Росалии

23.05.2020 12:40
Росалии

Во периодот од годината кога цветаат розите, Римјаните ги празнувале Росалиите (лат. Rosalia). Овој празник, познат и како „ден на украсување со рози“ (dies rosationis), во различни делови од римската империја се празнувал на различен ден. Во Рим се празнувал десет дена пред јунските Календи (23 мај), a во другите градови - на некој од деновите во периодот меѓу почетокот на мај и средината на јули. На Росалиите луѓето плетеле венци од рози и со нив ги кителе вечните почивалишта на своите блиски.

Во антиката розата е еден од атрибутите на Афродита. Оваа божица во Атина била славена како божица на цветните градини и убавината, божица под чии нозе цути секакво цвеќе. Според едно предание, се родила од морската пена што се создала кога Крон ги фрлил во морето гениталиите на Уран. Водата ја исфрлила прво на Китера, а потоа на Кипар. Кога морската пена што била околу неа го допрела копното, никнале грмушки со бели рози. Во Илијада (Илијада, 23. 185-187), по смртта на Хектор, Ахил пушта гладни кучиња за да му го растргнат телото. Афродита, успева да го заштити од нив телото на убиениот тројански јунак мачкајќи го со „бесмртно ружино масло“ (ῥοδόεντι ἐλαίῳ ἀμβροσίῳ). Старогрчкиот поет Ибик во една песна посветена на неговиот љубовник Евријал вели дека Кипранката, т.е. Афродита, го одгледала Евријал „меѓу ружини пупки“ (ῥοδέοισιν ἐν ἄνθεσι). Розите долго време биле бели. Црвена боја добиле кога Афродита, растревожена поради смртта на својот љубовник Адонис, се боцнала од трн на роза; од крвта што ѝ потекла, розите добиле црвена боја.

Розата во антиката била симбол на молкот. Според едно предание, Ерос, синот на Афродита, е тој што на богот на молчењето, Харпократ, му јa подарил розата, која подоцна ќе стане симбол на овој бог. Со подарокот Ерос сакал да го натера Харпократ да ги чува во тајност сите постапки на неговата мајка Афродита. Во Рим таваните на просториите во кои се одржувале гозби често биле украсувани со фрески на кои биле прикажани рози. Розите на таванот требало да ги потсетат присутните дека тоа што ќе се каже под влијание на виното треба да се чува во тајност. Така настанал изразот sub rosa (букв. под роза). Нештата што се кажани или направени sub rosa се нешта што треба да се чуваат во тајност.

Русалиите, кои кај старите Словени биле празници во чест на мртвите, според некои етнолози, името го добиле токму по римските Росалии. Некои словенски народи и денес седмицата по христијанскиот празник Духовден ја нарекуваат „русалска седмица“. Таа започнува приближно во истиот период кога во Рим се празнувале Росалиите.

Слика: Мозаик на кој се претставени луѓе како плетат венци од рози, Вила Романа дел Казале, Пјаца Армерина, 4 век н.е.

Извор: ΑΡΓΩ

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото