Опуштено, муацика

20.05.2020 13:17
Опуштено, муацика

Линк до оригиналниот гиф

I Создавање (чекајте се лоудира)

Прво беше сафрата. Ѝ беше тесно, се буткаше, се подместуваше, ѝ беше шубе, подбуцнувачко чувство на лабава гаќа слизната под тесните, провидни пантоалони, пуна бешика.

ПОП!

Ничим изазвана, една џиновска, црвено накарминисана уста би во Бескрајниот Врескај.

И би светлина, уште подобро, би ноќ, би секс, бисексуалност.

Развлече Таа едно „Здравооо, кај сте бе муацикиииииииииии?!?“

„Нека биде МWAH! MWAH! MWAH!“, праќаше слатки бакнежи кон бескрајот.

Устата создаваше мали огнени серафими, шестоусни крилести бакнежи неколку илјадитија, меѓутоа нејзиниот кармин воопшто не се размачка.

Достапен во вашата најблиска црква, благословен за општонародна причест.

Ако забележите несакани ефекти, црвенило или осип, контактирајте го вашиот лекар или фармацевт и помолете се на

Милиони мали бакневчиња леткаа и квачеа околу Големата Муацка и низ празниот универзум, подбутнувајќи се и полнејќи го просторот со оргазмични вибрации.

Holy, holy, holy molly; the whole is full of her loving glory, потпевнуваa околу Големата Муацка.

„Браво, браво, муациииики“, ги бодреше таа. Шестоусните бакнежи леткаа и ширеа благопријатен вајб.

Бакнежите и пријатните вибрации го исполнија целиот Бескраен Врескај. Стана претесно и преекстатично. Со звуците на наздравување со шампањ, бескрајно цмокнување и ноти од трети виолини препукна Врескајот и се создадоа универзумот, сончевите системи, планетите и црните дупки.

Сеприсутна беше тогаш и Големата Мајка со нејзините огнени и страсни серафимчиња, кои ги испрати низ сите ќошиња по белиот и црниот бескрај, за да го рашират словото на луѓето и да им кажат малце да се опуштат за да го дочекаат спасот. *Помагаат и кегелови.
И да се казнат оние што на грешен начин го шират словото.

Во тоа време, јас бев само едно младо серафимче полно со огнот на љубовта и животот. Подготвена да го пренесам словото, но и да го искусам градскиот живот и да се пронајдам себеси како особа, далеку од дома.

Bye Universe, hello Skopje.


II Сексот и градот



Од прозорeцот се слушаа ласерските пиштоли и акумулаторските количиња на децата што ја бранеа улицата од вонземјаните. Беше летна виолетова квечерина и по неуспешното golden hour селфи, плачев и мастурбирав на хентаи.

Еден севселенски господар во подем имаше пипки што го имаа приклештено целото тело на принцезата ангел, за да ја мачат до задоволство. Одеднаш нејзиниот поглед исполнет со чист ужас премина во засраменост и НЕ стана ДА, ама не се возбудувајте, ова е научна фантастика, не реалност, лол.

Се надевав дека овдешните тоа го знаат.

Ова воопшто не работи вака, си реков потсетувајќи се на пријатните вибрации низ космосот.

Ууууу.

Уживањето се претвори во екстатичност додека севселенскиот господар ја славеше тоталната доминација со исфрлање китовски количини сперма врз принцезата.

Да не си им у положај на тетките што чистат.

Откако дојдов на Земјата да им пренесам на луѓето да се опуштат, сè повеќе и повеќе го губам мојот оган. Пријатните вибрации се чувствуваат подалечни и подалечни и сè помалку го слушам гласот на мајка ми. Овде страста се претвора во мазохистичка потреба од луцидна иронија и сарказам.

Сè е многу грдо, страшно, жално и празно. Ништо не е доволно. Универзумот е едно џиновско НЕ, севселенски господар што ме има приклештено. Откако паднав од Небото во Скопје, го заборавив словото што требаше да го ширам. Се надевав дека луѓето ќе ме потсетат.

Уште еден паничен напад во ќошот од собата. Без разлика што и да направам, ништо не е доволно. За да се смирам, решив да мастурбирам и да пеам. Можеби и ќе се потсетам.

Раката своеволно почна да ми се движи по горниот дел од лигаментите облиени со ладна леплива пот од епизодата.

„Holy, holy, holy molly ; the whole is full of her loving glory, коленичам јас пред неа со солзи во очите“, одеднаш се фатив како потпевнувам под стегнатите заби. Помагаат и кегелови.

Ако сам не си направиш, никој нема да ти направи, беше реченицата што овој пат ме донесе до уште еден од многуте климакси. Girls just wanna have multiple orgasms. Стопена од жештина, со благопријатни грчеви во мускулите, капки пот се лизгаа од коленото накај газот и мислев дека после оваа self-care сесија ќе имам барем едно грутче целулит помалку. Знам дека слабеење не функционира така. По малата доза серотонин и сепак едно грутче целулит помалку, решив да се соочам со реалноста.

Два лајка. Еден од домаќинката за да ме потсети дека каснам со кирија и еден од бившиот што имаше либидо на помија од липа. Убаво. Butt clench. Ууу, доаѓа уште еден.

Од улицата веќе не се слушаа ласерските пушки, војната заврши одамна. Присуството на вселенскиот господар сè уште се чувствуваше иако битката беше навидум добиена. Сега владееше совршена летна постдепресија.

Наредната војна ќе биде со стапови. Се надевам и геј, хихихи. Океј, прекинувам.

Моето испотено тело лежеше врз хаосот и се ладеше од свежиот воздух, кој беше единствениот извор на надеж. Изнемоштена решив да одам до самиот крај. Откако се потсетив, имаше само едно сценарио; интроспекција што ќе ме доведе до уште една сесија за липање и носталгичност.

Ми фалиш, муацикa.

Точниот одговор е оргазам, секогаш.

Ох, колку мала слатка смрт.

На секунда ослободена и неспособна за размислување. Додека со отворена уста и силно затворени очи моите нерви со последните сили реагираа на дразбите, ми се појави црнилото на претпостоењето. Пошо, нели, да се појавеше фацата на Гаврило, у принцип, беше тешка филозофија. Леле, дали ме обзема претпостоечкото црнило ? Земи ме ти, хентаи господару, кажи ми каде погрешив.

Бев се вработила.


III Со 24-ка кон
Бескрајниот Врескај



Беше топло и мачно петочно попладне и само сакав да прелеам во спарнината. На состанокот се донесуваа решенија за кои не би ме интересирало ни во наредните 3 милиони светлосни години, се чувствував како нервите да ми ги глода стадото диви свињи од Водно.

Живото се храни од мртвото, животниот циклус мора да продолжи.

Сакав да легнам на ламинатот и да плачам како дете. Сакам назад, кај муацика.

Состанокот конечно заврши, а јас излегов од зградата како штотуку да ме ослободиле од сто тони тежок тумор. Запалив цигарче и решив да пешачам, со надеж дека пополека и безболно ќе се стопам во вжештениот асфалт. Ги гледав мрсните, постработни лица на другите луѓе, кои криеја мала блажена насмевка. Како замислуваат ладни плочки, подготвени да се опуштат.

Ве сакам сите.

Асфалтот, пак, гореше од апатичност, правејќи ги Скопје и неговите жители вечно проколнати. Време е да се вратам дома.

Дали ми се допаѓа Земјава? Супер како концепт, браво за трудот, бе муацики.

Седејќи во запрежната кола и чекајќи го својот сопруг да одбере нешто подобро од алиштата оставени до контејнерот, една млада жена сомничаво ја гледаше мојата појава.

Опушти се, ѝ реков, ама таа само нешто пробаја.

Покрај мене, баба и внуче се шетаа кон зајдисонцето на Партизанска, додека таа му покажуваше накај белиот летаргичен коњ и викаше: ,,Ајде, покажи ѝ на баба кај е коњот, како прави коњот?“, додека внучето алчно покажуваше накај мојот сладолед со ќебапчестото прсте. Проколнат град има смисла за проколната иронија. ,,ЊИИИИИИИИИИИИИИИИИИИИИИИ“, завиждев накај него како кобила и потрчав да ја стигнам 24-ката. За да се вратам во мојата дома, требаше сиот компресиран бес да ме извади од кожа.

Се качив во јавен превоз.

Време е за дома.

,,Џубре неваспитано“, беа зборовите дадени како благослов пред вратата на автобусот да се затвори и да ме однесе назад, во бесконечноста. Шоуто мора да продолжи.

Во спарниот автобус седнав на сепарињата, заедно со уште две девојки. Празно остана само уште едно столче до прозорецот, најчесто резервирано само за најупорните, кои не го почитуваат непишаното правило дека првиот седнат има право на луксузен комфор.

Забележав дека едно парталово дете со несигурен поглед беше решено да седне на празното седиште.

„Џубре неваспитано!“

Седна спроти мене. Трите од нас мрзливо скролавме по мобилните, иако јас само се обидував да ја игнорирам халуцинацијата од црните дупки што ме следеа. Одвреме-навреме ја кревав главата за да проверам уште колку ќе трае мачното возење и се чинеше дека детето потскокнува од страв. Продолжив со скролање и со крајчето на погледот го набљудував. Неговите мали прстиња се движеа по меѓуножјето, а јас го чувствував неговиот телешки поглед на моето деколте.

За еден Сартр, Скопје бил филм, ама не претпоставував дека е fake taxi. Продолжив да скролам по телефонот, но овој пат решив да ја кренам главата за да се пресретнам со погледот на копиљот. Наместо стаписаност и покајание, телешките очиња ме гледаа директно во очи, а рацете овој пат го бришеа размусулавениот нос.

Автобусот се лизгаше низ жештината на моите супернови, додека во моето срце имаше бес уште за три светови. Никој досега во монолози за самоодбрана не издвои потточка за *v*a*k*v*a* ситуација.

Повторно ја кренав главата и телешките очи сѐ уште ме гледаа додека рачињата продолжуваа да го мрсат валканото меѓуножје.

Прилично сум сигурна дека ова е грешен начин на ширење на словото.

„ШО КУР ПРАИШ БЕ?!?“ – се слушнав себеси како урлам како стара скопјанка.

„Нишо не праам, се чешам бе, ееее па и ти… Опушти се ма“ – ми одговори тоа, додека неговите нозе полни со крвави корупки и модрици набрзина се отплеткуваа од женските колена и бегаа од задната врата.

„Што се случи, што правеше?“ – ме праша загрижено девојката до мене.

„Се пипкаше“ – топло ѝ се насмевнав.

„Свашта има на светов, све тоа треба да се убие“ – згрозено се намршти таа и се прекрсти.

„Пропаст“, додаде и ми се насмевна, не знаејќи дека веќе насетува нешто.

Пропаст, мојата мисија. Извадена од кожа сега можев да се вратам дома.

Им ја раскажав мојата средба од трет вид на моите посестрими, серафимите и Големата Мајка.

„Па, имало middle age криза, што мислиш колку живеат тие, бе муацика?“ – добив реторско и сите се изнасмеавме, додека јас, сепак, си замислував поетска правда.

Големата Мајка тогаш заводливо почна да праќа цмокчиња кон бледата, сина точка и таа, на чело со градот Скопје, поцрвене и пукна од срам.

Далеку сте од опуштени, бе муацики, рече големата црвена уста, исполнувајќи го просторот со пријатни вибрации од својот ѕвонлив глас.

Лектура: Кристина Велевска

ОкоБоли главаВицФото