Утре престанува полицискиот час, терасите на кафулињата се отвараат во четврток

26.05.2020 20:46
Утре престанува полицискиот час, терасите на кафулињата се отвараат во четврток - состојбата е под контрола рече премиерот Спасовски

Од утре нема да има полициски час, а в четврток ќе почнат со работа терасите на кафулињата и рестораните, одлучи Владата на денешната седница.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски на прес-конференција кажа дека одлуките за укинување на рестриктивните мерки е донесена по препорака на Комисијата за заразни болести.

„Денешните одлуки се донесени бидејќи состојбата е под контрола, а зголемениот број на новодијагностицирани изминатите денови е резултат на непочитување на рестриктивните мерки“, кажа Спасовски.

Кафулињата и рестораните ќе работат по определени протоколи за летни тераси, а за затворените делови начинот на работа ќе се регулира во понатамошна фаза. Како што кажа Спасовски, од 1 јуни ќе престанат да важат ослободувањата од работа односно администрацијата ќе треба да се врати на работните места. Оваа одлука нема да важи за хронично болните и оние кои имаат деца до 10 години додека не се отворат градинките.

„Задолжителниот карантин се заменува со домашна изолација, доколку лицата приложат негативен тест за коронавирус направен последните 72 часа пред да влезат во земјава. Сите лица кои се во државен карантин може да направат тест на свој трошок и доколку имаат негативен да одат во домашна изолација“, кажа Спасовски.

Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести да направи проценка за отворање на границите и да направат протоколи за влез и излез од земјава и за работа на хотелите.

Полицискиот час како мерка против ширење на коронавирусот беше воведен на 22 март. Првиот полициски час беше од 21 до 6 часот наутро. Оттогаш па наваму се менуваше времето за забрана за движење во зависност од бројот на новозаболени лица и ширење на вирусот.

Слика: Мурал на Андреј Митевски (бетонски елемент кај Железничка станица, Скопје)

Извор: СДК.мк