„Малите суштества од станот што се реновира“ - изложба на Ненад Тонкин

28.05.2020 13:41
„Малите суштества од станот што се реновира“ - изложба на Ненад Тонкин

Во петок (29 мај), во галеријата КО-РА при Домот за култура „Кочо Рацин“ во Скопје, ќе биде отворена изложбата на скулптури од Ненад Тонкин со наслов „Малите суштества од станот што се реновира“. Отворањето на изложбата е најавено за 12 часот. 

„Малите суштества од станот што се реновира“ е ликовен проект започнат во април 2015 година во еден стан кој не случајно тогаш се наоѓа во почетна фаза на темелно реновирање. Концептот, преку реализација на скулптури единствено изведени од материјали и предмети пронајдени во тој стан претставува илустриран детски страв: страв од седење дома сам, страв од чудовиштето под маса, под кревет или внатре во плакарот, страв од темно, страв од струја да не те утепа, страв од неживи предмети дека ќе оживеат и ќе те изедат ...“, вели авторот. 

Преку станот што се реновира се демистифицираат сите стравови, воедно се деконструираат преку станот кој е соголен и ослободен од сите замки и тајни места каде би можеле да се кријат потенцијалните извори на стравовите, малите страшни суштества. А „малите суштества“ се ликови со посебен карактер и уникатни способности. Секој лик има своја сериозна улога и придонес во живоста на станот. Позади секој од нив стојат специфични приказни најчесто со комична содржина. Комична затоа што само на тој начин стравот ја губи својата моќ, спласнува и е подносливо достапен. Но, најважно, сето ова не би било возможно доколку на почетокот не постоеа овие прашања: Дали кога дома ни е потполна тишина навистина е потполна? Дали и кога сме сами сме потполно сами? Што е тоа што тишината ја прави толку гласна, а празниот простор толку полн? И што се случува ако малку прочепкаме позади некој ормар, помеѓу процепите на стариот паркет или околу циглите што ѕиркаат во напукнатиот ѕид? Кој ли сè ни живее дома без да забележиме, а и ако забележиме сепак не сме свесни? Можните одговори на сите овие прашања единствено се наоѓаат само на едно место - во станот што се реновира.

Малите суштества се таму, секогаш. И чекаат!

Ненад Тонкин (Скопје, 1978) е дипломиран вајар и сценограф на Факултет за ликовни уметности во Скопје и дипломиран професор по предучилишно воспитание на Педагошки факултет Св.Климент Охридски - Скопје. Од учебната 2019/2020 е запишан на магистерски студии на ФЛУ, отсек вајарство. Од 2014 година до сега има реализирано две самостојни ликовни изложби во Гевгелија и Кичево и повеќе групни во Македонија, Италија, Германија, Словенија и Црна Гора. Компонирал музика за повеќе од 10 театарски претстави и работел сценографија за театар (три претстави) и филм (два краткометражни филма). Како член на бендот Bei The Fish има реализирано четири студиски албуми и многу концерти низ Европа, а од 2013 издава своја авторска музика како Mammoth & Yashem, досега има објавено три кратки изданија. Бил дел од организацискиот тим на првото издание на фестивалот КРИК, а сè уште е дел од тимовите на фестивалот Прво па Женско и настанот Пич Прич. Од 2018 го започнува ликовниот проект Визија Скопје кој вклучува повеќе ликовни уметници и студенти по ликовна уметност и архитектура. Визија Скопје има за цел преку саркастичен, хумористичен, но и сериозен пристап да понуди можни решенија за изгледот на централното градско подрачје и пошироко.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото