Кога ќе затрепери безмилосното срце на Левијатан

26.05.2020 13:01
Кога ќе затрепери безмилосното срце на Левијатан

По два месеца пандемиска „идила“, кога на планетата – и во нејзиниот македонски папок, се разбира – владееше практично незапаметен консензус во однесувањето на луѓето, како и во постапките и мерките на безмалку сите заразени држави, деновиве, кога се подотворија вратите кон „нормалноста“ и кога нарасна нетрпението да се истрча надвор и да се отпочне повторно со „вистинскиот живот“, веќе почнуваме да ја слушаме вообичаената врева на разногласието, а медиумите почнаа да се полнат со вообичаеното количество лаги и нетрпение, глупост и омраза. Излегува дека упаѓањето во занданата на глобалната криза во којашто брзото реагирање беше изнудено од смртоносната експоненцијална динамика на пандемијата, светот го изведе многу, многу „полесно“ отколку што тоа ќе биде излегувањето од неа.

Еден од најинтересните аспекти на овој парадокс е дека консензусот беше постигнат, порано или подоцна, во секоја од државите зафатени со заразата, токму околу мерките за затворање на населението во нивните домови, околу полициските часови, затворањето на цели гранки на економијата, училиштата и универзитетите, практично одземањето на сите човечки, економски, социјални и културни права, за чиешто остварување најнапредниот и најдобриот дел од човештвото се бореше и гинеше цели векови. Сега, кога требаме да ги вратиме дерогираните права, разногласието, неслогата и спротивставените интереси избиваат на површина. Како е тоа можно: бегството од слободата го изведовме тивко и сложно – со незапаметен консензус, а сега – кога требаме да си ја повратиме и слободата и правата што ја чинат – самото спомнување на зборот „консензус“ буди сомнеж, одвратност и недоверба?

Бегство од слободата

Разгледувањето на ова парадоксално „бегство од слободата“ – како тоа Ерих Фром го нарече доброволното потчинување на модерниот човек на современите тоталитаризми и тирании – е особено плодно доколку овој потчинувачки феномен го разгледаме расчленувајќи ја неговата структура. Веднаш ќе дојдеме до заклучок дека двата основни учесници во феноменот – државите и нивните граѓани, постигнаа консензус притиснати од човековата најмоќна емоција – од стравот. Но, еден чекор потаму во анализата, ќе видиме дека стравот – тој најмоќен агент провокатор на корона пандемијата – беше различен кај политичките елити што ги управуваа државите од оној кај нивните граѓани. Државите се уплашија дека деструктивните ефекти на епидемијата бесповратно ќе ја урнат верата во нив самите, додека луѓето се уплашија само за своите голи животи.

И повторно, колку и да се различни овие два страва, тие обезбедија конвергентни ефекти: државите ги ставија своите граѓани во куќен притвор, а граѓаните тоа го прифатија – видовме сите – буквално со песна од прозорците и балконите на нивните затворски ќелии. На прв поглед, ова совпаѓање на стравовите што го предизвика неподносливо лесното вонсудско притворање на нациите од страна на нивните држави и распеаното бегство од слободата на притворените, ќе ја замати сликата за нивната суштинска разлика и дури исконска спротивставеност. Зашто во двата случаи се работи за страв за голиот живот, но додека луѓето се уплашија за својот биолошки опстанок, државниот Левијатан – тоа митско чудовиште што владее и се храни со луѓето – се уплаши за опстанокот на религијата со помош на која владее, се уплаши од поткопувањето на верата во неговата моќ, што очекувано ќе предизвика рушење и на величествените куполи на државата-црква. Значи, не се уплашија државите за животите на своите граѓани, туку се уплашија дека неконтролираното беснеење на чумата ќе ја оспори нивната – државната – инаку неспорна власт над голиот живот на луѓето.

 

 

Драконски мерки какви што немало ни во војните

Токму поради стравот дека ќе ја изгубат контролата над животот и смртта на луѓето – што така арогантно ја држат, и толку безмилосно ја одржуваат – државите преземаа драконски мерки какви што не беа преземале ниту во најкрвавите години на најужасната од сите војни. Можете да проверите и самите, почитувани читатели, но вакви полициски часови не владееја со Европа ниту во оловните години, од 1941 до 1945. Практично само еден подраконски чекор презема Левијатан во одржувањето на својата биополитика, и тоа е крајниот спазам на разулавеното чудовиште, кога во одбрана на голиот живот почнува да ги одзема животите на луѓето. Само стравот за сопствениот опстанок може да го растрепери суровото и ледено срце на државата. И, тоа е веројатно најточното објаснување на унисоното и неподносливо лесно притворање на две третини од човештвото.

Конечно, ниту една држава не му одолеа на искушението, иако повеќе се обидоа да го негираат и потценат. Кина – веројатно најфункционалното државиште на планетата – многу бргу сфати дека се бори за опстанокот на државната религија и прва притвори 80 милиони луѓе. За тоа време ги следев дискусиите во земјите на „развиениот Запад“, во „колевките на слободата“, како бамборат дека такви драконски мерки може да си ги дозволи само една тоталитаристичка земја, додека во земјите на либералната демократија притворот на населението бил незамислив. И, сите видовме како жариштето на епидемијата и неоправдано многуте смрти се селат токму во земјите што ја негираа опасноста и ги критикуваа „престрогите“ мерки на Кинезите, и тоа најмногу во земјите со глупави лидери чијашто ароганција не им дозволи да ја согледаат природата на опасноста. Додека мислеа дека се работи само за човечки животи, ја негираа опасноста од чумата, но кога со задоцнување сфатија дека во опасност се тие самите и нивните државни храмови, сите ги воведоа полициските часови, се разбира, откога го обезбедија експоненцијалниот скок на заразата.

И, кога веќе спомнав глупави лидери, не можам а да не го споделам со вас, почитувани читатели, нагонот за повраќање што ми го предизвика одвратното лигаво лицемерие на вмровската лидерска глутница како кењави дека не ја сакаат власта, и не ги сакаат изборите – кои сигурно ќе ги добиеле! – ако цената за тоа да била само еден непроценливо скапоцен живот!? Офлелемајко! Да беше на власт вмровскиот левијатан, изборите ќе ги одржеше среде чума, во 72-саатен полициски час, без присуство на граѓаните, со однапред наполнети избирачки кутии, се разбира – поради безбедноста на нивното здравје. Има ли уште будали во библиската земја што им веруваат на овие социопати?

Цртежи: Dan Perjovschi

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото