, авторот на документот и натаму е непознат. Нејасно е и дали австралискиот „Сатрдеј телеграф“ навистина го познава авторот, односно изворот на документот, или го добиле анонимно. Долга традиција имаат операции за дезинформирање при кои вистинити, полувистинити и погрешни информации се на манипулативен начин измешани и анонимно пласирани во медиумите. Пред сѐ советските тајни служби, но и американските, го користеле тоа средство за да имаат влијание во странство. Но, не се најдени цврсти докази дека во случајот со австралискиот документ се работи за таква операција на тајните служби.

И прашањето каква е ползата од таква операција има само еден одговор: од страна на американскиот претседател Доналд Трамп и министерот за надворешни работи Мајк Помпео најавената линија дека вирусот потекнува од лабораторија. Но, тогаш останува прашањето: Зошто документот се појави во Австралија, а не во САД? И покрај вестите, ниту владите од светот ниту тајните служби или медиумите се приклучија на позицијата на Трамп.

Научниците сметаат дека вирусот е пренесен врз луѓето од лилјаците

Прислушуван разговор на СЗО и кинеската информативна политика

Различна е оценката на информативната политика на Кина за ширење на вирусот. Тука расте притисокот врз Кина, но не само откако се појави „истражувачкиот документ“. Очигледно е дека на истата седница на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот, на која германската тајна служба ги информираше пратениците за своите сознанија за документот, вториот човек на службата, Вернер Шчесни, открил и тоа дека имаат информации за таен разговор помеѓу претседателот на Кина, Ши Џинпинг и генералниот секретар на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус од 21 јануари 2020. Во него Ши наводно ја притискал СЗО да одложи предупредување од пандемија. Очигледно германските агенти или некои нивни партнерски служби прислушувале, но СЗО сепак оспорува дека имало таков разговор. Вреди да се забележи и дека содржината на таквите информации на тајните служби, очигледно преку учесници на седницата кои се обврзани да ги чуваат во тајност, сепак биле пласирани во јавноста. БНД проценил и дека преку рестриктивната политика на информирање на Кина и притисокот врз СЗО биле изгубени 4 до 6 недели во борбата против вирусот.

Политиката на информирање на еден комунистички еднопартиски режим, како Кина, секогаш треба да се прима со резерва, како што покажа меѓу другото и примерот со катастрофата во Чернобил во поранешниот Советски сојуз во 1986. Истовремено, во изминатите недели имаше и информации од Франција дека таму можеби уште на крајот на минатата година имало први случаи на заразени со коронавирус.

Во секој случај на место се задршките во однос на придавањето преголемо значење на предупредувањето на СЗО од јануари и можното добивање време. Од изработката на „Анализа на ризиците за заштита на населението” во 2012 од страна на германската влада, во која како кризна вежба има и сценарио за вирусна пандемија, јасно е дека Германија за таков случај е само недоволно подготвена. И згора на тоа - и на крајот на јануари ниту една од владите во Европа, или пак САД, не презедоа сериозни мерки. Дали друга политика на информирање на Кина ќе направеше голема разлика воопшто не е сигурно. Но, информативната војна околу Ковид-19 е во полн ек.