1033 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 11:59
ВРВЦИ ОД ЦРВЦИ
Една стоногалка си има
проблем голем:
в пролетна клима
таа кива од полен.
Кога ќе кивне
не може да здивне
и чевлите ѝ летаат,
в паника шетаат
низ шумата цела,
низ градови и села,
марамчиња да ѝ најдат
пред сонцето да зајде,
оти без светлосен зрак
ќе се загубат в мрак.
На стоногалката ѝ здодеа
мракот чевлите да ѝ ги задева
и пред да испари белиот снег
таа појде на речниот брег,
набра сто светлечки црвци
и сплете сто светлечки врвци
за нејзините чевли шарени
ноќе да не скитаат ко попарени.
ЛАЈОШ И ЦВЕТОТ
Едно куче низ шума се шлае
и на сè што ќе види – му лае.
Лае на верверички, на рисови,
на реки, низини и висови,
лае и на петкаши и на кецаши,
лае и в сон, сништата ги плаши.
Лае кога пие, лае кога јаде,
сите гледаат да фатат џаде.
В шума само „ав, ав“ се слуша,
ни за миг не запира песот бушав.
Само кога цути еден редок цвет
замолкнува тој вревливко клет.
Крај цветот лежи, нежно го душка,
дур' пупката вљубено му шушка.
ПАЈАКОТ СЕИРЏИЈА
Пајакот плете свилени мрежи
и потоа долго на нив си лежи.
Си ужива така со часови
и слуша разни гласови.
Сеир им фаќа на закарани мечки
што се тепаат со кадифени влечки,
сеир му фаќа на рисот што ‘ржи
кога лути пиперчиња пржи,
сеир ѝ фаќа на лисицата мудра
кога кива од бебешка пудра,
сеир им фаќа на брливите стоногалки
кога губат на карти од страшните богомолки.
Си лежи така и под мустаќ се смее,
срцето нему сеир му го грее.
ТУФНЕСТ МОЛК
Кога дрвјата раскажуваат,
ветровите тивко дуваат,
животните ушите ги чулат,
зашто сакаат сè да чујат.
Секоја гранка своја приказна има,
секој лист е скапоцена рима.
Секвојата сака да драми,
врбата со лирика мами,
баобабот зборува смешно,
црешáта акцéнтира грешно,
елката нон-стоп озборува,
палмата на сите им се додворува.
Само едно дрво молчи,
зборче не може да срочи.
Ниту пее, ниту се смее
и тивко под облаци тлее.
Од него туфни бликаат,
в шума жирафа го викаат.
MЕДЕН КОШМАР
Носорогот опинци голтна,
зајко низ точка се протна,
армадилото диво кивна,
рипчето ко пиле џивна.
Уши му растат на дрвото-црв,
слуша сè од корен до врв.
Кој ли на него ќе се качи прв?
- Кралот лав со сина крв!
Двоглавото маче в сокаче плаче,
наместо шепа му израснало раче,
мајката го нејќе, од неа го брка
- откај ли сега млекце ќе срка?
Песот-чувар ко папагал крешти,
му избегале црните овци вешти
и трчаат сега низ ливади зелени,
пасат бели бебешки пелени.
Пчелката исплашено вресна
и главчето од ѕид си го тресна.
„Смири се, мило, тоа е само сон“,
ѝ шепна татко ѝ, сивиот слон.
Слики: Alice and Martin Provensen
Извор за песните: Чудна шума