Светот после изолацијата би можел да дочека налет на експлоатација и „модерно ропство“

25.05.2020 03:31
ССветот после изолацијата би можел да дочека налет на експлоатација и „модерно ропство“

Најморничавиот приказ на кризата во кој било дел од светот секогаш е нејзиното човечко лице. И колку што е поголемо нивото на катастрофата, толку сликата е поужасна. Во текот на последните неколку месеци, додека коронавирусот пустошеше низ Азија, ги откри последиците не само на пандемијата туку и на начинот на кој веднаш може да го промени животот што го познававме досега.

Во Индија најострата изолација во светот се манифестираше со губење на средства за живот и раселување стотици илјади неформални работници и мигранти - за кои некои велат дека се сведоци на егзодус поголем од оној за време на поделбите во Индија и Пакистан (во кој беа раселени 15 милиони луѓе). Сега, додека се приближуваме кон крајот на изолацијата, аналитичарите и истражувачите предвидуваат дека истата демографска зона веројатно ќе се соочи со уште поголема експлоатација, дека луѓето на своите работни места ќе брзаат да ги исполнат сѐ поголемите барања и да ги надоместат изгубеното време и парите.

Тринањан Радакришнан, координатор на проектот за ангажирање на приватниот сектор во Оксфам Индија, меѓународна непрофитна компанија која работи на прашања како што се зајакнувањето на жените и нееднаквоста, рече дека ова сценарио е „мошне веројатно“, пред сѐ заради непријавената работна сила во Индија - која опфаќа речиси 93 проценти од вкупното население (според економско истражување од 2018-2019 година) - и работењето во систем во кој немаат правна заштита и заради тоа се експлоатираат. „Замислете ги луѓето кои се дел од ланецот за снабдување или се градежни работници - изгубија три месеци работа, а ќе го надоместат изгубеното време. Работното време ќе биде зголемено“, рече. „Во ланците за снабдување маржите се веќе мали, така што ќе има поголеми притисоци или повеќе работни часови со пониски плати.“

Овој тренд, додава Радакришнан, ќе биде особено распространет во ланците за снабдување со текстил - тренд кој моментално се развива во Бангладеш. Благодарение на притисоците на меѓународните брендови да ги исполнат извозните рокови и нарачките, многу фабрики во Дака се отворија неделава и покрај застоите ширум земјата. Во некои западни земји фабриките повторно се отворени. Во други, како во Индија, постојат обиди да се придвижи економијата, за да се обнови прекинатиот ланец за снабдување заради блокадата. Стручњаците сметаат дека неорганизираните работници ќе се соочат не само со опасноста од инфекција од коронавирусот, туку и со зголемен товар на работните места.

„Мора да изберете помеѓу губење на работата или двојно потешка работа“, вели Радакришнан. „И натаму мора да се надоместат нивните пратки. Ќе има помали паузи. Ако законски се осум часа, нормата е 12 часа, а сега уште ќе се зголеми. Веројатно ќе се одработуваат смени од 18 часа. За некои луѓе би можело да биде полошо, додека за други е подобро“.

Во Индија, таквите услови за работа и нивната експлоатациска природа ја ставаат земјата високо на Глобалниот индекс на ропство за 2018 година, каде „модерните робови“ - оние кои сериозно се искористени за лична или комерцијална корист - ги сочинуваа 7,9 милиони луѓе (од 2016 година). Работниците во неформалните и нерегулираните сектори, заради недостаток на строги закони и прописи за работа, често потпаѓаат во оваа рамка. Обединетите нации го осудија тоа и го нарекоа „современи облици на ропство“. „Повеќето од оние што страдаат се најсиромашните, најзагрозените и маргинализираните општествени групи“, се вели во изјавата на ОН. „Стравот, непознавањето на човековите права и потребата за преживување не ги охрабруваат да зборуваат“.

Во последните неколку недели, карантинот исто така го зголеми ризикот дека невработените неформални работници ќе прибегнат кон позајмици, што подлабоко ќе ги нурне во модерното ропство. Впрочем, постои загриженист дека работниците заглавени во печките за глина и мелниците за ориз се веќе прекумерно експлоатирани. „Сопствениците на овие објекти ги зголемија роковите за завршување на работата знаејќи дека работниците ќе бидат дома кога ќе се прогласи карантин“, за Ројтерс изјави Јаба Принс, социјален работник од Меѓународната мисија за правда на југот од Тамил Наду.

Индија не е единствената земја во која стручњаците ја предвидоа експлоатацијата на ранливите работници дури и после пандемијата. Британскиот добротворен фокус на работната експлоатација, кој работи на прекинување на трговијата со луѓе заради експлоатација на работната сила ширум светот, неодамна излезе со студија која овој ризик го истакнува во „слабо платеното и несигурно вработување во Велика Британија“. „Борејќи се да фатат крај со крај, слабо платените работници се изложени на голем ризик да западнат во долгови и да се соочат со загуби“, пишува во извештајот.

Исто така се загрижени и жените кои како работна сила се соочени со уште поголема експлоатација заради „родовите, културните и структуралните прашања“, како дискриминацијата во врска со бременоста и мајчинството, родово заснованото насилство и сексуалното вознемирување на работното место. „Притисоците над нив ќе се зголемат на работното место, заедно со неплатените услуги за домашна нега“, рече Радакришнан.

Истовремено, постојат извештаи за пандемијата и карантинот како нејзина последица, кои укажуваат на значајна промена на пазарот на труд. Во Индија анализата на овие фактори следеше откако бевме сведоци на масовно раселување на работниците - мигранти, кои сѐ уште се борат да се вратат дома. Експертите велат дека тоа ги „научи работниците дека дистанцата е важна“. „Индиската економија функционира со капацитет не поголем од 25 проценти а поголемиот дел од неорганизираниот сектор згасна, што води кон миграција назад кон руралните области. Затоа во државите како Рајастан и Махараштра побарувачката за работници во рамки на Националната шема за гарантирање на руралното вработување Махатма Ганди (МГНРЕГС) драстично се зголеми“, вели Арун Кумар, еден од водечките експерти на полето на црната економија. „Тоа покажува дека работниците немаат работа и заради факторот страв повеќе или помалку нема да се вратат во урбаните области во блиска иднина и ќе побараат работа во руралните средини.“ Кумар исто така предвидува дека заради овие фактори претпријатијата ќе функционираат „далеку под капацитетите“, што ќе доведе до поголема невработеност. Сиромаштијата ќе се зголеми насекаде.

Исто така тврди дека, иако заради затворањето на границите Индија можеби успеа во намалувањето на ширењето на вирусот, подеднакво го парализираше пазарот заедно со своите луѓе. А ако неорганизираниот сектор е принуден повторно да се врати на своите несигурни и експлоататорски работни места, тоа би можело само да доведе до нешто поголемо од она што го имаме сега. „Стручњаците предвидуваат втор бран на пандемијата, особено затоа што не се тестираат доволно луѓе“, рече Кумар. „Големите претпријатија се изричити во барањето за повторно рестартирање на економијата зашто ако болеста се разгори повторно, сиромашните ќе бидат тешко погодени од таквиот недостаток на соодветни здравствени установи и ќе биде потребно долго запирање на работата. А стручњаците велат дека втората вонредна состојба ќе биде уште поболна од првата. А ако сиромашните и натаму се незаштитени, може да дојде до хаос во општеството.“

Радакришнан на ова гледа како пресудна точка во давањето одговор на тоа како треба да се постапува со маргинализираните и сиромашните, за што се залагаат дури и ОН преку својата кампања „гради подобро“. „Ова не е економија за еден процент“, вели тој. „Кога и да размислувате за економијата, мислите на оној дел од дневниот печат со зборови како што се „БДП“ или „интеграција“ или „камати“ итн. Но кога се случи вонредната состојба, видовте поинакво лице на економијата. Тоа е човечкото лице на нашата економија и ова е време да се пренасочиме и да ги преиспитаме своите приоритети. Потребна ни е човечка економија која функционира за сите, а не само за потребите на неколкумина избрани“.

Слики: Sameer Kulavoor

Извор: https://www.vice.com/rs