1018 hPa
70 %

4 °C
Скопје - Саб, 15.02.2025 21:59
Сакаме да веруваме дека сето зло на нашата планета можеме да го отстраниме, едноставно, со обединување на поединечните демократии, на континентите и, на крај, на целиот свет. Притоа секогаш ги имаме предвид сојузите какви што се, на пример, САД и Швајцарија.
Што се однесува до САД, тоа е модел според кој Европа не може да се организира зашто не станува збор за сојуз на различни ентитети. Нема вистинска разлика меѓу населението, јазикот, обичаите и расите кои живеат во различните американски федерални држави. Станува збор за еден американски народ, кој живее во САД кои се плурални според името, но не и во реалноста. САД не се земји, САД е земја. Она што како поука може да се извлече од американската уставна слика е дека, и покрај униформноста, многу попрактично е да се подели државата во 48 држави отколку да се направи обид за управување со целиот континент преку претставник од Вашингтон. Тие разлики се вештачки создадени зашто се покажало дека тоа полесно ќе се оствари со сојуз отколку со унификација.
Се смета дека Швајцарија многу повеќе е доказ за остварливоста на унионистичките сништа отколку САД, дури и кога тоа се однесува на Европа, каде што не постои униформа, единствен тип Европјани, ниту заеднички јазик, а уште помалку заедничка култура и историја. На малиот простор на Алпите, три архинепријателски народи, Италијанците, Германците и Французите се обединија во име на заедничката слобода, мир и економски напредок. За унионистите Швајцарија е вечен пример за практичната спроведливост на заедничкото живеење на различни нации и заради тоа тие ја слават како своја света земја. Меѓутоа, швајцарската реалност докажува и некои сосема различни тези. Трите етнички групи, а да не ја споменуваме ретороманската како четврта националност, се поделени на тој начин што 70 проценти зборуваат германски, 20 проценти француски и 10 проценти италијански. Доколку овие три групи беа темел на фамозниот швајцарски сојуз, тоа ќе резултираше со неизбежна доминација на германскиот говорен блок над останатите две националности, кои ќе беа деградирани на логички статус на малцинство затоа што се само триесет проценти од вкупното население. За таков развој би придонеле токму правилата на демократијата и во тоа германско опкружување би исчезнала причината за постоењето на француската и италијанската заедница. Не би имало смисла да се спречи нивното многу пологично обединување со нивните сонародници кои заради бројноста ги втемелија моќните нации Италија и Франција. За германскиот блок уште понелогично би било да остане надвор од Рајхот. Вистинскиот темел на швајцарската егзистенција и начелото на заедничко живеење на различните национални малцинства не е во федерацијата на нејзините три националности, туку во федерацијата на нејзините дваесет и две државички, и тоа е поделба на нејзините националности што создава битни услови за секоја демократска федерација: физичка рамнотежа на учесниците, приближна еднаквост на бројот. Големината на швајцарската идеја лежи во ситноста на нејзините ќелии од кои произлегуваат нејзините права. Швајцарецот од Женева не му се спротиставува на Швајцарецот од Цирих како конфедерален Германец на конфедерален Французин, туку како конфедерален член на републиката Женева во однос на конфедералниот член на републиката Цирих. Граѓанинот на Ури, каде што се зборува германски е многу повеќе странец со граѓанинот од Антервалден, каде што исто така се зборува германски, отколку што е со граѓанинот од Тесино, каде што се зборува италијански. Меѓу кантонот Св. Гален и швајцарската федерација нема посредничка организација во форма на "германски говорни кантони". Власта посредувана од Берн произлегува од мали републики членки, а не од националноста, со оглед на тоа што Швајцарија е сојуз на држави, а не на нации. Важно е да се сфати дека во Швајцарија, кажано со груби бројки, живеат седумстотини илјади жители на Берн, шестотини и педесет илјади жители на Цирих, сто и педесет илјади жители на Женева итн., а не два и пол милиони Германци, милион Французи и половина милион Италијанци (според податоците од 1941 година). Големиот број кантони горди на својата демократија и речиси целосна сувереност, како и малиот број кантонално население, ја исклучува секоја можна империјалистичка амбиција на сметка на кој било кантон затоа што секогаш е можно надгласување дури и со мала комбинација на останатите кантони. Но доколку во стилот на современата симплификација и рационализација победи обидот за реорганизација на Швајцарија врз темелот на нејзините националности, дваесет и двете "непотребни" државички со своите одвоени парламенти и влади ќе станат само три провинции, и тоа не на Швајцарија, туку на Германија, Италија и Франција.
Леополд Кор (Leopold Kohr, 1909-1994) - економист, правник и политиколог познат по своите ставови против „култот кон величината“ во социјалната организација, и еден од оние кои го инспирираа движењето „помало е подобро“. Себеси се опишуваше како „филозофски анархист“. Негово највлијателно дело е The Breakdown of Nations.
Кол протестираше против „култот на величината“ и економскиот раст, и го промовираше концептот за живот во мали комуни. Негови аргументи беа дека масовната надворешна помош за посиромашните нации ги задушува локалните иницијативи и учества. Неговата визија повикува на ослободување од централизираните политички и економски структури во корист на локалната контрола.
Леополод Кор е еден од предвесниците на Европската унија кој уште во триесетите и четириесетите години на минатиот век објавувал написи во кои ја промовирал таквата идеја.
Избор и превод: Никола Гелевски
Гиф: Александар Јосифовски
Извор за текстот: Small Is Beautiful: Selected Writings from the complete works. Posthumous collection, Vienna, 1995.
Илустрации: Axel Scheffler (насловна), Thomas Müller (Европа и бикот) и Polly Dunbar (Жената и дечињата)
ЕУ река (72): Жестока интелектуална дебата во добата на коронавирусот
Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.