Млади изработија над 200 видеа со поими од македонскиот знаковен јазик

28.05.2020 10:37
Млади изработија над 200 видеа со поими од македонскиот знаковен јазик

Младинското здружение на глуви и наглуви ,,Млад знак” изминатиов период напорно работеше во создавање на серија од кратки видеа со кои ќе ги поттикнат родителите на малите деца со оштетување на слухот да го научат знаковниот јазик.

„Овие видеа се изработени со многу љубов за време на карантин“, стои во нивната објава на Фејсбук, каде најавија дека изработиле над 200 видеа на 17 разни теми.

Видеата се придружени со визуелен приказ на значењето на знакот и како што велат, овие знаци се доволни за родителите да можат да ги користат во домашни услови.

„Знаковниот јазик е природниот јазик на глувите деца, меѓутоа со оглед на тоа што 95% од глувите деца се раѓаат во семејства во кои родителите слушаат и обично не го знаат знаковниот јазик, повеќето од овие деца многу доцна или воопшто не се се изложуваат на знаковниот јазик, што може да резултира со задоцнет когнитивен развој и помалку шанси успешно да го совладаaт јазикот. Раниот пристап до нивниот природен јазик и квалитетно образование на знаковен јазик е основа за развојот на глувите деца и добивање можности за напредок на еднаква основа со сите останати“, велат од „Млад знак“ за Радио МОФ.

Поради ова, тие сакаат да ги поттикнат сите родители кои имаат деца со оштетување на слухот да им обезбедат на нивните деца пристап до знаковен јазик веднаш по откривање на оштетувањето на слухот. На тој начин, сметаат од „Млад знак“, тие ќе им помогнат да го развијат јазикот на своите деца, ќе им ја олеснат комуникацијата и ќе им овозможат можност за напредок исто како нивните врсници без оштетување на слухот.

„Во нашата држава обуки за македонски знаковен јазик бесплатно се спроведуваат за сите заинтересирани родители кои имаат деца со оштетување на слухот од страна на Сојузот на глуви и наглуви лица“, посочуваат од „Млад знак“.

Оние, пак, кои сакаат да ги научат основите, користејќи ги нивните видеа, може да ги контактираат на mzgn2019@gmail.com или преку порака на нивната Фејсбук страница.

Здружението инаку постои веќе една година, а е основано со цел за подобрување на квалитетот на животот на младите, квалитетно образование, негување и афирмација на културата и македонскиот знаковен јазик и подигнувањето на јавната свет за лицата со оштетен слух.

Извор: Радио МОФ

 

ОкоБоли главаВицФото