Ѕверка со црна перка

20.05.2020 13:47
Ѕверка со црна перка

Илустрација: Алексеј Костовски

Ѕверка со црна перка

Веќе беше редно,
ајкулче едно,
од тинејџ доба,
до некои вистини
да дојде, да проба:

- Мамо, од нас,
од тетки
и стрини наши,
сѐ живо
се плаши.
А видат перка
секој вреска,
“Бегај! Опасна ѕверка!„
Стално иста шема,
в час, жива душа нема.
Туристи... глави им чадат,
карти за дома, трчаат, вадат.

“Сине, тоа сме ние,
куршум не не бие.
Секоја ајкула,
мускул до мускула.
Таков ни е сојот,
твојот, мојот.
Имаме само
една мана,
цел ден
мислиме
на храна.

Ама, да ти
кажам,
и морето
има лоша
страна,
секој, секому
е - храна.
Затоа сите
се под стрес,
па дури и ти,
што ако си -
морски пес.“

Илустрација: Наташа Костовска

Птици на жици

Ко птици на жици,
во букварот
букви чучат,
ги чекаат децата
да ги учат.

За нив учители
добри требаат,
оти букви ко букви,
можат да се разбегаат.

Попосле, пак тие
ќе се вратат,
оти не сакаат
децата да патат.

Од А до Ш,
тука се сите,
големи и мали -
што им фали!

Една ако
се скрие,
азбуката нема
да ја научат тие.

Некоја буква за учење
лесна е ко песна,
друга, просто збесна,
за деца да е - интересна.

Илустрација: Наташа Костовска

Штета да држи диета

Меца наша, талент
за круши и дренка,
ама, ич не ја бива
за тенка манекенка.

И чуму ѕверчево
да се ѕверка,
во чудово што
тежини мерка?

Па и утре да
треба да се вери,
зошто со страв
да се мери?

Со ваков мед,
вистинска е штета,
и не е во ред,
да се држи - диета.

Ќе си биде таа
што стално била,
срцка мецка од
стотина кила.

Илустрација: Наташа Костовска

Шумски семафор

Во шума лази, не стои,
семафор во разни бои.
Наоколу болскоти зелено...
Тој, иста боја - проверено!
Зад него, растура боја лила,
и тој лила, му била многу мила.
Цвет, сиот жолта сеанса,
овој, бргубргу - иста нијанса.
Чуден некој бонтон,
за секој реон - нов креон,
Шарен лазач и лажач,
сонливиот камелеон.
Еве што изјави он:
"Што да правам?
Со тоа се бавам,
ново руво ставам.
Секоја боја
е како...моја?"

 

ОкоБоли главаВицФото