И риба и девојка

26.05.2020 11:56
И риба и девојка

Женската нарав е како жерав. Зажарена за промени и лесни преслеки, зажеравена за преселби во летни предели. Арно ама, беше ти била една женка-будала која место жерав ми ти живеела ко јагула. И во сета будалија се ујдисала за бадијала та кинисала да се враќа од океан в река. Се кандисала за река што била ко неа напрека, ем инаетлија ем по малку табиетлија, инајџиче до последно дереџе. Угоре висока – удолу длабока, да тече попреку – да биде однаопаку. Каде други истекуваат таа да потекува, место да влегува на големо да излегува во маало. Од езерска рамна тепсија в тесно речно корито. Во струшкиот Дрим.

Во една ранопролетна квечерина со првото вдомување во Дримот, јагулата беше ми ти го заборавила своето рибјо минато та посегнала по својата иднина и тргнала да се задевојчува. Нашата јагулка станала невестулка токму ноќта спроти Лазара, кога кришем-слишем на копно се откраднала, цветој си поткраднала и ми ти беше дочула момче песнопојче. Едно видување – од ум штукнување. Момчето било на лице темникаво, на снага слабникаво, на уста алтанлија и за песни мераклија, па ечело по друмот крај Дримот. Јагулата сторена девојка се засрамила и сакала да му се извлече, тој тајум да не ја стигне и потајум навјаса, а неговата песна од сите страни да не ја превтаса. Арно ама, момчето било пргаво и едно штом краичком ока ја здогледало, погласно си запеало:

„Виур виур Гајтано! Кој те виур отвеа на квечеру на вода?“

Тука треба да спомнеме оти нашата риба-девојка била прекрасна глетка: веѓи гајтанлии, нозе дугајлии, на лице милозлија, при срце сербезлија. Со гајтан-снага и шејтан-трага. Лизна-мазна, да излизга, да не издраска. Ко врвца да се провре, ко зрак ништо да не допре. И пак сакала да го замелуши и од видик да му се мушне на момчето. Но и тоа било брзо, па бргу ја пресретило и уште појасно потсетило:

„Чевлите ти тропае како м'ска потковка!“

Вистина, девојката била преслечена во руба од риба и тоа не каква било ами цела јагула. Со срма порабени прслуци и сребро везени елеци, со тешки сребрени налани и кујунџиски колани. Со алтан китени скутини, само в очи златни дукати. И снагата суво злато вредела, та за неа нов стих се редел:

„Гајтанот ти ѕунеше как' от м'ска опашка.“

Таква била оваа девојка-јагулка. Вретено-вртена, вртена-сучена, сучена-вајана, виур-виорена, на извори доена. Ко ветре меѓу струшки куќи вијугана, ко змија низ трски вијугава. На лика лична, на слика слична, се заедно – одлична. И не била недолична, ко риба не молчела, чесно си признала, вистината на видело ја изнела.

На ова момчето се задумало и сетне тажна дума заумило:

„Ти не си златна риба што исполнува желби, туку змија сребрена која нив ги вжештува и згорештува, па в океан му ја спраштува. Јас нејќам мојве желби да испарат ко празни зборови. Сакам да опстојат ко силни борови. Кажи дали мојата весела песна е чинка во тажна приказна? Еден збор речи – и во заден чин ќе си излезам!”

А девојката бргу возвратила:

„Рибата-девојка не е златна да исполнува само желби трајни и неменливи. Таа остварува дури и мечти, менливи со лунарните смени заради своите постојани мени. Кога ќе ја понесе реката, во слатките води од сладост добива младост и се задевојчува. Па велат, ‘мома ли е јали момичка, со пролет прва другачка, со младост близна-близначка’. Кога ќе ја осоли океанот, таа оснажува и во храброст се окуражува. Па ќе речат, ‘женка е, но ко мажјак се одважува’! Толку е спретна и прилагодлива што дури и Дримот од својот тек јагулата ја иззема, а сѐ друго со себе носи и в заборав го повзема.“

Потем малку се замислила и конечен одговор му смислила:

„Нешто право ќе ти речам, а потем ти треба да пресечеш. Јас не сум лик од древна приказна, та да те намамувам и заведувам ем на мое да те наведувам. Оваа приказна е инаква. Поточно таа е таква каква сам ќе ја прекроиш, зашто судбината секогаш самиот си ја кроиш. За неа не треба да преговараш, оти за крајот секогаш сам ќе одговараш. Затоа размисли и одреди, дали верно ќе ме следиш.”

И се случило така што ниту еден кажан збор не пошол вересија, а од говорот се изродила чудесија. Оти од секој девојчин збор момчето раснело и се надраснувало. Најнакрај пораснало колку еден град скроен така, да ѝ биде верен слуга и домаќин, вечен роб и стопанин. Да ѝ постели речно корито како коритце за нејзината става, и едно езеро место огледало за нејзината лична глава. Го завикале Енхалон по јагулата што во него опстојува и неговото име до ден-денешен го удостојува.

(Расказот „И риба и девојка“ е објавен во третиот број на книжевната збирка „Очудувања“ во издание на „Бегемот“)

Слики: Chris Buzelli

Билјана Ѓонеска за Окно.мк

Раскажувањето приказни е како спроведување низ рударско окно, во некои длабоки и таинствени, но (про)осветлени просторанства. Сведочењето приказни, пак, личи на притаено ѕиркање низ сопствено прозорско окно, право во нечиј свет. Од таму, мигот кога нечие весело пропуштање приказни низ окно(.мк) е љубопитно следено од читателските очи, залепени за домашното окно(.мк), е миг на судбинска средба.

Билјана Ѓонеска мисли дека поглед упатен низ окно, е рамен на поглед вперен во око. Затоа го охрабрува секој упатен поглед (подзамижан, намигнат, ококорен, разврголен, низ прсти или под веѓи), со цел да се пресретнат погледите и светогледите, од писателите и читателите.

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото