Шега

26.11.2010 11:22
Шега

Една ноќ, откако завртев на аголот и се најдов на една празна улица полна со кал, со брз чекор грабав накај дома. Тогаш зад грбот слушнав дека некој ми се приближува трчајќи. „Зошто трча во ова време“, помислив. „Да не ме прогонува?“

Бидејќи веќе беше неколку метри зад мене, се свртев. И тогаш, сиот задишан, почна да чекори и ми се насмеа. Беше млад, на околу триесет години.

„Простете“, ми рече. „Да не ви создадов некаква непријатност?“

„Непријатност?“, збунето промрморев и продолжив понатаму.

Помислив дека непознатиот ќе продолжи да трча и дека ќе ме одмине. Меѓутоа, остана на место сè додека не се оддалечив стотина метри. И тогаш повторно се вдаде во трк и го слушнав како ми се приближува од зад грб. Не можев да издржам, па кога почувствував дека е во близина, повторно се свртев, застанувајќи.

„Ох, многу се извинувам“, рече тој, нагло запирајќи за да не се судри со мене. „Да не ве исплашив? Простете ми.“

„Можете да си замислите колку“, реков, смирен од неговиот толку пристоен глас. Во тој миг, погледнувајќи го, забележав дека не беше истиот човек, туку некој друг, малку помлад, сиромашно облечен.

Третиот пат, бидејќи, се разбира, случката се повтори, успеав да се совладам и да не се свртам. Трчањето набрзо се слушна зад мојот грб, и со неискажливо олеснување чув дека ме одминува.

„Нема страв овојпат, нели?“, рече човекот отворено подбивајќи се и застанувајќи на три-четири метри од мене. „Издржавте, а?“

А јас реков:

„Имате ли намера да продолжите уште долго? Верувате ли дека сте духовити?“

Во меѓувреме, на слабата светлина од уличната светилка открив дека тоа беше некој трет човек, поразличен од првиот и вториот.

„Но вие...“, прашав. „Вие не сте оној од пред малку?“

Тој ми одговори:

„Можеби. Важно е дека имавте впечаток дека сте прогонуван. Нашата посебност вреди толку малку, поединецот заслужува друго. Жал ми е што не трчав добро. Ако трчав добро, вие ќе се исплашевте. А вака, не.“

Го одмерив со погледот. Не беше ништо посебно како сила.

„Сево ова е идиотизам“, реков налутено. „Една идиотска шега, ете што е.“

„Шега?“, рече тој, искрено зачуден. „Шега? Значи... значи, сè уште не сте сфатиле?“


Дино Буцати (1906-1972) е познат италијански писател. Пишувал раскази, романи, поезија и драми, сликал, цртал стрипови, илустрирал. Долго време во животот работел како новинар. Негови познати дела се збирките раскази „Продавница на тајни“ и „Тешки ноќи“, романот „Татарска пустина“ и др. Расказот што ви го претставуваме денес е земен од последната книга со која постигнал успех, како кај читателите така и кај критиката - „Тешки ноќи“.

Слика: Јацек Јерка

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Клопец [к:1]
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Мајка [к:1]

ОкоБоли главаВицФото