Најблескавата ѕвезда на светската книжевност

28.05.2020 16:36
Најблескавата ѕвезда на светската книжевност

 

  Госпоѓа Даловеј (Mrs. Dalloway) е маестралното дело со кое Вирџинија Вулф за прв пат запливува во свеста на своите ликови и ги поставува темелите на еден нов жанр во раниот модернизам кој тогаш станува познат како „тек на свеста“. Во него, чувствата, мислите и спомените на ликовите се исто толку битни колку и описите на нивниот физички изглед и дејствата кои се одвиваат во надворешниот свет. Преку главните ликови, Септимус и госпоѓа Даловеј, во кои всушност се кријат многу нејзини особености, авторката ги обелоденува актуелните проблеми на времето во кое живее: преку ликот на Клариса Даловеј, потиснатата социо-економска положба на жените, а преку Септимус, односот кон луѓето кои се на работ на лудило.

Како што Вирџинија Вулф самата вели, таа сакала „да ги претстави и животот и смртта, и разумноста и лудилото. Да го критикува општествениот систем и да покаже како тој функционира кога е најнапрегнат“ (Woolf, 1953: 56). Зоран Пауновиќ во една своја статија посочува дека првичната замисла на авторката била на крајот од делото, Клариса Даловеј да си го одземе животот, но кога тоа се променило, „длабочината на поистоветувањето и приврзаноста која ја чувствувала кон својот лик ја натерала да создаде уште еден лик, млад воен ветеран [ Септимус ] кој ќе умре наместо Клариса . Така на одредено време ќе успее да ја измами и сопствената желба за исчезнување.“ (Пауновиќ, 2011)

Но, овие два гласа не се единствените кои можат да се слушнат во делото. Вулф мошне прецизно и посветено ја ткае наративната нишка низ умовите на своите ликови, за на крај да ни претстави една цела палета од комплетно оформени, тродимензионални луѓе, со сите нивни доблести, маани, искуства и тајни. Ни дозволува да го видиме светот низ нивните очи, но, и нив низ очите на светот. Всушност овде можеби се крие и најтешкиот предизвик на преведувачот: умешноста да ги отслика овие ликови, да нè прошета по стапките на госпоѓа Даловеј, без притоа да нè загуби негде во умствените процеси на Реција, Септимус, Ричард, или Питер Волш.

Токму овој страв, да не се погреши, кој во голема мера е и оправдан, имајќи ја во предвид величината и значајноста на авторката, јасно се насетува во преводот на Госпоѓа Даловеј на Зорица Теофилова од 2015 година, во издание на АД ВЕРБУМ, објавен како дел од проектот „Ѕвезди на светската книжевност“. Се чини дека преведувачката обидувајќи се да не го изгуби богатиот стил со кој е напишан оригиналот, многу блиску ги следела англиските реченици, целосно задржувајќи ја нивната конструкција и редоследот на зборовите, така што за македонските читатели тие звучат помалку чудно и нејасно.

На пример кога Клариса ја опишува љубовта кон животот и вели: “For Heaven only knows why one loves it so, how one sees it so, making it up, building it round one, tumbling it, creating it every moments afresh – but the veriest frumps, the most dejected of miseries sitting on doorsteps (drink their downfall) do the same; can’t be dealt with, she felt positive, by Acts of Parliament for that very reason: they love life.” (Woolf, 1925: 4), Теофилова напишала, „Само Господ знае зошто човек толку го сака, зошто го гледа како такво, го создава, го гради околу себе, го урива и одново го создава секој миг во најзаостанатите и најпотиштените што седат на праговите од своите куќи (пиејќи ја својата пропаст) го прават истото; со нив не може да се излезе на крај сигурна беше таа, со одлуки на Парламентот, токму поради таа причина: бидејќи го сакаат животот.“ (стр. 8). Сличен буквален превод гледаме кај “…Moll Pratt…would have tossed the price of a pot of beer - a bunch of roses – into St James’s Street out of sheer light-heartedness and contempt of poverty…”(17) - „ или ќе ја расфрлаше по улицата Сент Џејмс вредност на една кригла пиво, букет рози, чисто од расположеност и од презир кон сиромаштијата...„(20), иако овде можеби би било подобро да се приспособи реченицата да биде разбирлива на целниот јазик (пр. „...ќе фрлеше рози, во вредност од цел лонец пиво по улицата Сејнт Џејмс, чисто од радост и во знак на презир кон сиромаштијата... “). Уште еден случај на ваква невообичаена и нетипична конструкција во македонскиот јазик може да се забележи кога Питер Волш мечтае за жената која ја здогледува на улицата и се решава да почне да ја следи - „Дали, се прашуваше додека таа чекореше, е чесна? „ (49) (“Was she, he wondered as she moved, respectable?”(49)). И покрај тоа што мислам дека „чесна“ овде не е соодветен превод на “respectable”, тоа што повеќе ми боде очи е поставеноста на зборовите. Имено, сметам дека прашањето, вака расцепкано, може само да го збуни читателот и да ја наруши читливоста на делото, па можеби посоодветно решение тука би било „ Дали е чесна? се прашуваше додека таа чекореше.“

Но, редоследот на зборовите во реченицата не е единственото нешто што преведувачката се обидувала да го остави непроменето. Иако, за пофалба, се наоѓаат и некои интересни преводни решенија, за жал има и такви кои што не се вклопуваат ниту во македонската синтакса, ниту општо во духот на јазикот. Па така “evanescent girl” станало „воздушеста девојка“ небаре е надуена како балон или тесто и одењето на кино ( “to see pictures” ) станало „да ги видат сликите“. Исто така, треба да се воочи дека на моменти преведувачката од некоја причина користела директен говор каде што очигледно се работи за мисли на ликовите - “ Why wouldn’t she ask him to her party?” (38) - “Зошто нема да ме поканиш на забавата?„(39). А некои недоследности можат да се забележат и во пренесувањето на времињата особено со предминатото време – “never had she admired her so much!”(33) е преведено како „никогаш не и се восхитуваше толку многу!“(35) иако јасно станува збор за нешто што се случило одамна, пред некое друго минато време.

Вниманието ми го задржа зборот “buccaneer” што има две значења од кои веројатно етимолошки едното е произлезено од другото. Првото значење е тоа на пират или поточно гусар – Огнен Чемерски во Триста Ветрила! прави разлика помеѓу пирати и гусари споредувајќи ги со „башибозук“ и „армија“. Гусарите се лиценцирани, дозволени од државата додека пиратите не се (Чемерски, 2015: 114-115) - кој оперирал во пределот на Карипските острови, а другото, е тоа на неразумна, авантуристичка и нескрупулозна личност. Во случајов, очигледно е дека станува збор за второто значење, но Теофилова сепак се одлучила да го преведе како „гусар“ најверојатно не сакајќи премногу да го одомаќини текстот со решение како што е на пример “разбојник„ или „паравојник“, што е сосем прифатливо ако се има на ум авторитетот на зборовите на Вирџинија Вулф.

За крај би сакала да споменам дека често, низ преводот се провлекуваат и печатни грешки кои најверојатно се последица на невнимание (на преведувачката, лекторите и уредниците) или можеби на недоволното време предвидено за процесот на преведување, но, сепак придонесуваат текстот да изгледа немарен и неуреден. Па така, наместо бучава има „бушава“ што доаѓа од улицата и наместо во пресрет, во „престер“ му се тркала иднината на Питер Волш.

Што се однесува до стилот, преведувачката успеала да го задржи духот на оригиналот, останувајќи доследна на регистарот на Лондонската висока средна класа од почетокот на 20-тиот век.

И имајќи ги во предвид горенаведените забелешки би можело да се каже дека преводот е читлив, и разбирлив за обичните читатели. Но, се разбира,ниту еден превод не е совршен и секогаш има простор за подобрување. Би било вистинска штета дело со ваква тежина и вредност како што е Госпоѓа Даловеј да се чита површно, само колку да се тргне од списокот на книги за читање. Навидум наивната приказна за средовечната жена чија единствена цел во животот е да приредува забави, всушност ги крие радикалните ставови на Вирџинија Вулф кон љубовта, слободата, местото на жената во тогашното општество како и местото на луѓето со нарушена психичка состојба. Убавината, суштината и главните пораки се скриени во нејзините живописни описи и долгите сложени реченици, и со секоја најмала грешка таа убавина бледнее, суштината се поткопува, а пораките се губат.

Слики од филмот „Гопспоѓа Даловеј“ во режија на Марлин Горис, 1997

Слични содржини

Книжевност / Теорија
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото