Дури и кога не вежбаме, нашите мускули памтат

22.05.2020 00:18
Дури и кога не вежбаме, нашите мускули памтат

Еве мало научно охрабрување за сите нас кои сме затворени во домовите заради коронавирусот и не можеме да одиме во теретана. Новата студија за функционирањето на внатрешните мускули вели дека доколку сме работеле на нив, мускулите имаат молекуларно сеќавање за тоа и тоа трае и покрај неактивноста. Кога ќе почнеме повторно да вежбаме, оваа „мускулна меморија“ би можела да го забрза процесот со кој повторно ќе ја вратиме силата и големината на мускулите.

Практично, научниците велат дека тоа што ќе ги прескокнеме тренинзите не значи дека ќе бидеме многу послаби кога ова ќе заврши. Дури и ако нашиот мозок заборави како изгледа да се биде фит, нашите мускули нема да заборават.

Сето тоа е утврдено експериментално: мускулните клетки на глувците и стаорците создаваат дополнителни јадра кога вежбаат животните, а овие специјализирани делови остануваат дури и кога ќе престанат тренинзите.

Но експериментите кај луѓе покажуваат дека тие јадра не се создаваат нужно кога креваме тегови. Затоа група шведски истражувачи се запрашала што се случува кај луѓето, и како гените и протеините во нашите мускули влијаат дали и зошто мускулите ќе се сетат дека некогаш биле силни.

Собрале 19 испитаници, млади мажи и жени кои никогаш не се занимавале со спорт, ниту оделе во теретана, и им наложиле да прават вежби само за една нога. Доброволците поминале низ мошне напорни вежби, вклучувајќи клекнувања и истегнувања само за една нога, додека другата нога немала работа. Ваквите вежби траеле десет недели, а потоа испитаниците престанале да вежбаат следните дваесет недели.

По завршувањето на овој „одмор“, научниците земале ткиво од мускулите за биопсија од двете нозе и потоа на волонтерите им дале уште понапорни вежби, овојпат за двете нозе. Потоа, повторно земале ткиво од мускулите за биопсија.

Утврдиле големи разлики помеѓу нозете кои биле тренирани и оние кои не тренирале, и пред и после последната сесија. Ногата со која вежбале останала многу посилна. Задржала 50 проценти од силата која претходно ја имала во периодот од дваесет недели без вежбање.

Молекуларните разлики помеѓу нозете биле многу покомплексни. Некои вариетети се појавувале кај секоја нога пред вежбите, што значи дека тренираните мускули биле различни од нетренираните.

Активноста на тренираните нозе ни сугерира дека клетките во мускулите станале генетски и метаболички многу поподготвени за јакнење и раст отколку клетките во нозете кои не се тренирани.

Овие наоди „ја потврдуваат идејата дека мускулната меморија би можела да се јавува на ниво на гени и протеини“, вели Маркус Моберк, професор на Шведската школа за спорт и здравје во Стокхолм, која ја предводела студијата.

Слики: Ray Sell

Извор: New York Times/International Report