1030 hPa
80 %
0 °C
Скопје - Чет, 16.01.2025 03:59
Гордиот црв
Си бил еден горд, вознемирен црв.
На сите им врескал „во сè сум јас прв!
Мислите мал сум, ме викате ’црв’!?
Бујрум кај мене, ќе падне и крв!
На кого ли тука му е од мене трт?
Елате овде! Се борам до смрт!“
Се дуел, се силел, се пенавел тој,
па ја викнал скорпијата на мегдан, на бој.
„Страшна си ти, со опаш со боцка?
Дури око да трепне јас ќе те скоцкам!
Дојди бре, акреп! Ќе јадеш ти бокс!
Ќе ти го скршам тој грд и невидлив нос!“
И ракавици црвот за бојот си земал.
Ама изгубил. Оти, раце тој немал.
Бучната чавка
Си била една чавка што обожавала да грака
скокајќи си весело од гранка на гранка.
Имала таа што многу да каже,
но ја прекинал гавранот, лутото маже:
„Зошто си ваква хистерична чавка?
Уста не затвораш, везден ти џавкаш!
Колку си гласна, колку си бучна!
Од твоето гракање јас не се слушам!
Не ти е срам да гракаш наглас?
Да молчиш ти треба, ти кажувам јас!”
Чавката рекла: „Но, гракаш и ти –
ние сме од птиците зборлести.“
Ѝ вратил тој: „Мачкај ти очи на друг!
Од тебе да не чујам веќе ни звук!”
И, чавката летнала. Ѝ станало јасно,
па врз глава му пуштила поздравче сласно.
Совесната ајкула
Во морето ширно си живееше ајкула
што реши: ќе јадела само брокула.
„Јадењето брокула е чесно и здраво,
а голтањето риби е злосторство право!“
– ѝ рече на мајка си ајкулата млада
а таа ѝ одговори со очај и тага:
„Имаш ти правична и совесна душа,
ама лапни бар ракче или некоја скуша!“
Брокулата, знаеш, не расте во вода
и финансиски нè истошти новава мода!
Ние сепак сме ајкули и јадеме риби,
а брокула увезувам дури од Кариби!“
„Баш ми е гајле!“ ајкулата лута
продолжи пркосно брокула да бута.
„Предаторка јас одбивам да бидам
макар и очи веќе да не ви видам!“
И навистина, таа остана сама и тажна:
Никој не ја дружеше ајкулава важна.
Оти зад себе оставаше вода што смрди,
А знаете... од брокула многу се –––––
Илустрации: Јана Јакимовска
Извор: Чудна шума