Скок во иднината: патот од 1895 до 2019

26.05.2020 15:51
Скок во иднината: патот од 1895 до 2019

„Временска машина“ од Х.Џ. Велс е едно од првите дела кои ја обработуваат темата на патување низ времето. Објавен во 1895, овој роман дава слика за тогашниот Викторијански период, како и слика за тоа што нѐ чека во иднина. Под влијание на Индустриската револуција и технолошкиот напредок, како и теоријата за еволуција на Дарвин, „Временска машина“ прикажува свет со кој човек пристигнува токму со употреба на технологија и воочува како човекот еволуирал илјадници години во иднината. Користејќи ја временската машина, нашиот протагонист пропатувал до далечната 802 701 година, каде што се соочува со иднината на човечката раса и нејзиното преполовување на две човеколики суштества. Неговото патување, без разлика дали е вистина или добро изведен трик, е опишано со сите детали, сѐ со цел да бидат сите убедени во вистината на неговите зборови.

Како што главниот лик скока во иднината повеќе пати, така и самиот роман, со секоја адаптација и секој превод, го прави тој скок од далечната 1895 до сегашноста. Неодамна, романот скокнал во иднината со преводот од страна на Јулија Петровска, издаден во 2019 за издавачката куќа Херои (Heroes Publishing).

Преводот, главно, сметам дека е доволно добар за да го привлече вниманието на читателот и да го внесе во тој далечен иден свет. Самиот наратив може претставува предизвик бидејќи се работи за наратив во наратив. За повеќе детали би издвоила еден извадок од Beginning Theory: An Introduction to Literary and Cultural Theory, каде Peter Barry ги дискутира двата типа на раскажувачи: „Првиот тип на раскажувач, хетеродиегетскиот, не е дел од наративот кој тој или таа го раскажува; оваа личност нема никаква улога во настаните кои ги прикажува. Меѓутоа, втората класификација на раскажувач, хомодиегетскиот, на некој начин има улога во наративот; овој раскажувач може да го претстави наративот од негово или нејзино лично искуство.“ (Barry, 2002). Сметам дека е важно да се разликува помеѓу двата раскажувачи во самото дело, бидејќи едниот нѐ убедува во својата приказна, а пак другиот на некој начин нѐ претставува нас читателите, кон кои е насочено тоа убедување. Во овој превод, оваа поделба е задржана и јасна. Впрочем целиот превод го доловува тоа живописно прикажување на нештата. Исто така, зачувана е и таа мистерија што владее во делото, како на пример прикажувањето на ликовите само според нивните професии, како и мистериозноста на самиот крај на делото. Но, сепак има простор за подобрување, како и неколку работи кои доколку би се промениле и/или тргнале, би го направиле овој превод уште подобар.



Би почнала од самото име на главниот лик. Овде е преведено како Патникот низ времето, кое уште од самиот почеток сакав да го заменам со Времепловецот. Овој збор постои кај нас и одговара совршено на оригиналот. Згора на тоа, економичен е. Можеби еднаш ако е наведен нема да направи многу разлика, но Патникот низ времето се јавува повеќе пати и дополнителните зборови само се трупаат. Иако е точно Патник низ времето, Времепловец е веќепостоечко и прикладно решение.

Следни се алузиите. Иако се неколку на број, сметам дека е важно да ги знаеме причините зад кои тие воопшто се спомнати. Имено, станува збор за Nebuchadnezzar phase, The Linnaean (Society) и "The Land of the Leal". Алузиите или можат да се заменат со некоја парафраза што ќе го доближи делото до читателот, или пак само да се преведат. Доколку само се преведат без некаков контекст, најверојатно ќе ги прескокнеме (како што направив јас) и нема да го побараме нивното значење. Но, еден труд кој ги разгледува алузиите детално, The Time Machine in the course of a time: a comparison of three Czech translations of the Time Machine by H. G. Wells од Jiří Kozmér, ми ја укажа нивната важност. Nebuchadnezzar phase е библиска алузија од „Стариот завет“ и алудира на изгледот на Времепловецот по неговото патување, дека бил „изнемоштен, дезориентиран и неговите алишта се доста износени“ (Kozmér, 2017), па затоа е спореден со Набукодоносор II, крал кој 7 години живеел меѓу ѕверови и добил сличен изглед. The Linnaean Society пак е „најстарото биолошко здружение [...] кое ја документира светската флора и фауна.“ (Kozmér, 2017), на чиј состанок учествувале Медицинарот и Хилиер. Последното,"The Land of the Leal"е песна која Времепловецот си ја запејува за да го прослави пронаоѓањето на кутија со кибритчиња. За да ни се нам овие алузии појасни, доколку само се преведат сметам дека може да се додаде фуснота со нивно објаснување со цел читателот да го добие контекстот и да сфати зошто се тие токму таму уботребени. Во преводот, само за "The Land of the Leal", преведено „Земјата на Лојалните“, е дадена фуснота за што претставува самата песна и е наведено дека истата е во слободен препев. Останатите две се само преведени, без да биде даден некаков контекст. Сметам дека треба и на преведените набукодоносорски фази и Линијан да им се даде фуснота со објаснување од две причини: да се даде нивниот контекст и да се искористи еден ист конзистентен преведувачки метод за сите употребени алузии.



Последно, ќе се задржам на говорот на главниот лик. Како што напоменав, Времепловецот живописно го прикажува светот од иднината, сите работи што ги доживеал, сите ситни детали што ги видел, сѐ со цел да го убеди својот круг на пријатели во вистината на неговото патување. Како и за сите останати ликови, така и за него малку ни е познато, освен тоа што е заинтересиран во науката и создал временска машина. Во својот труд Entwined Consciousness: "The Internalized External Narrative of H.G. Wells' The Time Machine", Brighid Kelly вели дека тој е опишан како: „[...] човек кој е способен слободно да патува низ времето, со што му се доделува доста исклучителен и уникатен назив кој го издвојува од посекојдневните лица како Провинцискиот градоначалник и Психологот. Меѓутоа, истовремено неговиот идентитет е сведен на неговата основна функција во приказната: тој е човекот кој патувал низ времето и оттука па натака ќе е познат како Времепловецот.“ Со тоа, единствениот начин да дознаеме каков е Времепловецот е според неговиот говор и начин на раскажување. Описите и самата приказна се точно доловени, без ништо да е испуштено. Исто така се јавуваат и некои англицизми и технички термини кои ги очекував бидејќи станува збор за научник, па така не ги земам за зло. Меѓутоа, има моменти каде начинот на говорење не соодветсвува со ликот со којшто донекаде сме се запознале. Станува збор за неколку изрази како што се: веќе се фати на орото, ќешки да бев и малтене отровно. Овие изрази не ги сметам за изрази што Времепловецот би ги употребил и истите не одговараат со целиот начин на раскажување бидејќи се чинат доста колоквијални. Во самиот оригинал, изразите: You are in for it now, If only I had и poisonous-looking се неутрални и стандардни. Би ги заменила со понеутрални варијанти како: (кога) веќе си тука, камо (ли) и налик/се чини.

Има и други ситници кои лично би ги сменила, но општо не претставуваат проблем. Во секој случај, преведувањето не е лесно и совршеност во превод не постои. Се разбира дека ќе настанат неколку измени во преводот бидејќи станува збор за два различни јазика. Но, важно е да се долови приказната во целост, како и намерата зад неа. Оригиналот ни нуди две можности: или да веруваме во тоа дека навистина Времепловецот отпатувал во иднината, или пак да сметаме дека сето ова е вешто изведен трик. Истите можности треба да ни ги понуди и преводот преку јазикот и неговата сеопфатност. „Временска машина“ (2019) ни ја дава таа можност, но, како и кај секој превод, секогаш има простор за подобрување. Истражување и претпазливост се две работи кои ќе направат разлика во исходот од преведувањето на "The Time Machine", па можеби следниот скок во иднината што ќе го направи ова дело преку преводот ќе биде уште поголем и уште подобар.

Користена литература:

Barry, P. (2002). Beginning Theory: An Introduction to Literary and Cultural Theory. Manchester University Press

Kelly, B. (2013). Entwined Consciousness: The Internalized External Narrative of H.G. Wells' The Time Machine (Senior thesis, Haverford College). Retrieved from: https://scholarship.tricolib.brynmawr.edu/handle/10066/11247

Kozmér, J. (2017) The Time Machine in the course of a time: a comparison of three Czech translations of the Time Machine by H. G. Wells (Bachelor thesis, Univerzita Karlova, Pedagogická fakulta). Retrieved from: https://dspace.cuni.cz/handle/20.500.11956/85180


Слики од филмот „Временска машина“ на Џорџ Пал, 1960

Слични содржини

Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото