Нема да има крај на светот

29.05.2020 00:15
Нема да има крај на светот

Климатски промени, незауздана екстракција, сечење шуми, намалување на биодиверзитетот, сѐ повеќе еколошки катастрофи... Секојдневното натрупување на овие факти кои науката сѐ подобро ги опишува, доведе до зголемување на грижата во свеста на јавноста: дали неизбежните или веќе отпочнатите промени, последица на одредени човечки активности, ќе доведат до пропаст на цивилизацијата?

Некои заговорници во овие тези го гледаат стравот од апокалипса како катализатор за акција; други укажуваат на незаинтересираноста на политичарите и размислуваат за светот после катастрофа. „Невиден успех на теоријата за пропаст“ (Le succes inattendu des theories de l'effondrement, Le Monde, 5 февруари 2019); „Пропаст, почеток на крајот“ (Effondrement, le debut de la fin, Liberation, 8 ноември 2018); Колапсологија: одложување во крај на светот“ (Collapsologie: le pari de l'effondrement, France Culture, 16 март 2019); „Ив Коше“: ’Човештвото можеби ќе изумре до 2050’“, Le Parisien, 7 јуни 2019); „Колапсологија: крај на светот или прилика?“ (Collapsologie: la fin du monde, une opportunite?, Geo, 24 октомври 2018).

Апетитот на медиумите за апокалипса е толкав што France 2 во својот документарец „Крај на светот: што ако е сериозно?“ (Fin du monde: et si c'etait serieux?, 20 јуни 2019) изнесе предвидување за декември 2029. На екраните можеше да се види сцена во која француски војници контролираат редици луѓе пред последните места со вода за пиење; електричната и водоводната мрежа се уништени, бандитите пљачкосуваат и убиваат, климатските бегалци ја преплавуваат Европа.

„Не сакам да бидете полни со надеж, сакам да паничите. Сакам декој ден да се плашите колку што се плашам јас. И, најпосле, сакам да направите нешто“, изјави шведската еколошка активистка Грета Тунберг, иницијаторка на ученичките штрајкови за клима на Светскиот економски форум во Давос 2019 година. Иако тематиката на климатската катаклизма не предизвика радикална промена на курсот на економските елити, таа ги усреќи книжарите. Летото 2019 година, полиците со бестселери за читање на плажа му беа посвесетни на Армагедонот. „Како може сѐ да пропадне. Мал колапсолошки прирачник за сегашните генерации“ (Comment tout peut s'effondrer. Petit manuel de collapsologie a l'usage des generations presentes, Пабло Сервињ и Рафаел Стивенс, Сој, 2015); „Зошто ќе пропадне сѐ“ (Pourquoi tout va s'effondrer, Жулијан Восника, Les Liens qui Liberent, 2018); „Пет стадиуми на пропаста“ (Les Cinq Stades de l'effondrement, Дмитри Орлов, Le Retour aux sources, 2016); „Да се преживее антропоценот. После граѓанската војна и пропаста“ (Survivre a l'anthropocene. Par-dela guerre civile et effondrement, Енцо Лесур, Presses universitaires de France, 2018); „Поинаков крај на светот е можен. Да се живее пропаста (а не само да се преживее)“ (Une autre fin du monde est possible. Vivre l'effondrement et pas seulement y survire), Пабло Сервињ, Рафаел Стивенс и Готје Шапел, Сој, 2018); „Човештвото во опасност. Да го промениме курсот, сите!“ (L'Humanite en peril. Virons de bord, toute!, Фред Варга, Flammarion, 20198); „Подобро достоинствено да се потоне отколку да се плута во беда. Размислувања за пропаста“ (Plutot couler en beaute que flotter sans grace. Reflexions sur l'effondrement, Корин Морел Дарло, Libertalia, 2019)...

Бранот го понесе и премиерот на Франција. „Ова прашање ме мачи многу повеќе отколку што можат да замислат луѓето (...) Ако не донесуваме добри одлуки, целото општество буквално ќе пропадне, ќе исчезне“, изјави Едуар Филип во јули 2018 за време на разговорот со Никола Уло, тогашен министер за еколошка и солидарна транзиција. Во разговорот кој беше пренесуван во живо преку интернет, Филип и Уло ја фалеа Пропаста, светски бестселер на американскиот автор Џаред Дајмонд1.

Миленаристичкото ветување

Дајмнод, кој е еколошки активист и географ, тврди дека бројни антички цивилизации пропаднале откако го загрозиле своето природно опкружување. Тој ги повикува современите еколошки елити да прават „рационални“ избори кои се однесуваат на зачувувањето на животната средина и контролата на населението. Иако научноста на неговите согледувања е доведена во прашање, неговиот углед расте: во 2009 година, група истражувачи и експерти за општествата кои ги споменува во својата книги ги разори тезите на Пропаста2. Критичарите тврдат дека Дајмонд не ги прикажува процесите кои се одвивале во античките општества, туку дека едноставно во нив ги проектира оние кои важат за современите капиталистички општества.

Подалеку од апроксимациите на еден популарен писател, клучните прашања кои ги поставува „колапсолошкото“ движење можат да се сведат на: дали разгорувањето на стравот од крај на светот е добар начин населението и неговите водачи да се мотивираат за борба против штетите направени врз животната средина? Дали ова е израз на презаситеноста од сегашниот систем на производство во кој политиката му го отстапува местото на миленаристичкиот мистицизам? Или дури на изговорите на интелектуалците кои сакаат да побегнат од загадените, надѕираните и непристапно скапите градови за во органските градини на неруралните заедници да го обноват вистинскиот однос со природата? Земајќи го предвид широкиот спектар на катастрофистичките струи, дискурсот на „пророкот на пропаста“ содржи по малку од сето наведено.

Дотичните тврдат дека можноста за апокалипса мотивира на акција. Единствено што останува е да се види каква. „Ако до идниот век моменталната стапка на раст на бројот жители и стапката на раст на индустриското производство се одржат, ќе доживееме целосен колапс на цивилизацијата“, пишуваше Рене Димон уште во 1974 година во „Вие избирате. Екологија или смрт“ (A vous de chosir. L'ecologie ou la mort, Pauvert). Во седумдесеттите, еколошките научници во Франција ја преземаа темата природа од конзервативните руралисти, заговорници на традиционалниот католицизам, за да ги поврзат социјалните прашања со прашањето за зачувување на животната средина и, на тој начин, креираа еколошка политика со левичарски предзнак. Димон, кој критикуваше бројни социјалистички држави, како и начинот на кој капиталистичките општества го користеле технолошкиот напредок, беше поддржувач на Третиот свет и гордо го носеше знамето на политичката модерност. Иако овој инженер по агрономија го користеше катастрофистичкиот дискурс, тоа го правеше за во идеолошката дебата да ја вклучи темата за паралелно уништување на биосферата и животните услови. Експлицитна мета на нападите на Димон беа „богаташите во богатите земји“ и тој редовно го критикуваше капитализмот. Затоа во делото „Утопија или смрт“ (L'utopie ou la mort, Сој, 1973) заклучи: „Општествата ученици го трасираа патот за 1789; нам ни претстои слична задача“.

Оваа политичка екологија заснована на научни истражувања обезбеди муниција за постојана критика на неисполнетите ветувања на модерноста, либералната идеологија и скиентизмот која на упаѓаше во антимодернизам, ирационалност и псевдонаука.

Тој чекор го направија нејзините денешни продолжувачи. „За колапсологијата главна е интуицијата - поткрепена со несомнените познатости“, пишуваат Сервињ и Стивенс во „Како може да пропадне сѐ“ (70 000 продадени примероци). За нив, поентата лежи во подготовката за колапс - во материјална, но и духовна смисла - преку враќање кон руралниот, штедливиот и контемплативен живот на „малите отпорни заедници“, како што организираат „транзиционистите, кои, на пример, веќе се занимаваат со развој на пермакултурата (вид ситен, одржлив еколошки дизајн и инженеринг). Ова е сурвивализам - индивидуалистичко и параноидно движење родено во САД за време на Студената војна кое наложуваше дека секој треба да ја преживее нуклеарната зима во сопствен бункер - кога ќе пројде низ гентрификацијата3!

Оваа еволуција на позицијата погрешно се доведува во врска со неоруралното движење од седумдесеттите, кое претходно имаше врска со христијанскиот анархизам на почитувачите на делото на Лав Толстој од 19 век отколку со предизвиците и искуствата од втората половина на 20 век. „Духовноста е далеку потемелен и поуниверзален факт од која било религија“, пишува Сервињ. „Таа истовремено претставува вечен феномен врз чија основа е создадена и нужност од општество во кое не постојат религиски системи“. Додава: „Постојат нерелигиозни, секуларни или дури атеистички облици на духовност“. Тоа е адекватен опис на колапсологијата која настојува да ја обнови долгата традиција на утопистичкиот комунализам со помош на ново, секуларно, толкување на миленаристичкото ветување за обнова на општеството преку катастрофа. Од Големиот потоп до Десетте египетски зла, од новозаветната Апокалипса до куранските сури кои најавуваат земјотреси, затемнувањето на Сонцето, рушењето планини и вриењето на морињата, монотеистичките религии во последните два милениуми изродија бројни заедници „чекачи“ кои ги следат катастрофите со надеж дека тие ќе доведат до воскреснување на општествата или до конечен конлфикт помеѓу доброто и злото4.

Дали навистина е можно да му се пријде на прашањето за крајот на светот на профан начин? Ние не мислиме дека е можно“, пишуваат Сервињ, Стивенс и Шапел. За колапсолозите, „митот е помоќен од фактите“; потребно е да се „помират медитаторите и активистите“ и „да се мобилизира народот како за војна“ (Сервињ и Стивенс). Сервињ за таа цел издава квартално списание посветено на крајот на светот: Yggdrasil, кое се продава на киосците и се печати во најмалку 51 000 примероци на рециклирана хартија увезена од Австрија. „Yggdrasil е име на дрво кое игра централна улога во нордиската космологија“, објаснува уредникот на списанието Иван Сен-Жур, основач на ревијата Kaizen, блиска до Пјер Раби5. „Yggdrasil е дрво-свет кое ги поврзува небото и земјата, мртвите и живите“, додава Сервињ.

Антропоцен или капиталоцен?

Колапсолозите, како секуларни миленијаристи, ветуваат среќна апокалипса: „Ќе нѐ обземе болка и среќа. Болка зашто ќе ја гледаме пропаста на животот, местата во кои сме живееле, својата иднина и своите блиски; среќа зашто (најпосле) ќе го видиме крајот на термо-индустрискиот свет и многу други токсични нешта, ќе имаме моќ да измислиме нови светови, да се вратиме кон едноставното постоење, повторно ќе го откриеме сеќавањето (наспроти амнезијата) и сетилата (наспроти анестезијата), да ги вратиме автономијата и моќта, да ги негуваме убавината и автентичноста и да одржуваме реални врски со обновената дивина. Да се доживее апокалипса не е некомпатибилно со happy collapse6“.

Доколку се држиме до дефиницијата за пропаста на еколошкиот активист Ив Коше, кој го напиша поговорот за книгата на Сервињ и Стивенс, нивната визура е далеку од извесна: „Се работи за неповратен процес кој ќе доведе законски одредените институции веќе да не можат да ги задоволат основните потреби (вода, храна, сместување, облека, енергија, итн.) на поголемиот дел од населението“. Тоа е нешто што токму сега го доживуваат стотици милиони човечки битија: 821 милион изгладнети; милијарда луѓе кои живеат во сламови; 2,1 милијарди без вода за пиење во домовите, како и речиси идентичен број луѓе кои секојдневно користат загадена вода, 900 милиони луѓе без тоалети.

Апокалипсата доби свое списание, а климатскиот колапс свои пророци. Значаен дел од политичките водачи е загрижен дека ќе направат некакво недоразбирање во односот со младата Грета Тунберг, месијата 2.0. „Јас сум само гласник“, уверува шведската средношколка (Reojignez-nous, Керо, 2019). Со долга коса, во беспрекорно бела туника, медалјон со знакот peace and love околу вратот, астрофизичарот Орелијан Бару го промовира „Најголемиот предизвик во историјата на човештвото“ (Le Plus Grand Defi de l'histoire de l'humanite, Мишел Лафон, 2019), својот бестселер со наслов позајмен од апелот зад кој застанаа режисери, пејачи, драматурзи и глумци, објавен на 3 септември 2018 година на првата страница на Le Monde со наслов „Апел на двесте познати личности да се спаси светот“. Научникот предупредува: „Живееме во доба на планетарна катастрофа.“ Затоа, „од стратешки аспект, ова прашање треба да се деполитизира. Доколку климата се поврзува со левичарското гледиште, нема да направиме ништо, зашто некои веќе со векови го чекаат самракот и тој сѐ уште не стигнал!“ (Le Point, 13 јуни 2019).

Без оглед дали под терасите на палатите апелираат на моќниците или се завртуваат кон спиритуалистичките заедници, сите „пророци на пропаста“ имаат ист поглед на светот кој се заснова на апстрактна конфликтност на две категории - „природата“ и „човештвото“ - и доаѓаат до заклучок дека живееме во антропоцен - историска епоха од развојот на Земјата во која човечките активности на негативен начин го обликуваат екосистемот. „Многу ме загрижува можноста дека овој концепт на антропоценот ќе го зајакне стариот буржоаски привид според кој одговорноста за проблемите кои ги предизвикува капитализмот ја сноси целото општество“, забележува Џејсон В. Мур, професор на Универзитетот во Бингемтон (државата Њујорк) и координатор на Мрежата за светска екологија (World-Ecology Research Network)7. Тој го спротивставува концептот на антропоценот на идејата на капиталоценот: климатските промени настануваат заради економскиот систем кој се заснова на екстракција на суровини и присвојување на бесплатната енергија - грабливост која долго време се земаше здраво за готово. Крајот ѝ се заканува на оваа стратегија за евтина употреба на необновливите ресурси на која е заснована неограничената акумулација; но не и на човештвото. „Присуствуваме на крахот на капитализмот“, смета тој. „Тоа е најоптимистичкото гледиште кое можеме да го усвоиме. Не треба да се плашиме од тоа, туку да го прифатиме. Тоа нема да биде рушење на луѓето или зградите, туку на односите на моќта кои ги претворија луѓето и остатокот од природата во објекти кои бесплатно работат за капитализмот.“

Поинаков крај е можен.

Жан-Батист Мале е новинар, автор на книгата L'Empire de I'or rouge. Enquete mondiale sur la tomate d'industrie, Fayard, Париз, 2017.

(1) Џаред Дајмонд, Effondrement, Comment les societes decident de leur disparition ou de leur survie, Gallimard, библиотека „Folio essals“. Париз, 2006. Прочитај Даниел Танури, „L'inquietante pensee du mentor ecologiste de M. Sarkozy", Le Monde diplomatique, декември 2007.
(2) Патриша А. Меканени и Норман Јофи, Questioning Collapse: Human Resillience, Ecological Vulnerability, and the Aftermath of Empire. Cambridge University Press, 2009.
(3) Пјер Шарбоние, „Splendeurs et miseres de la collapsologie. Les impenses du survivalisme de gauche". Revue du crieur, бр. 13, Париз, јуни 2019.
(4) Анри Десрош, Dieux d'hommes. Dictionaire des messianismes et des millenarismes du ler siecle a nos jours, Berg International, Париз, 2010.
(5) Читај: „Le systeme Pierre Rabhi“, Le Monde diplomatique, август 2018.
(6) Пабло Сервињ, Рафаел Стивенс и Готје Шапел, Une autre fin du monde est possible. Vivre l'effondrement (et pas seulement y survivre), Сој, Париз, 2018.
(7) Камил Ахсан, „La nature du capital: un entretien avec Jason W. Moore", Periode, 30 ноември 2015, http://revueperiode.net, cf. исто: Џозеф Конфавро и Џејд Линдгард, „Jason W. Moore“, Mediapart, 13 октомври, 2015, www.mediapart.fr

Слики: Lori Nix, Kathleen Gerber

Извор: Le Monde diplomatique

ОкоБоли главаВицФото