Големо враќање на сложувалките

30.05.2020 00:56
Големо враќање на сложувалките

Светот на сложувалките, актерот Патрик Стујарт еднаш го нарече „тајно друштво“. Секогаш имало познати обожаватели на сложувалките, како што е колегата на Стујарт, Хју Џекмен, но големото мнозинство само со шепот говореа за својата пасија. Сепак, во услови на пандемија, Елен Деџенерис на Инстаграм ги забележа своите доживувања со сложувалката од 4.000 парчиња.

Сега, кога поголем дел од светот е затворен помеѓу четири ѕида и се обидува да го убие времето во самоизолација, сложувалките добија нова улога: тие се инструмент за спас на човештвото. Премиерот на Австралија, Скот Морисон, објасни дека тие се дури и „есенцијални“ , што значи дека на луѓето им беше дозволено да излезат да купат сложувалка како насушна потреба.

Одеднаш обновената желба да се набават сложувалки, или пак нивното собирање – го трансформираше ова тивко хоби и пред компаниите постави големи предизвици, бидејќи побарувачката е поголема од онаа што знае да биде пред Божиќ, кога традиционално се подаруваат сложувалки.

Германскиот произведувач на сложувалки „Равенсбургер“ со годишна продажба во вредност од 600 милиони долари се обидува да ја згасне жедта на потрошувачите во време кога протоколите за социјално дистанцирање го принудуваат поинаку да ги организира смените во фабриката на југот на земјата.

Компанијата не може лесно да го зголеми производството затоа што за секоја нова сложувалка се потребни неколку недели. Секое парче се слика рачно и мора да биде со единствен облик за да се избегне каква било случајна грешка при сложувањето. Пред да се исече сложувалката, секое нејзино делче се прецртува на лист хартија поставен врз довршената слика.

Потоа металните делови се обликуваат за да се направи деталната „модла за колачи“ за секоја специфична сложувалка; лиењето трае и до четири недели. Овој сечач може да се користи само во ограничен број пред да му отапат рабовите. Може да се наостри само еднаш, а потоа се фрла во отпад. Во деловите од годината кога има поголем обем на производство, компанијата троши ипо неколку модли за еден ден.

Но, пред да се започне со производство треба да се избере вистинската слика за сложувалката.

„Реткост е добро да излезе кога само ќе земете слика што убаво изгледа и ќе ја ставите на кутијата“, вели Филип Франке, извршен директор во „Равенсбургер“ за северна Америка.

Луѓето повеќе сакаат слики коишто се преполни со детали и шаренило, освен ако не сакате да се измачувате со еднобојна сложувалка.

„Важно е сликата да биде таква што ќе ве вовлече во својот свет, па можеби и да ве однесе во некое друго време“, вели Томас Кепелер, претседател на „Равенсбургер“ за северна Америка. „Да може да замислите дека сте на некоја плажа“.

Секогаш се многу популарни призори кои предизвикуваат чувство на топлина, мекост и спокојство (или она што Данците го нарекуваат „hygge“). Но интересите, исто така, се менуваат со возраста. Една британска компанија „Гибсонс“ има цела производствена линија посветена на милениумците. Темата? Авокадо.

„Равенсбургер“ има фокус групи и ги следи платформите како што се „Reddit“, Инстаграм и Етси за да ги идентификува трендовите. Тие прават профил на потрошувачот на кој сакаат да му се обратат и визуелна „табла со располошение“, која објаснува каква личност е потрошувачот и што уште некој таков можеби сака; потоа еден дизајнер работи со уметникот за да ја создадат сликата.

Кога ќе се направи сликата, таа ќе се залепи на картон и кога ќе се дизајнираат делчињата на сложувалката, на врвот се става модлата, под притисок од илјада тони.

Произведувачите даваат сè од себе да ги исполнат нарачките, сега, кога голем број луѓе ширум светот, повторно ја открија страста за сложувалките.

Чарлс Кинг, директор на продавницата „Jigsaw Puzzles Direct“, од североистокот на Англија, има голема мака со услугата. На купувачите треба да им се објасни зошто некои сложувалки ги нема, а дневно добива по неколку илјади нарачки. Многумина редовни купувачи се повозрасни луѓе. „Бев загрижен за нив“, вели Кинг.

Извор: The New York Times


 

ОкоБоли главаВицФото