Нефилтрирани филмски мисли во време на пандемија (1)

19.05.2020 13:10
Нефилтрирани филмски мисли во време на пандемија (1)

„Soylent Green“ или луѓе на скали

Три класични дистописки научнофантастични филмови од седумдесеттите години – „Soylent Green“ (1973), „The Omega Man“ (Омега човекот, 1971) и „Logan’s Run“ (Бегството на Логан, 1976) – нудат корисни метафори за разбирање на некои од аспектите на сегашниот момент. Настанати во време кога постапокалиптичниот жанр бил на врвот, а светскиот капитализам го започнувал преминот во сега веќе сеприсутната неолиберална (постиндустриска, спекулативна и злонамерно антисоцијална) фаза, овие остварувања, како некакви „филмски модели“ (да се послужиме со аналогијата на, денес во време на кризата предизвикана од коронавирусот, често спомнуваните научни „предикциони модели“) – поттикнуваат на размислување за општествено – економската, идеолошката и политичка позадина на пандемиската култура на дистанцирање и изолација.

Овој текст нема да се придржува до правилата на соодветно дистанцирање. Наместо да ги почитува вообичаените дистинкции и јасно поставените линии на разграничување, во него, слободно, без филтрирање ќе се преплетуваат филмската фикција и актуелната стварност. Коронавирусот, на (не)одредено време успеа да го запре целиот свет. Во тој „интеррегнум“, да се послужиме со познатата констатација на Антонио Грамши, се појавува изобилство на необични, нечисти (понекогаш контрадикторни) и морбидни симптоми...(1)

„Soylent Green“ на режисерот Ричард Флејшер (Richard Fleischer), се случува во Њујорк, во 2022 година, по економската и еколошката катастрофа. Пред пет децении, кога настанал, овој филм бил пример на футуристичка научна фантастика. Денес, помалку од две години од моментот кога се одвива неговото дејствие, тој повеќе личи на образовен филм, работен во манир на хиперболичниот реализам.

Филмот го опишува пренаселеното општество кое страда од најтешките последици на неконтролираната алчност и долготрајното занемарување на животната средина. Воведната шпица – синоптичка монтажа на документаристички фотографии (во боја и црно-бели) – ефектно ја поставува темата на разулавената индустрализација во текот на 20-от век, која довела до драстично исцрпување на ресурсите, голем недостаток на храна и вода, екстремна сиромаштија и непоправливо загадување (ефект на стаклена градина). Филмот особено ја истакнува неограничената доминација на корпорациите и непремостливиот класен јаз кој ги раздвојува еден процент на екстремно богатите од остатокот од поулацијата (99 отсто) столчен од сиромаштија.

Во дистопијата која ја прикажува „Soylent Green“ на никого не му е лесно (2). Но, исто како како и коронавирусот, општествено – еколошката катаклизма со којашто се занимава филмот, не е ниту „големиот израмнувач“ (3). Патријахалниот бел маскулинитет е хегемонистички. Сексизмот нема апсолутно никакви огради (4).

Најмалку страдаат малите групи богаташи (бизнисмените, и се разбира, естрадните ѕвезди), кои живеат на изолирани имоти и во висококатници, далеку од валканите и опасни улици. Тие се потпираат на комбинираната поддршка која им ја пружаат апаратите за приватните услуги, забава и контрола на населението – личните асистенти, консијерж – лекарите и пожарникарите, конкубините (за кои се зборува како за „мебел“) и полицијата (5). На луѓето кои работат за богаташите и за системот (она што останало од него) им е многу потешко, но тие се сепак задоволни зашто барем им е овозможена прилика да преживеат. Конечно, тука е и главно недиференцираната толпа на обесправените, која претставува најголем дел од населението, луѓе кои се отпишани и оставени да ја чекаат смртта на пренатрупаните улици (6).

Оваа ситуација, визуелно е впечатливо вообличена благодарение на бизарниот мизансцен на филмот. Влегувајќи во зградата во која живее детективот Френ Торн (го глуми Чарлтон Хестон), буквално мора да се прескокнува преку летаргични, безволни луѓе – купови тела кои ги прекриваат ходниците и скалите до самиот влез во неговиот стан! Тука е и вооружениот стражар, кој го чува станот на Торн како да е нешто свето. Приватноста на домот (макар и сосема скромниот, каков што е оној на Торн) е можност за излолирање од остатокот на светот, повлекување во засолниште или самоизолација, доколку се укаже прилика – овде е јасно прикажана како огромната класна и расна привилегија. Дури и кога е нужен, од причини како што е заштитата на здравјето во пандемијата на Ковид-19, карантинот е луксуз кој не е достапен за сите (7). Во светот кој одбива да уважи кој било вид на алтернатива на логиката на приватна сопственост - многу, исклучително многу луѓе се лишени од основното право на безбедно престојувалиште. Тој срамен недостаток на интерес за приоритетно решавање на станбеното прашање за сите, мора да се препознае како елементарен, структурен недостаток на капиталистичката демократија: недостаток, кој, уште повеќе, директно и причински – последично е поврзан со поширока мрежа на проблеми со кои се одликува денешната дисфункционална ( и на некои места непостоечка, што на некои места, повеќе од јасно го покажа оваа пандемија) неолиберална институција на јавното здравство (8).

И додека огромно мнозинство на населението во светот во втората деценија на 21-от век, страшно страда, големите корпорации како што се „Soylent Industries“ или „Амазон“ продолжуваат да трупаат богатство наспроти пандемиите, еколошките катаклизми и колапсот на сите општествени институции, освен оние најрепресивните. Амазон, на пример, неконтролирано го зголемува профитот со испораки на стоката на купувачите кои (заради разни уредби за спроведување на карантин или полициски час) се привремено затворени во своите домови и во досега невиден број. Истовремено, оваа најбогата корпорација во светот лицемерно ја покажува својата „хуманост“ барајќи од купувачите да даваат прилози за помош на нивните работници на договор, принудени да работат и за време на пандемијата (9). Слично, „Soylent Industries“ во манирот на добар претприемач, ја користи општата глад и ја претвора во уште еден извор на профит со преработка на телата на умрените во нов брендиран прехрамбен производ кој се вика „Soylent Green”. (10)

Размислувајќи за праисториското минато (период на дивјаштвото), Фридрих Енгелс напишал: „Како последица на трајната несигурност на изворите за исхрана, изгледа дека на тој степен се развива човекојадството, кое оттогаш долго се одржува“ (11). Следејќи ја логиката на Енгелс, „филмскиот модел“, нуди проекција на 21-от век, како епоха на буквално кодифицирано човекојадство. Марк Стивенс, неодамна напиша: „Животот во капитализам го сочинуваат искуства на ужас, неповратна ликвефакција на човечката супстанца и нејзина некрофагиска консумација“ (12). Или како што открива и самиот Френк Торн, кога следејќи го процесот на производство во погонот на компанијата „Soylent Industries“ се соочува со фундаменталната вистина на капиталистичката демократија: „Soylent Green се луѓето!“

 

(1)Ова е слободна варијација на зборовите на Грамши кои во оригинал гласат: „Во тој интеррегнум се јавува изобилство на морбидни симптоми“, (Antonio Gramsci, Selections from the Prison Notebooks (London: The Electric Book Company, 1999), 556.

(2) Светот во овој филм е толку загаден што здравата и убава природа (океани, животни, полиња) постои само како архива на спектакуларни снимки, кои можат да ги видат само оние што имаат доволно среќа (привилегија) проектирани на гигантски екрани, додека умираат лежејќи во креветите, во специјалните клиники за евтаназија.

(3) Charles Trepany, „Madonna calls coronavirus ’the great equalizer’ in controversial message from her bathtub,” USA Today (23. март 2020).

(4) „The shadow pandemic: Violence against women and girls and COVID-19,” извештај, UN Women (април, 2020).

(5) Alex Williams i Jonah Engel Bromwich, „The Rich Are Preparing for Coronavirus Differently,” The New York Times (5. март 2020).

(6) Да ја истакнеме во ова светло драматичната диспропорција помеѓу бројот на случаи на Ковид-19 во различните делови на Њујорк, американскиот град, најтешко погоден од болеста: најмал број на случаи е забележан во Менхетен: најмногу ги има во во работничките делови во Бруклин, Квинс и Бронкс.

(7) Va Lecia Adams Kellum, „The Intersection of Homelessness, Race, and the COVID-19 Crisis,” National Alliance to End Homelessness (7. april 2020). Roberta K. Timothy, „Coronavirus is not the great equalizer — race matters,” The Conversation (6. април 2020).

(8) Katy O’Donnell, „Trump’s libertarian housing regulator refuses to bail out mortgage firms with public money,” Politico (16. април 2020).

(9) Danielle Zoellner, Coronavirus: „Jeff Bezos, world’s richest man, asks public to donate to Amazon relief fund“, Independent (24, март, 2020)

(10) Abdi Latif Dahir, “Instead of Coronavirus, the Hunger Will Kill Us.’ A Global Food Crisis Looms” (The New York Times, 22 април, 2020)

(11) Friedrich Engels, Porijeklo porodice, privatnog vlasništva i države (Zagreb: Naprijed, 1973), 26.

(12) Mark Stevens, „Reading Marx on Halloween,” Jacobin (31. октомври, 2018).

 Извор: Klub Mama / Multimedijalni Institut

ОкоБоли главаВицФото