Мистерии на вирусот: Зошто не ги напаѓа сите земји подеднакво?

25.05.2020 13:15
Мистерии на вирусот: Зошто не ги напаѓа сите земји подеднакво?

Коронавирусот уби толку луѓе во Иран што државата мораше да организира масовни погреби. Но во соседен Ирак, починале само неколку стотини луѓе.

Доминиканската Република пријавила околу 9.100 случаи на заразени. Нејзиниот прв сосед, Хаити има само 130 случаи. Илјадници луѓе починаа во Индонезија, но во блиската Малезија, со строгите правила за изолација успеале бројот на жртвите на коронавирусот да го сведат на само неколку стотици.

Коронавирусот стигна речиси до сите земји во светот, но неговото дејствување изгледа прилично каприциозно. Глобалните метрополи како Њујорк, Париз и Лондон се разорени од вирусот, додека градовите како Банкок, Багдад, Њу Делхи и Лагос главно се поштедени. Прашањето зошто вирусот во толкава мера совлада некои места, а други речиси не ги ни допре, претставува голема загатка. А одговорот би можел да импликации од тоа како ќе реагираат државите.

Стотици научни истражувања во моментов се занимаваат со овој проблем.

Многу земји во развој со топла клима и млада популација го избегнаа најлошото што би можело да упатува на тоа дека високите температури и демографијата се значајни фактори за ширењето на заразата. Но земјите како Перу, Индонезија и Бразил, тропски земји во жариштето на пандемијата ја негираат таа идеја.

Социјалната дистанца и раното затворање беше ефикасно, но Мјанмар и Камбоџа не го направија тоа и немаат многу забележани случаи.

Според една теорија, најлошиот бран на вирусот едноставно не стигнал до сите држави.

Лекарите наведуваат дека недостигот на информации во многу држави значи дека не треба да се извлекуваат заклучоци за состојбата со бројот на заразени. Сепак, разговорите со експертите откриваат дека постојат четири главни фактори: демографијата, културата, природата и брзината на воведување мерки од страна на властите.

Погреб на жртвите на коронавирусот во Манаус, Бразил 

Моќта на младоста

Многу држави кои ја избегнаа масовната епидемија имаат релативно млада популација. Младите луѓе, главно имаат поблаги симптоми или се асимптоматски случаи кои потешко ја пренесуваат заразата, објаснува Роберт Болингер, професор по инфективни болести на Школата за медицина „Џонс Хопкинс“ во Мериленд. А младите имаат и помалку здравствени проблеми кои се составен дел на Ковид-19, болеста што ја предизвикува коронавирусот и што ја прават толку смртоносна, наведува Светската здравствена организација.

Африка со 50.000 случаи, што е мал процент во однос на 1,3 милијарди жители – е најмладиот континент на планетата. Повеќе од 60 отсто од жителите се помлади од 25 години. Во Тајланд и Наџаф во Ирак, властите увиделе дека возрасната група на луѓе помеѓу 20 и 29 години има најголема стапка на инфекција, но најмалку симптоми.

Наспроти тоа, во Италија, една од најтешко погодените држави, старосната граница е над 45 години. Просечната возраст на оние кои починале од болеста е околу 80 години.

Но во Јапонија, со просечно најстара популација во светот, се забележани само 606 смртни случаи. А во регионот Гвајас во Еквадор, епицентарот на заразата однесе можеби и повеќе од 7.000 животи. Тоа е најмладиот регион во земјата, каде само 11 отсто од жителите имаат повеќе од 69 години.

Муслимански храм во Најаф, Ирак

Културна дистанца

Културолошките фактори како социјалното дистанцирање, кое е вткаено во одредени општества, можеби ги заштитиле жителите на некои држави, велат епидемиолозите. Во Тајланд и Индија кадешто вирусот немаше застрашувачки бројки, луѓето и инаку се поздравуваат од дистанца.

Но во многу делови на Блискиот Исток, како што се Ирак и државите од Персискиот залив, мажите често се прегрнуваат и се ракуваат, па сепак не се разболуваат.

Она што се нарекува „национално дистанцирање“, исто така, имало некои предности. Експертите во Африка наведуваат дека помалиот број на патувања во странство бил една од причините за релативно ниската стапка на заразеност. Државите кои не се достапни заради политички причини, како што е Венецуела, или како последица на некој конфликт како Сирија и Либија, исто така, биле прилично заштитени.

Дизенфицирање на улиците во Џакарта, Индонезија

Топлина и светлина

Географијата на епидемијата, која во текот на зимскиот период се ширеше многу брзо во умерените климатски појаси на Италија и Соединетите држави, а речиси воопшто не во потоплите земји како што се Чад или Гвајана, сугерираше дека вирусот можеби не поднесува топлина.

Но се чини дека вирусот сепак е толку заразен што го обесмислува секој ефект од топлината или влажноста на климата, вели Раул Рабадан, биолог од Универзитетот Колумбија во Њујорк.

Некои други аспекти на потоплата клима, како поминувањето на повеќе време надвор, на отворено, исто така можат да помогнат.

Центарот на Сеул, Ј. Кореја, средина на март, 2020 г.

Брзи и строги мерки

Државите кои брзо се затворија, како што се Грција или Виетнам, успејаа заразата да ја задржат под контрола.

Наспроти тоа, контраинтиуинтивно, некои држави чиишто власти реагираа со задоцнување, исто така, се поштедени. Либан, чиешто муслиманско и христијанско население често патува на аџилак во Иран и Италија, според логиката требаше да има висока стапка на заразеност. Но, немаше.

Среќа

Повеќето експерти се согласуваат дека не постои еден фактор кој одлучува колку и дали некоја земја ќе биде погодена од вирусот. Повеќе е веројатно дека одговорот лежи во некоја комбинација на сите опишани фактори, како и на уште еден: обичната среќа.

Некои земји кои би требало да бидат погодени- не беа. Тајланд го пријави првиот случај надвор од Кина на средината на јануари, потекнувал од еден човек кој патувал во Вухан. Во тие неколку недели, Тајланд и натаму дозволуваше престој на туристи од Кина. А туристите не покренаа бран на зараза, како што се очекуваше.

Во Индонезија, пак, министерот за здравство зборувал дека е доволно граѓаните да се молат против ковид, а ниту тестови немало премногу. Сепак островите ги забранија патувањата и со тоа можеби го оневозможија ширењето на инфекцијата.

Контролен пункт во Уганда 

Извор: New York Times

 

Слични содржини

Општество / Јавни Простори

ОкоБоли главаВицФото