1019 hPa
51 %
16 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 15:59
Реката е направена од вода, камења и риби.
Реката секогаш заминува, а никогаш не си оди. Таа дење служи како огледало за птиците, а ноќе за ѕвездите.
Реката везден нешто дрдори и зборува, а ништо не разбираш. А да ги прашаш рибите, од нив ништо не можеш да дознаеш, оти само ќутат.
Превод: П. В.
Григор Витез (1911-1966) бил југословенски поет, писател за деца и преведувач. Се смета за зачетник на модерната хрватска и југословенска книжевност за деца. Пред Втората светска војна бил учител, а по Војната работел во Министерството за просвета и во издавачката куќа Младост.
Главно пишувал поезија за деца. Ги издвојуваме збирките: Prepelica (1956), Sto vukova (1957), Kad bi drveće hodalo (1959), Jednog jutra u gaju, izbor (1961), Iza brda plava, izbor (1961), Hvatajte lopova (1964), Gdje priče rastu (1965) и Igra se nastavlja, посмртно (1967). Објавил и неколку поетски збирки за возрасни: Pjesme, Naoružane ruže, Povjerenje života и Kao lišće i trava. Преведувал од руски, француски и словенечки. Особено се ценети неговите преводи од руски. Исто така, сочуван е дел од неговата преписка со Пастернак, кого го преведувал.
Стиховите за деца му се складни, лирични, музикални, често необични... Сликите и ситуациите во неговите песни исто така често се нетипични, нови, непредвидливи... Веќе со првите книги за деца Витез се издвоил од преовладувачката поезија на своите претходници и современици преполни со баналност и дидактичка досада. Неговите песни настануваат од длабочината на малото суштество кое допрва го осознава светот, низ игра на јазикот и фантазијата, зачуденоста и радоста. Поради иновативноста, креативноста, актуелноста и духовитоста Витез имал голем број читатели низ цела Југославија. Неговите песни за деца се преведени на речиси сите европски јазици.
Голем број градинки и основни училишта во Хрватска го носат неговото име.
Неговото име го носи и најважната и најстарата хрватска награда за писателите и ликовните уметници што создаваат за деца. Наградата е востановена 1967 година.