Нефилтрирани филмски мисли во време на пандемија (3)

23.05.2020 10:00
Нефилтрирани филмски мисли во време на пандемија (3)

„Бегството на Логан“

Нов почеток

Според филмската прогноза на режисерот Мајкл Андерсон, денешната „вонредна ситуација“, како што е изолацијата и затворањето во засолништа, до 2274 година ќе прерасне во трајна состојба. Оние што ќе ги преживеат војните, загадувањето и пренаселеноста ќе живеат во хедонистички карантин, во „големиот град под куполите, кој е сосема одвоен и заборавен од надворешниот свет“. За разлика од „Soylent Green“, во постхипиевскиот свет на филмот „Бегството на Логан“ (Logan’s Run), веќе нема класни судири, светот е расно хомоген (упадливо бел) и „се живее само за задоволство“. Компјутерите, роботите и серво-механизмите се обучени да обезбедуваат сè. Изгледа дека она што на почетокот на 21-от век сè уште погрешно сме го толкувале како неправеден луксуз и привилегија на еден процент на богатите – кои битката со епидемијата на коронавирусот ја водат од своите вили, јахти и други „убави“ места за самоизолација (23) – три столетија подоцна, по некое чудо, ќе стане животен стил подеднакво достапен за сите. Можеби преостанатите 99 отсто од населението едноставно ќе изумре во процесот на „природната селекција“ (24).

„Но тука постои една пречка“, открива моделот на Андерсон. Безгрижните жители на градот под куполата, без поговор мора да го прифатат строгото уредување, екстремните мерки на контрола на популацијата: „Животот мора да се заврши во триесеттата година, за сите освен за оние кои повторно ќе се родат во огнениот ритуал на Карусел“. Во таквата старосно дискриминаторна доктрина, мнозинството не гледа никаков проблем – можеби заради нарцистичката кратковидост и општествено – економската заборавност, која секогаш ја придужува привилегираноста, која, би се рекло, успешно ја преживеала апокалипсата; или можеби затоа што застрашувачкиот Карусел е само уште една new age верзија на старата религиска измама: ветување на воскреснување по цена на потчинување на костимираниот спектакл на масовно уништување (во овој случај, во антигравитациска ласерска арена).

Толку успешната и темелна натурализација на идеологијата на радикална контрола на популацијата, во футуристичкото општество во „Бегството на Логан“, е аспирациски идеал на елитите од почетокот на 21-от век, кои жестоко се спротивставуваат на секоја програма за социјална заштита. Како и Карусел, Ковид-19, првенствено цели (иако не толку прецизно) кон постарата популација. Проценувањето на бројката на жртвите на пандемијата, која една држава ја смета за прифатлива, дотолку повеќе што ни би ја загрозила економијата ( или, дури би ја поттикнало) – тоа е оној суров вид на калкулација со кој федералните, регионалните и локалните власти во Соединетите држави и во Европската унија, бесрамно се занимаваат уште од првите денови на пандемијата (25).

Во секој случај , Логан и Џесика, главните протагонисти на филмот (ги глумат Мајкл Јорк и Џени Агатер) не ја прифаќаат морбидната нужност на контрола на населението – и затоа „бегаат“. „Бегалците“ се отпадници кои ја оспоруваат нормативната идеологија на старосната дискриминација и егоистичната култура на безумно уживање (26). Логан своето бегство, всушност, го започнувакако полицаец, откако добива задача од суперкомпјутерот, кој управува со градот под куполите, да го пронајде Засолништето – митско место, кадешто наводно се собираат бегалците. Тој и Џесика, која е вистинска бунтовничка и бегалка, тргнуваат на долг и тежок пат. Патем се судираат со Бокс, застарен робот за преработка на храна (можеби изум на команијата Soylent Industries?), кој буквално сè, од планктон до човечки суштества, може да претвори во оброк. Излегувајќи надвор од куполите на градот, првпат добиваат прилика да го видат изгрејсонцето и да го истражат надворешниот свет, кој повеќе не е загаден – свет на урнатини на човечката цивилизација што повторно го присвоила ослободената природа.

Логан и Џесика дури и се запознаваат со еден стар човек кој им раскажува за тоа како порано живееле луѓето надвор од куполите. Од необјасниви причини, овој белокос човек, сега е единствениот жив остаток на таа „препотопска“ култура. Омега – човекот од 23-от век? Се разбира и тој е белец (го игра Питер Устинов).

Од моменталната перспектива (април, 2020), додека карантинот воведен по повод коронавирусот сè уште трае, невозможно е да не се доживеат постапките на Логан и Џесика како филмско остварување на желбата: да се излезе надвор, назад во светот, да се продолжи животот, да се врати во стварноста – тоа е она што го сакаат милијарди луѓе ширум светот. Но Логан и Џесика, исто така, разбираат дека веќе не може и не смее да има едноставно враќање кон „работите онакви какви што биле“ пред избивањето на пандемијата и дека таа стара „нормална“ состојба веќе била еден неправеден и експлоататорски општествено-економски и политички поредок посветен на промовирањето на умртвувачката лажна свест за хедонизам за сите.

На крајот на филмот, Логан и Џесика не го пронаоѓаат митското Засолниште, но затоа успеваат да научат нешто многу поважно: светот надвор од привилегираното опкружување на куполите е реален, а не митски простор; како таков, тој е место на огромна потенцијалност. Во него можат и мораат да бидат воспоставени нови комунитарни врски, подобри и поправедни општествени односи. Во таа смисла, филмот на Андерсон упатува на она што Луј Алтисер еднаш го опишал како „празен простор“, кој е „предуслов за политичка пракса“: место на можности, кое е празно за да биде исполнето со елементи и придвижувачи на специфична и артикулирана општествено – економска визија и борба (27). „Бегството на Логан“ не нуди конкретни идеи или готови решенија за изградба на ново општество кое своите благодети не ги ограничува само на одбрано малцинство (врз основа на овој или оној збир на дискриминаторски критериуми), но барем го застапува и го промовира ставот дека повикот за собирање, кој вистински им е упатен на сите, е неопходен иницијален чекор во таа насока (28).

До крајот на филмот, Логан се еманципира во значителна мерка. Џесика, пак, од почетокот е далеку понапредна во своите ставови и жестоко се спротивставува на начелата на тотална контрола во општеството под куполите. Од послушен инструмент на насилна репресија во рацете на системот, Логан се трансформира во застапник за општествен прогрес, иницијатор на побуна и активист на новиот комунитаризам. Неговиот емотивен говор на балконот (кој, за волја на вистината, не му баш рамен на славните „Априлски тези“ на Ленин, исто така изговорени од балкон, иако не е ниту сосема празен), е она што во последната сцена на филмот покренува масовно излегување на луѓето надвор од куполите на градот.

Останува да видиме дали и како ќе реагираат луѓето на можноста која им се отвора со излегувањето од изолација: да го осмислат мизансценот на еден почесен, поегалитарен живот, да иницираат нов, подостоинствен и поздрав општествен договор...

На 11 април, 2020 година, во сабота, во една њујоршка болница почина пациент заболен од коронавирус. Неговите последни зборови беа: „Кој ќе плати за ова?“(29).

(23) Jim Zarroli, „The Rich Really Are Different. They Can Shelter In Nicer Places,” NPR (15 април 2020); Olivia Carville, „’We Needed to Go’: Rich Americans Activate Pandemic Escape Plans,” Bloomberg News (19 април 2020).

(24) Kat Stafford, Meghan Hoyer, Aaron Morrison, „Outcry over racial data grows as virus slams black Americans,” Associated Press (8. april 2020); Sarah Varney, Melissa Bailey, et.al., „Nurses, surgeons, janitors: the first US health workers to die from COVID-19,” The Guardian (15 април 2020).

(25) Lois Beckett, „Older people would rather die than let Covid-19 harm US economy — Texas official,” The Guardian (24 март 2020).

(26) Во тој поглед „Бегството на Логан“ може да се толкува и како критика на хипи „културата на забава“, која во значајна мерка влијаеше на начинот на кој овој филм ја замислува младинската култура на иднината

(27) Louis Althusser, Machiavelli and Us (London: Verso, 2000), 20–23, 32.

(28) Овде се повикуваме на анализата на Alain Badiou во книгата Metapolitics (London: Verso, 2006), 141; српско издание: Pregled metapolitike (Filip Višnjić, 2008).

(29) Alaa Elassar, „A nurse revealed the tragic last words of his coronavirus patient: ’Who’s going to pay for it?,’” CNN (11 април 2020).

Извор: Извор: Klub Mama / Multimedijalni Institut

Кон првиот дел
Кон вториот дел